АЕТМ беше дел од панел дискусија во рамките на CEFTA Week во Тирана

Минатата недела, почнувајќи од 16 до 19 декември, во Тирана, Албанија се одржа годишната „CEFTA Week” (Недела на ЦЕФТА), а централниот настан беше меѓународната конференција насловена „Претворање на предизвиците во можности“, која се состоеше од четири панел дискусии: „Регионална економска интеграција денес и утре“, „Зголемување на регионалната трговија: Напредок и следни чекори“, „Либерализацијата на трговијата со услуги – нова рамка“ и „ЦЕФТА 2020: Заедничка визија кон иднината“.

На 18 декември, тимот на АЕТМ присуствуваше и беше дел од панел дискусија во рамките на „Недела на ЦЕФТА”.

Панел дискусијата во која учествуваше АЕТМ беше насловена „Либерализација на трговијата со услуги – Нова рамка“. Модератор на панел дискусијата беше Здравко Илиќ, експерт за трговија на услуги во Секретаријатот на ЦЕФТА во Брисел, а говорници на панел дискусијата беа (по редослед на седење):

  • Ирена Малоли, Директор во Албанското министерство за инфраструктура и енергија
  • Ивана Прица, Професор на Факултетот за Економија, на Универзитетот во Белград
  • Александар Бировлјев, експерта за е-трговија и онлајн плаќања
  • Марија Ристовска, проект-менаџер во Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија

На панел дискусијата се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат е-трговците во регионот и за можните решенија за надминување на истите. Меѓу најистакнатите предизвици беа културните разлики, непознавањето на правилата и законите во другите земји, долгите административни процедури, различните политики за заштита на потрошувачите, различни платежни методи, различни стандарди за квалитет и недоволната едукација за постапки при извоз на производи или услуги.

Како решенија, од оваа панел дискусија произлегоа: намалувањето на тарифите на мобилните оператори (за роаминг и интернет пакети) помеѓу земјите членки во ЦЕФТА, креирање на едни единствени правила и закони за размена на производи и услуги помеѓу членките, исти методи за плаќање, подобра соработка помеѓу поштите во рамките на ЦЕФТА со фокус на цената за испраќање и времето за достава и пред сѐ, зголемена едукација на членките и на самите компании за е-трговија.

Конференцијата, претставува понатамошен чекор кон зајакнување на трговијата со производи и услуги помеѓу самите страни, нивните економии, ЕУ и глобалниот пазар. Целосната имплементација на ЦЕФТА ќе обезбеди рамка за економиите со мал капацитет за подобрување на конкурентноста на производите и услугите од регионот на ЦЕФТА. Младите претприемачи и почетници ќе можат да ги нудат своите производи не на еден, туку на седум пазари и пошироко.

Централноевропскиот договор за слободна трговија – ЦЕФТА (Central European Free Trade Agreement) претставува трговски договор меѓу земјите кои не се членки на ЕУ, чии членови се земји од Југоисточна Европа: С.Македонија, Србија, Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Основана од страна на претставници на Полска, Унгарија и Чехословачка во 1994 година, ЦЕФТА има за цел да ја либерализира регионалната трговија и трговијата со услуги и да ја зајакне климата за инвестиции. ЦЕФТА исто така е дел од патот за пристапување кон ЕУ во WB6, бидејќи ги мотивира членките да го забрзаат усогласувањето на нивната регулатива со ЕУ.

Инаку, нашата земја е членка на ЦЕФТА договорот од 2006 година.

 

Поврзани содржини