Минатата недела во Скопје се одржа втората по ред конференција „Жената во дигиталната ера“ („Women in Digital vol.2“) во организација на телекомуникациската компанија Вип.
На настанот чија носечка тема беше Дигитална трансформација: Техничка револуција или еволуција на менталниот склоп“ (“Digital transformation: Technical revolution or mindset evolution“), присутните имаа можност да ги чујат мислењата на експерти и професионалци од различни области за едно од круцијалните прашања во процесот на дигиталната трансформација – неопходната еволуција на менталниот склоп на оние кои се дел од неа.
Во рамки на конференцијата се одржа и панел-дискусија на која своите ставови на темата ги изложија истакнати успешни жени од бизнисот и академската заедница. На ова тема говореа: Проф. Др. Ана Мадевска Богданова, редовен професор на ФИНКИ, УКИМ; Нина Ангеловска, Претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Извршен директор и ко-основач на Групер; Љупка Ѓоргиевска, Директорка на Сектор за развој на понуда и маркетинг во НЛБ Банка АД Скопје и Христина Џамбазовска Анастасов, Директорка на сектор за управување со деловни операции во Кроација Осигурување Живот.
Четирите панелистки, под модераторската палка на Јана Дурнева, менаџер за Дигитална Трансформација во Вип, ја дискутираа темата од различни аспекти, опфаќајќи 4 клучни столба на истата.
- Формалното и неформалното образование на идните генерации и нивната улога во креирањето на кадрите на иднината
- Привлекување и задржување на квалитетните човечки ресурси, преку воведување на механизми и алатки за нивна мотивација и негување на агилна работна средина и услови за континуиран раст, развој и учење за вработените. Креирање на средина каде вработените ќе бидат мотивирани да бидат предводници и двигатели на промените за дигиталната трансформација, а во согласност со потребите на дигитализацијата
- Подготвеноста и капацитетите на компаниите за развој на нови технологии во функција на задоволување на растечките потреби на корисниците, но и нивна едукација за поедноставно користење на дигиталните алатки и решенија кои им се на располагање.
- Неопходноста за воведување на мулти-канален (omni channel) пристап од страна на компаниите и негово опремување со соодветни кадри, како и понуда на најактуелните и најнапредни решенијата од светската пракса, наместо постепено чекорење низ целата еволуција
Плодната дискусија го смени и насловот на темата, па наместо „Digital transformation: Technical revolution or mindset evolution“ , „OR“ премина во „AND“.
Во суштина, тоа беше и намерата на организаторот на настанот – да се истакне важноста дека дигиталната трансформација не подразбира само постоење на нови технологии, инфраструктури и решенија, туку дека на другата страна на равенството се наоѓа човечкиот фактор, чијшто ментален склоп треба да еволуира со иста динамика како и самата технологија, за да се реализира успешна дигитална трансформација на компаниите, но и да се создадат вистинските услови за развој на дигиталното општество и економија.
Како дел од главните заклучоци од настанот, беше истакнато дека дигитализацијата е тука и се случува. Таа го менува светот. Нашата заедница и општество имаат потенцијал, но потребна е побрза адаптација и прифаќање директно на последните технолошки достигнувања, како и градење на доверба. Дигитализацијата отвора простор за нови бизниси и бизнис модели, нови начин на комуникација, иновација, зголемена ефикасност и подобрени процеси, како и реобликување на начинот на управување со компаниите. На крајот, човечкиот фактор ќе остане незаменлив ресурс, кој ќе обезбедува огромна предност на пазарот во однос на конкуренцијата.
Настанот може да го проследите на следниот линк.