Започнатa реформa за забрзување на трговијата и транспортот – се имплементира Национален едношалтерски систем

На 07.02. во хотелот DoubleTree by Hilton се одржа настан на кој беше презентиран Националниот едношалтерски систем кој ќе го имплементира Царинската управа заедно со 16 државни институции, при што на највисоко владино ниво е започната реформа за унапредување на политиките за забрзан транспорт и трговија се со цел подобрување на условите за водење бизнис и забрзана интеграција во ЕУ.

За имплементација на овој систем се обезбедени 4 милиони долари од Светска банка преку Проектот за забрзување на транспортот и трговијата на Западен Балкан. На настанот покрај директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, свое обраќање имаа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, Татјана Марковска од Светска банка, претставници од други институции што се вклучени во процесот и консултанти од конзорциумот вклучен во имплементација на проектот.

„Новиот систем ќе овозможи целосна дигитализација на процесите на издавање дозволи и лиценци и нивно плаќање, колективно користење на податоците од страна на институциите, можност за комуникација со системите на други земји, издавање на дозволи под еден „покрив”. Истиот треба да ги намали трошоците и времето на чекање потребно за завршување на извозните и увозните постапки. Ова ќе овозможи олеснување на трговијата, забрзување на транспортот, забрзана интеграција во ЕУ, а со тоа и зголемување на конкурентноста на македонското стопанство и подобрување на условите за водење бизнис”, истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.

Богоев вели дека истовремено преку имплементација на системот ќе се овозможи унапредување на анализата на ризик за сите институции коишто се вклучени во издавањето дозволи во прекуграничната трговија со што ќе се намали бројот на контроли, а истовремено ќе се зголеми квалитетот на истите.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи потенцира дека Владата е силно посветена на олеснување на административните и сите останати бариери за транзит, затоа што денешниот бизнис како никогаш досега бара јасни, предвидливи правила, и максимална ефикасност на институциите кои ќе овозможат континуиран проток кој нема да креира застој во одвивањето на бизнис процесите.

„Националниот едношалтерски систем ќе служи како алатка за унапредување на ефикасноста и транспарентноста на прекуграничната трговија. Со консолидирање на различни процеси поврзани со трговијата во унифицирана платформа, со која се врши рационализација на бирократските процедури, и со која се намалуваат бирократските процедури. Ова не само што ќе ги олеснува интеракциите помеѓу владините институции и приватниот сектор, туку и значително ќе ја подобри климата на водење бизнис. Едношалтерскиот царински систем има значајна улога во поттикнувањето на економскиот раст и привлекувањето странски инвестиции, и е дел од една поширока визија за дигитална трансформација и иновации во јавниот сектор. Истиот е гаранција дека нашата држава навремено се подготвува и ќе биде спремна да стане дел од европската царинска унија а со тоа нашите компании ќе можат подготвени да пристапат до единствениот пазар на ЕУ”, вели Битиќи.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, рече дека се работи на тендерската документација при што тендерот за имплементација на системот ќе биде објавен во првото тримесечје од годинава. 

“Се работи за целосно нов систем и синхронизација на 16 државни институции. Истовремено како дел од Проектот на Светска банка се работи на имплементација на интелигентен транспортен систем. Ова но и рехабилитацијата на сите патишта ќе овозможи забрзана трговија и транспорт”, вели Бочварски.

Татјана Марковска, потенцира дека Светска Банка е активно вклучена во процесот за воведување Националниот едношалтерскиот систем  од 2019 година преку финансирање на регионалниот Проект за олеснување на трговијата и транспортот во износ од 30 милиони долари.

„Освен воведување на едношалтерскиот систем, преку овој проект се финансира и модернизација на граничните премини. Во тек е поставување на систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на сите гранични премини во земјава, со што ќе се зголеми автоматската контрола врз патничките и товарните возила што ги преминуваат границите”, истакна Марковска и притоа додаде дека покрај олеснување на трговијата, проектот работи и на олеснување на транспортот преку воведување на Интелигентен транспортен систем на јужниот дел на коридорот 10.


Кирил Миновски од конзорциумот вклучен во реализација на проектот истакна дека:

„Управувањето со промени во воспоставувањето на Националниот едношалтерски систем генерира капацитет во институциите и значително намалува неизвесностите и ризиците при неговата имплементација и примена.”