Македонските потрошувачи и електронската трговија

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во изминатиот период работи на сеопфатна анализа за е-трговијата во Македонија која изобилува со податоци за навиките на македонските потрошувачи при купувањето онлајн, користењето на интернетот од страна на компаниите и од страна на потрошувачите, е-трговијата во Македонија споредена со е-трговијата во европските земји. Анализата ќе се објави наскоро, а дел од податоците кои таа ги содржи можете да ги прочитате во овој блог пост, чиј фокус е однесувањето на просечниот македонски купувач.

 

Каква е состојбата со трансакциите и Македонците?

Од сеопфатната анализа за е-трговија може да се заклучи дека Македонците преферираат кеш со оглед на фактот дека од вкупните направени трансакции на домашни уреди во 2017 година, 69% се повлекување пари од банкомат. Сепак овој тренд се намалува, односно во 2016 година повлекувањето од банкомати изнесувало 72% од вкупниот број на трансакции. Понатаму, само 20% од населението со пристап до интернет купило онлајн во 2017 година, што Македонија ја става на претпоследното место (пред Црна Гора) споредбено со останатите европски земји.

 

Каков е уделот на Македонците во е-трговијата?

Уделот на онлајн продажните места во вкупната вредност остварена со картички од Македонците кон странство и кон дома во 2016 година изнесувала 3%, а во 2017 година изнесувала 3.3%. Просечната вредност на нарачките направени со картички на онлајн продажни места во Македонија 2016 година е 1557 денари за физички лица и 1789 денари за правни лица. Оваа вредност за 2017 година е 1538 за физички лица и 2271 за правни лица што претставува намалување за 0.01% кај физичките лица и зголемување за 0.27% кај правните лица. Од друга страна, просечната вредност на нарачките направена од домашни картички во странство за физички лица за 2016 година изнесува 27.22 евра, додека за правни лица оваа сума е 129.3 евра. За 2017 година, просечната сума за физички лица изнесува 25.85 евра, додека за правни лица изнесува 130.1 евро. Најголем број од трансакциите Македонците ги направиле во Обединето Кралство, Луксембург, Унгарија, САД и Ирска.

 

 

Што купуваат Македонците?

Месеците февруари, март, септември и ноември се месеци во кои најмногу се купува на виртуелните места за продажба од страна на Македонците. Сепак, тие купуваат еднаш до два пати во три месеци, со вкупна вредност на нарачката до 50 евра. Од Македонците кои купувале во странство во последните 12 години, најмногу, односно 63% купиле електроника, облека, играчки.

Од оние кои купиле или нарачале онлајн најмалку купувале од домашни продавачи, односно само 31% и има тренд на опаѓање споредбено со 2010 година, кога 51% од онлајн нарачките биле направени кај домашни компании. Од друга страна, во земји како Турција, Полска, Германија 90% од онлајн продажбите се направени од домашни купувачи.

 

 

Македонците онлајн најмалку купувале материјали за е-учење, софтвер за видео игри и друг компјутерски софтвер, филмови или музика и храна и производи за секојдневна употреба. Најмногу купувале облека и спортска опрема, електронска опрема и камери. Купувањето на облека како процент на вкупно онлајн купување е на еднакво ниво со европскиот просек од 64% за последните 12 месеци.

Следете не’ бидејќи наскоро следува нов блог пост со корисни информации кои се дел од сеопфатната анализа за е-трговија во Македонија која ја прави Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со поддршка на MasterCard.