Кој платежен систем го преферираат Македонците?

Еден од условите за е-трговијата е начинот на плаќање односно платежниот систем кој овозможува примање на електронско плаќање за електронска трансакција. Со развојот на технологијата, се развива и платежниот систем. Платежниот систем за онлајн купување се обработува во сеопфатната анализа за е-трговија, која ја изработи Асоцијацијата со поддршка на MasterCard. Дел од податоците кои анализата ги содржи за плаќање при онлајн купување може да ги прочитате во овој блог пост.

Платежен систем базиран на сметки

Ваквиот платежен систем постои во 6 форми, а овозможува плаќање преку постоечка персонализирана сметка. Овие форми се: кредитна платежна картичка, дебитна платежна картичка, медијаторски системи т.н. „е-паричник“ како на пример PayPal, мобилно плаќање и систем на телефонски сметки (со контактна радиотехнологија која се извршува во физичко присуство на купувачот и продавачот и мобилно далечинско плаќање) и електронско банкарство.

Систем на електронски пари

Системот базиран на електронски пари дозволува онлајн купување ако купувачот има онлајн пари. Ваквиот систем има две форми: смарт систем на картички кој генерално се користи за мали суми и онлајн кеш систем кој е софтверски систем на електронски пари базиран на „потпишани пари“.

Дигиталните пари или крипто валутите како Биткоин добиваат на популарност, а во одредени интернет продавници веќе се прифаќаат за онлајн плаќање.

Платежен систем во Македонија

Во Македонија најчесто се користи платежниот систем базиран на сметка. Ваквиот систем претпоставува трансакциска сметка за која се издаваат картички. Секое физичко лице на крајот на 2017 година во просек поседува по 2,2 трансакциски сметки, додека секое правно лице во просек има 1.6 трансакциски сметки. Како процент на населението постаро од 15 години, сметки имаат 72% што е помалку споредбено со 2011 година, кога 73.7% од населението постаро од 15 год. имало сметка. Во 2014 година сме над Балканските земји, Романија и Турција по процент на посед на сметка на население постаро од 15 год. но сепак сме под европскиот просек кој таа година изнесува 95%.

Иако се забележува раст на трансакциски сметки достапни за онлајн плаќање, сепак многу малку се користат. Во јануари 2010 година, од вкупниот број на сметки, 9.6% имале пристап преку компјутер или друг уред за онлајн плаќање и извештаи, а од нив 92% биле само за извештаи. Во декември 2017 година, 20% се сметки достапни преку компјутер или друг уред за извештаи, од кои 41% се користат и за плаќање. Сепак, само 8% од вкупниот број на трансакциските сметки може да се користат за онлајн плаќања. Од анализите направени од банките, околу 2/3 од клиентите на банките кои се корисници на електронски канали за вршење на плаќање и увид во состојбата на трансакциската сметка се неактивни.

Покрај платежниот систем базиран на сметка, во Македонија сè уште се користат и рудиментални форми за плаќање како плаќање со уплатница и плаќање при испорака.

 

Извор: Светска Банка и Народна Банка на Република Македонија

Поврзани содржини