Промовиран новиот скенер за поштенски пратки со цел убрзување на испораката за достава на пратки до крајниот корисник

На 18.11.2019 година во просториите на царинска испостава Пошта, директорот на царинска управа м-р Ѓоко Тансоски и министерката за финансии д-р Нина Ангеловска, го промовираа скенерот за контрола на поштенски пратки, донација на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

Скенерот ќе овозможи поштенските пратки да се гледаат веднаш при добивање, со што се крати процедурата за доставување до крајниот корисник за два-три дена, како и намалување на трошоците на граѓаните бидејќи пратките за кои ќе се утврди дека во нив нема нешто сомнително, веднаш се пуштаат до примачот, без задржување во поштенските простории и наплата на трошоци.

– Од гледна точка на Царината, е-трговијата се користи за продажба на физички производи преку интернет, вклучително и фалсификувани производи, за кои ние, како Царинска управа мораме да бидеме спремни и да превенираме евентуален внес на каква било недозволива стока. Со употребата на скенерот ќе се забрза прегледот на е-пратките и ќе се зголеми можноста за откривање на недозволена трговија. Ако зборуваме за безбедноста, пред сѐ за заштита на населението, што е една од примарните задачи на Царинската управа, скенерот овозможува детектирање на пратки кои согласно позитивните законски прописи содржат материи кои се забранети за внесување во нашата држава. Од друга страна, наша задача е да го заштитиме правото на интелектуална сопственост, како и други мерки на трговска политика- посочи директорот Танасоски.

-Кога зборуваме за олеснувањето на прекуграничната е-трговија треба да се земат предвид двете страни. Константни се барањето на граѓаните за зголемување на прагот на вредноста на стоки што подлежат на ослободување од плаќање на царина. Од друга страна има голем притисок на одредена категорија на граѓани кои низ превезот на поголеми повластици сакаат да вршат нелегална трговија. Затоа работиме на  подобрување на процесите и зголемување на ефикасноста – рече министерката Нина Ангеловска.

Укажувајќи дека има значителен простор за подобрување, министерката Ангеловска посочи дека употребата на скенерот е еден чекор за подобрување на Индексот на логистички перформанси, кој ја мери ефикасноста и квалитетот на поштенската испорака и е многу значаен за развој на електронската трговија, со што ќе овозможи без да се отвораат пратките да се види што има во нив. Со тоа се намалува можноста за злоупотреба и се врши автоматизација на процесот. Освен на олеснување на увозот, се работи и на олеснување на извозот.

Исто така за време на презентацијата, истакнато беше и дека во тек се сеопфатни анализи кои ќе покажат кој е оптималниот праг за ослободување од увозни давачки кај малите пратки, по што ќе следи негово зголемување.

Скенерот кој веќе се користи во царинска испостава Пошта е донација преку програмата EXBS од амбасадата на САД во РС Македонија, со вредност од 59.000 долари. Вкупната донација на опрема изнесува 80.000 долари, вклучително и обука на вработените за користење на софтверот кој го содржи со цел максимално да се искористи потенцијалот кој ни го нуди.

Амбасадата на САД преку Програмата EXBS во изминатите години ѝ донираше на Царинската управа оперативна опрема во вредност од над 2 милиони американски долари, а со цел да се унапреди целокупното царинско работење и да се остварат подобри резултати во олеснувањето на меѓународната трговија и зачувување на безбедноста на општеството. Резултатите од донираната опрема се мерливи и покажуваат импозантна бројка на заплени. Со примена на опрема слична на оваа за која денес зборуваме, спречени се бројни обиди за криумчарења, што е од огромна важност пред сѐ за безбедноста на општеството, но и за спречување на обиди за оштетување на буџетот.