Интервју ИЛИЈА СЕРАФИМОВ: Нудиме решение кое ќе ги поврзе и синхронизира е-продавницата и софтверот за финансово-материјално работење (EРП)

Serafimov Group е компанија која се занимава со креирање на дигитални стратегии, веб дизајн, дигитален маркетинг, графички дизајн и закуп на домени. Присутна е на македонскиот пазар повеќе од 10 години, и нивната цел е носење на нови технологии за бизнисите на луѓето со цел да се забрзаат и автоматизираат нивните секојдневни процеси, да се намалат трошоците и да се зголеми нивната заработувачка.

Околу нивните почетоци, идеи и имплементација на решенија за е-трговија кај нивните клиенти разговаравме со Илија Серафимов, основачот на Serafimov Group.

AETM: Постоите повеќе од 10 години на македонскиот пазар. Со што всушност се занимава Serafimov Group, кажете ни нешто повеќе за вас и вашите идни планови?

Серафимов: Serafimov Group започна со дејствување како компанија за развој на софтвер и тоа софтвер по желба. За кратко време го смени својот правец на дејствување и навлезе во веб дизајнот. Со тек на време, компанијата почна да ги практикува и комбинира двете работи, а сега се обидува да го “јавне бранот” наречен електронска трговија, па дури и да биде пионер во одредени сегменти.

AETM: Кажавте дека сакате да навлезете повеќе во е-трговијата. Кои се вашите планови на ова поле? Планирате да развивате некои алатки кои би го олесниле процесот за е-трговците, или можеби веќе го имате направено тоа?

Серафимов: Под електронска трговија подразбираме целосно автоматизирана електронска продавница, или популарно наречена веб шоп. За прв пат ќе понудиме решение, кое ќе ги поврзе и непрекинато ќе ги синхронизира електронската продавница и софтверот за финансово-материјално работење, или познат како ЕРП. Од една страна, автономно, ќе ги превзема продуктите од базата на софтверот, а од друга страна, во истата таа база, ќе ги меморира примените уплати и ќе ја регулира залихата.

АЕТМ: Како дојдовте до оваа идеја?

Серафимов: Идејата беше поттикната од проблематика, која ја разгледувавме и анализиравме подолго време. Кога почнавме да нудиме изработка на електронски продавници, одговорите од компаниите на нашите понуди беа полни со сомнеж, односно повеќе од 70% размислуваа за: како би ја полнеле таа електронска продавница со продукти; треба да се вработи човек само за тоа; или на вработените од сметководство дупло работа да им се даде, ем да ја полнат е-продавницата, ем да регулираат залиха и да забележуваат уплати во ЕРП софтверот. Од тие причини, одлучивме да ги решиме сите тие проблеми со помош на нашето новоразработено решение, наречено eShop, кое им помага на компаниите чии е-продавници се базирани на WordPress платформа и го користат Pantheon ЕРП софтверот на компанијата Даталаб меѓусебно да ги поврзат.

AETM: Зошто ги користите токму Pantheon и WordPress? Сте размислувале можеби и за некакво унапредување на софтверот со цел да се опфатат и останатите компании кои не ги користат WordPress и Pantheon?

Серафимов: Да, се разбира. Но, во овој момент, не е возможно да изработиме универзално решение од таков вид. Постојат безброј ЕРП софтвери низ Светот и уште повеќе т.н. CMS (Content Management System) платформи за изработка на е-продавници. По направените истражувања, дојдовме до заклучок дека Pantheon користат над 130.000 корисници, во 11 земји во Европа, вклучително и нашата, а WordPress е лидер во Светот помеѓу CMS-ите, и заедно со додатокот WooCommerce, се користат од страна на над 76.5 милиони корисници за изработка на е-продавници. Поради сето ова, со леснотија ги избравме токму овие два софтвери.

AETM: Вашата компанија на почетокот на 2019 година стана член на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се вашите очекувања од членството во истата и како ја оценувате досегашната работа на АЕТМ? Кои се работите што треба да се променат во Македонија од аспект на онлајн трговија со цел оваа дејност да го достигне својот максимум?

Серафимов: Она што очекуваме е да се зголеми информираноста, поддршката и вмрежувањето, но пред се, заеднички да се заложуваме за развојот на е-трговијата. Асоцијацијата е одлична и поради тоа сме навистина горди на членството и партнерството со истата. За да се достигне максимумот, сметам дека треба да се продолжи со поттикнување на купувачите да ги користат своите платежни картички, а истовремено и со охрабрување и нагласување на безбедноста на нивните лични податоци и најважно, да ги мотивираме што повеќе на компаниите да “преминат онлајн”.