Агенција за пошти: Во првото полугодие од 2021 година, доставени се 106.090 пакети и 5.465 писма од електронска трговија

Осум нови даватели на поштенски услуги почнале со работа на поштенскиот пазар во државава од почетокот на годинава, а пет го изгубиле статусот. Заради променетите навики на граѓаните и фирмите, а особено со растот на е-трговијата, од Агенцијата за пошти очекуваат трендот на интерес за лиценцирање да ја одржи нагорната линија во текот на следната година.

Во таа насока, како што најави директорката на АП Билјана Аврамовска Ѓореска,  регулаторното тело следната година ќе направи измени и дополнувања на Правилникот за содржината и формата на нотификацијата и потребната документација за таа намена. Со измените ќе се допрецизираат и ќе се зајакнат критериумите за капацитетот и инфраструктура на потенцијалните правни субјекти кои поднесуваат нотификација за општо овластување за обезбедување на поштенски услуги.

Агенцијата за пошти годинава извршила девет надзори, а при вонредните овластените лица за надзор кај пет од субјектите констатирале прекршоци и против сторителите на правни лица и нивните управители се поведени прекршочни постапки пред Основниот кривичен суд Скопје.

– Заради обидите на лиценцираните даватели на поштенските услуги да го намалат врз себе притисокот од нерегистрираните е-трговци, во годината која изминува Агенцијата бележи најголем број на т.н диви даватели. Во борбата со сивата економија и нелојална конкуренција во поштенскиот сектор, Агенцијата успеа да открие и лоцира неколку од нив, а санкционираше четири правни лица, информираше Аврамовска Ѓореска на јавниот состанок кој се одржа на 23.12.2021.

Од почетокот на јануари годинава пазарот беше отворен за целосна конкуренција, но со законски измени на 14 јули повторно беше вратен поштенскиот монопол. Новиот датум за целосна либерализација е 1 јануари 2022 година. Аврамовска Ѓоревска, како и во претходните годишни осврти за состојбите на пазарот, предупреди дека уназадувањето на отворањето на пазарот и обновувањето на монополот не само што не е во согласнот со обврската од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, туку и создава правна неизвесност за деловните субјекти, операторите и граѓаните. АП и понатаму останува на ставот дека давателот на универзалната услуга – националната Пошта треба да се прилагоди на европските стандарди и акцентот да го стави на поголемо учество на пазарот на пакети како најбрзо растечки сегмент од поштенскиот пазар.

Според статистичкиот извештај за првата половина од годинава, бројот на рекламации кај давателот на универзалната услуга е зголемен за 2,9 проценти, а кај давателите на слободниот пазар за 3,6 проценти.

Давателот на универзалната услуга бележи зголемување на услугата пакети за 23,5 проценти во однос на 2020 година и учествува со 2,52 проценти во вкупниот обем на пакети на пазарот во државава. Давателите на поштенски услуги на слободниот пазар, пак, имаат зголемување на вкупниот обем за 42 проценти, на пратките за кореспонденција за 6,9 проценти, на директната пошта за 80 проценти и на пакетите за 76 проценти.

-Зголемувањето на пакетските услуги е резултат на големата понуда на е-трговијата и на пратките со откупнина и нивното зголемено користење од страна на корисниците, информираше, Данијела Спасиќ Томовска, раководител на директоратот за следење и анализа на пазарот во АП.

Со новите извештаи за обезбедување на поштенски услуги, даватели се обврзани да доставуваат податоци и за услуги од е-трговијата, како и пратки со откупнина. Во првото полугодие од 2021 година, доставени се 106090 пакети и 5465 писма од електронска трговија. Во однос на пратките со откупнина, од страна на поштенските даватели доставени се 291037 пакети со откупнина и 2590 писма со откупнина.

Во моментов, поштенските услуги во државава ги обезбедуваат вкупно 44 субјекти, од кои 23 низ целата држава, а девет од нив се со дозвола за меѓународен сообраќај. Останатите 21 се на одредено географско подрачје. Во првата половина од годинава во Пошта на РСМ имало 2220 вработени, односно 60 проценти од вкупно вработените во поштенскиот сектор, а давателите на слободниот пазар 1442 и бележат раст од 21 процент.

На јавниот состанок во организација на Агенцијата за пошти присутните имаа шанса да ја проследат презентацијата на статистичкиот извештај за поштенските активности во Р.С.Македонија за првото полугодие од 2021, активностите кои биле преземени од страна на Агенцијата за пошти во 2021, како и да проследат презентација на нивните идни планови и проекти. 

Целиот статистички извештај за поштенските активности во Р.С.Македонија за 2021 е достапен на веб-страницата на агенцијата за пошта, а до истиот може да пристапите преку овој линк.