fbpx
+389 78 58 44 48
info@ecommerce.mk

Новости

Забрзан раст на е-трговијата и во третиот квартал – Македонците се повеќе купуваат од домашни е-трговци

По растот од 178% во вредноста на онлајн трансакции со домашни картички кон домашните е-трговци во вториот квартал од 2020 споредено со минатата година, Македонците продолжиле и во третиот квартал со засилено темпо да вршат онлајн трансакции.

Согласно последните објавени податоци за платежна статистика од Народната Банка, растот на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон домашни интернет продажни места изнесува 173%. Во третиот квартал реализирани се 43.5 милиони евра кон домашните е-трговци, додека за првите девет месеци од годината 117.3 милиони евра, што е раст од 123% споредено со 2019 година, кога вредноста изнесувала 52.7 милиони евра. 

Иако апсолутната вредност на реализирани трансакции од странци (странски картички) кон домашни е-трговци е ниска, треба да се напомене дека се забележува раст од 69% во вредноста во третиот квартал (растот во првиот квартал изнесувал 5%, додека во вториот 38%). Вкупната вредност за првите девет месеци годинава изнесува 7.2 милиони евра, што претставува раст од 36% споредено со истиот период лани. 

Трендот на опаѓање на трансакциите од Македонци кон странски е-трговци продолжува и во третиот квартал, но со нешто забавено темпо. Ако во вториот квартал беше забележан пад од 73% на вредноста на трансакцииите кои Македонците ги реализирале кон странски е-продавачи, во третиот квартал изнесува 50%. 

Ако се имаат предвид рестриктивните мерки и затворањето на економиите кои ги наметна панедимијата, може да кажеме дека во голема мера овој пад се должи на патувањата во странство за кои најчесто се резервира и плаќа онлајн – авио билети, преку сајтовите на авио компаниите и хотелско сметување и аранжмани, booking.com и останати платформи.

“Има навистина голема потреба за подобрување на официјалните податоци од областа на е-трговијата кои се прибираат и објавуваат од надлежните институции. За да знаеме каде одиме и како напредуваме потребна е јасна слика за индустријата. Така на пример во вредноста на трансакциите кон интернет продажни места влегуваат купувања реализирани со платежни картички кон домашни е-продавници како и плаќање на сметки за струја, вода, телефонски услуги, владини услуги и слично, односно секоја трансакција која се процесира онлајн со картичка. Потребна е категоризацијата за да можеме да имаме порелеватна слика, а исто така потребни се и податоци за целокупната малопродажба во земјата како би можеле да го знаеме уделот на онлајн продажбата во истата” – вели д-р Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија 

Збирно гледано вкупната вредност која Македонците ја потрошиле онлајн во првите девет месеци од 2020 година изнесува 155.4 милиони евра и е за 3% помала од вредноста во првите девет месеци од 2019 година (159.7 мил. евра). Нема позначајна промена во вредноста но значајна промена има во структурата во полза на домашните е-трговци. Дека Македонците ги промениле навиките за време на пандемијата говорат и резултатите од Анализата на е-трговијата која ја спроведе Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Над 35% од испитаниците купуваат во поголем обем, околу 20% почнале да ги плаќаат сметките онлајн, а над 70% се изјасниле дека ќе продолжат и по COVID-19 да купуваат онлајн во исто темпо. 

“Панедмијата навистина отвори можност каква што до сега не постоела за е-трговијата. Се забележува раст на глобално ниво, некои земји успеаа за неколку месеци да остварат три и пет годишен раст. Сепак се работи за поразвиени земји, со адекватно ниво на дигитални вештини на популацијата и богата понуда во е-трговија. Земјите со пониско ниво на дигитални вештини кои се потребни за учество во онлајн купување, како Северна Македонија не можат да го фатат тој чекор толку брзо бидејќи овие повеќегодишни слабости не се решаваат во неколку месеци. Затоа е важно што поскоро да поставиме јасна цел и дигитална стратегија за нашата земја.” – појаснува д-р Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија 

Post a comment