[Интервју] ДХЛ Експрес – лидер на македонскиот пазар за експресна достава

Доставата е клучен дел од синџирот на е-трговија и компаниите за достава имаат клучна улога во растот на е-трговијата. На македонскиот пазар DHL е еден од главните учесници кој дава посебно значење на е-трговијата во својата стратегија во насока на стимулирање на домашните компании да ги извезуваат повеќе своите производи на глобалните пазари. http://shipping.dhl.com.mk/

Како рамноправен член на „Дојче Пост ДХЛ”, ДХЛ Експрес Македонија е основана во 1993 год. со 100% странски капитал и претставува дел од светската мрежа на ДХЛ повеќе од две децении. Системот на групацијата DHL опслужува повеќе од 4,2 милиони клиенти на 675.000 дестинации во повеќе од 220 земји и територии, со тим од 286.000 професионално обучени вработени, сопствена флота од 350 авиони и преку 150.000 возила.

На македонскиот пазар нуди широка лепеза на услуги во домашниот и меѓународниот транспорт, услуги кои се препознатливи и различни од останатите во оваа индустрија. Она што е особено значајно за големите пратки е тоа што од 2001 година па наваму, ДХЛ Експрес Македонија е дневно поврзан со меѓународната ДХЛ мрежа со сопствен карго авион со носивост од 4.5 тони, кој сообраќа 5 пати седмично од и кон Скопје, во сите работни денови. Благодарение на оваа инвестиција, корисниците од Македонија ги имаат на располагање стандардните транзитни перформанси (overnight delivery) како и во земјите од ЕУ, без разлика на големината и тежината на нивните пратки.

За да дознаеме нешто повеќе, направивме интервју со Сашко Неделков, комерцијален менаџер во ДХЛ Експрес.

Кои се клиентите на DHL? (Македонски компании кои испраќаат и примаат пратки? Поединци?)

Портфолиото на клиенти на ДХЛ Експрес се состои од над 4000 компании кои во ДХЛ имаат препознаено логистички партнер за извоз и увоз, односно решение за најбрз пристап до глобалните пазари.

Каков е соодносот на дојдовни и појдовни пратки?

Генерално гледано Македонија е увозна земја со поголем увоз отколку извоз, и овој тренд е забележителен и во соодносот на пратки кои се извезуваат односно увезуваат преку ДХЛ. Според нашите податоци соодносот е 65% на увозни наспроти 35% на извозни пратки кои се транспортираат со ДХЛ Експрес.

Какви пратки најчесто се испраќаат кон странство?

Клиентите го користат ДХЛ Експрес за експресна испорака на документи, пакети, примероци, осетливи содржини, биолошки материјали за испитување и се она за што е потребна брза, сигурна и навремена достава. Она по што се разликуваме од останатите се и услугите со гарантирана достава до одредено време Express 9, Express 10:30, Express 12 со кое на клиентите им овозможуваме достава на нивните пратки наредниот можен работен ден, во најзначајните метрополи во Европа и САД до 9, 10:30 или до 12 часот наутро.

Колку Македонски компании опслужува DHL за испраќање на пратки кон странство? Каков е соодносот на компании и поединци?

Портфолиото на ДХЛ Експрес Македонија го сочинуваат во најголем дел, односно околу 90% компании и околу 10% приватни лица.

Кои индустрии за најзастапени според бројот на испратени пратки?

Помеѓу најзастапените индустрии се текстилната индустрија, тутуно-преработувачката, винариите, компании од металуршката индустрија, автомобилската индустријата и други.

Колку е-трговци опслужува DHL за испорака на нивните производи интернационално?

ДХЛ Експрес во моментов активно соработува со околу 50 е-трговци, но сведоци сме дека интересот за е-трговија секојдневно се зголемува и очекуваме оваа бројка значително да се зголеми до крајот на годината.

Кон кои земји најчесто се пратките од е-трговците?

Од нашето искуство најголем број на пратки кои се испраќаат од е-трговците се кон САД, Канада, ЕУ а во последно време и кон земјите од блискиот исток.

Со кои предизвици се соочуваат е-трговците при испораката? Дали може да посочите некои?

Најчесто се соочуваме со е-трговци кои немаат доволно познавање од царинските процедури за извоз, односно испорака надвор од Македонија. Процедурата за извоз која со сегашната регулатива е потребна за секоја продадена пратка која се испраќа надвор од МК, претставува дополнителен ангажман и за трговецот и за нас како транспортери, но се надеваме дека во иднина ќе се најде поедноставно решение, односно регулатива која би го скратила или поедноставила целиот процес.

Со кои предизвици се соочува DHL при испораката и прием на пратки (долги процедури, административни бариери)?

Кога зборуваме за извозот, царинската процедура таква каква што се бара во моментов претставува процес кој одзема време но и создава трошоци кои се на грбот на трговецот, така што тука е главниот предизвик со кој сме соочени ние и нашиот клиент. Во однос на дојдовните пратки, и тоа е сегмент каде мислиме дека треба да се промени во однос на регулативите. Во моментов некомерцијални пратки со вредност до 22 еур може да се пуштат во слободен промет, додека се што е над оваа вредност мора да помине низ увозна процедура, што повторно создава трошоци за нашите клиенти.

Како сметате дека може да се надминат овие предизвици или како вие се справувате со нив моментално?

ДХЛ и досега земаше активно учество во најразлични трибини организирани со Царинската Управа и со Стопанската Комора со цел за подобрување на процесите и процедурите кои се пропишани за извоз и увоз. Основањето на Асоцијацијата за е-трговија го гледаме како уште една можност каде ќе можеме да настапиме заедно со други членки од повеќе засегнати страни кон подобрување на повеќе аспекти на е-трговијата.

Какви програми, политики или мерки сметате дека се потребни за стимулирање во насока на зголемување на извозот на домашните компании?

Тука повторно мораме да ги споменеме царинските процедури, и нивното поедноставување како еден неизбежен дел од прекуграничната трговија. Ова директно би влијаело врз работата на самите трговци и намалување на нивните трошоци, нивната конкурентност на глобалниот пазар, а и би допринело до поголемо задоволство кај крајните купувачи од аспект на побрза испорака на нивната пратка, што секако носи повеќе нови и лојални постојани купувачи. Потоа уште еден аспект е процедурата за враќање на роба, која во моментов не е до крај дефинирана со царинските регулативи. Секако постојат и други аспекти кои не се директно поврзани со транспортот но би придонеле за зголемување на извозот како поедноставување на начиите на плаќање, влез на т.н. “fintech” компании, како и доедуцирање на сите заинтересирани трговци кои сметаат дека за нивниот производ има побарувачка на глобалниот пазар, за начините како успешно да ја креираат нивната приказна.