Во периодот од 29 ноември до 12 декември 2019 година, В.Д Претседателот на Асоцијација за е-трговија на Македонија – Филип Чижбановски, заедно со 19 други претставници од институции од Република Северна Македонија (Секретаријат за Европски прашања, Комисија за заштита на конкуренција, Царинска управа, Централен Регистар, Министерство за финансии и Министерство за економија, Влада на Република С. Македонија) ќе бидат дел од Семинарот за е-трговија и меѓугранична е-трговија, во организација на Џиангши колеџот за странски студии во Нанчанг, Кина.
На официјалното отворање на Семинарот за е-трговија и меѓугранична е-трговија претседаваше г-ѓа Зонг Пингуа, директор на тренинг центарот на Џиангши колеџот за странски студии во Нанчанг, додека свое официјално обраќање имаа г-ѓа Хуанг Шечин, директор на одделот за меѓународна економска соработка на Јангџи колеџот за странски студии во Џиангши и г-ѓа Зуица Змејковска советник за мониторинг и евалуација на Европските фондови во Секретаријат за Европски прашања на Северна Македонија.
Во текот на семинарот, присутните ќе имаат можност да се запознаат со е-трговијата и меѓуграничната е-трговија на Народна Република Кина, финансиската поддршка од банките и останатите институции за компаниите кои се занимаваат со меѓугранична е-трговија, развојот и поставеноста на закононите на е-трговијата во Кина, разликите и сличностите помеѓу меѓуграничната е-трговија и традиционалната трговска размена, поддршката од царинската управа во развојот на меѓугранична е-трговија, вовед во платформата за глобална меѓугранична е-трговија, изградбата на меѓуграничниот платежен систем за е-трговија на Кина, како и анализа на неколку компании преку студија на случај кои ќе ја доближат е-трговијата во Кина поблиску до нас.
Семинарот дополнително ќе биде збогатен со патување во Хангзоу и Шангај. Во областа Хангзоу, која е позната како област во која најголем дел од компаниите се специјализирани за е-трговија (Алибаба е една од компаниите кои потекнуваат од оваа област), каде ќе се посетат неколку компании со цел од близу да се долови работната атмосфера и принципите на работа поврзани со е-трговија и меѓугранична е-трговија во Кина. Шангај, од друга страна важи за економски центар на Кина.
Семинарот е под покровителство на Министерство за трговија на Кина, а во организација на Секретаријатот за европски прашања.