The What, How, Why: Европски е-пазари 2021

Онлајн пазарите доминираат во е-трговијата во изминатите пет години и промената на навиките за онлајн купување кај потрошувачите за време на пандемијата ја зацврсти нивната употреба. Додека е-трговијата и мобилната трговија се забрзаа во текот на годината, голем дел од тој сообраќај сега доаѓа на пазарите, а трговците и брендовите се приспособуваат на ова – за нив, привлечноста на е-пазарите се повеќе расте.

Не само што онлајн пазарите им даваат можност на трговците да ги зголемат своите продажби, им овозможуваaт и географско проширување, запознавање со нови технологии како што се прогресивни апликации и виртуелна реалност – сето ова со помали инвестиции во инфраструктурата и операциите.

Во извештајот на RetailX за европските пазари во 2021 се разгледува како европските пазари ја еволуирале својата пазарна структура, како функционираат за купувачите и трговците, како изгледа корисничкото искуство на е-пазарите, кои е-пазари се најпопуларни и што ги тера купувачите да ги користат.

ПРОМЕНА ВО УПОТРЕБАТА

Низ Европа, процентот на онлајн купувачи кои користат е-пазари продолжува да се зголемува.

Во Англија, дури 64% од купувачите сега рутински, кога купуваат онлајн, прво се упатуваат кон онлајн пазарите што е зголемување од 57% во 2021. Во 2020/21, четвртина од целосното онлајн купување во Англија се одвивало преку Amazon.

Слично на ова, во Германија половина од целата е-трговија се одвива на е-пазари, а највеќе на Amazon.de, Otto и Zalando.

Во Шпанија доминираат мешани е-пазари кои се спин-оф од трговците на мало како што се El Corte Inglés и Privalia.es. Покрај ова, Шпанија е избрана и како европски ‘хаб’ за кинескиот е-пазар Алибаба. Во шпанската е-трговија, половина од продажбата доаѓа од е-пазарите.

Холандскиот Bol.com продолжува да се проширува со 79 милиони посети месечно, а германскиот Otto доживеал раст од 55 милиони во изминатата година.

Bol.com (лево) vs Otto.de (десно)

 

Овие повеќе познати и афирмирани европски е-пазари пораснале органски во нивните домашни региони преку поттикнување за употреба на е-трговија низ нивната база на потрошувачи, како и преку проширување на нивните пазарите во соседните земји.

Овој паневропски пристап, исто така, бележи раст на посетите и приходите за ManoMano и Zalando, кои се специјализирани онлајн пазари и продаваат облека и производи за во домот во повеќе земји. Тие во просек имаат 44 милиони и 127 милиони посети.

ManoManо (лево) vs Zalando (десно)

 

Но, вистинските промени се случуваат во Источна Европа. Почнувајќи од април 2021, полскиот е-пазар Allegro бил трет по големина пазар во Европа, зад гигантите Amazon и eBay. Со 185 милиони посети месечно, во текот на изминатата година станал моќен маркетплејс на европскиот пазар. 

Ова е поттикнато од силната потреба и ‘гладот’ ​​за е-трговија во Полска, и довело до тоа страницата да нуди не само производи за продажба, туку и сопствена алатка за плаќање, PayU

КОРИСНИЧКО ИСКУСТВО

Со оглед на изобилството на е-пазари низ Европа, како и разновидноста на нивните структури – какво искуство имаат потрошувачите со купување низ овие локации во секоја земја и од различни платформи?

Како и зошто купувачите ги користат е-пазарите?

За да го разбереме искуството што го имаат потрошувачите кога купуваат на онлајн пазарите во Европа, прво треба да погледнеме што највеќе ги привлекува, зошто, а и каде. Податоците откриваат дека има голем број на е-пазари што ги користат потрошувачите во Европа.

НАЈПОПУЛАРНИ Е-ПАЗАРИ ВО ЕВРОПА ЗА 2021

Најпопуларни е-пазари во Европа за 2021
Најпопуларни е-пазари во Европа за 2021

 

ШТО ГИ ТЕРА КУПУВАЧИТЕ ДА ГИ КОРИСТАТ ОВИЕ ПАЗАРИ? 

Двигатели за користење на е-пазари
Двигатели за користење на е-пазари

 

Она што ги тера да ги користат овие пазари може да се подели на три основни двигатели: цена, практичност и избор. Речиси три четвртини од анкетираните потрошувачи ги дефинираат цената и практичноста како главни причини поради кои избираат да купуваат на е-пазарите.

Леснотијата на користење, “сè на едно место” пристапот и добрата функционалност за пребарување ги прават пазарите едноставни “пребарувачи за купување“

Со оглед на тоа што се појавуваат се повеќе е-пазари кои продаваат производи според одредена / специфична категорија, практичноста е се повеќе важна. Со промовирање на конкурентни продавачи на еден онлајн пазар, е-пазарите имаат тенденција да вршат надолен притисок врз цените, како и да поттикнуваат побрза испорака и бесплатно враќање на производите.

ПРЕТПЛАТИ

Во обид да добијат што повеќе корисници во сè поконкурентниот пазарен сегмент на европската е-трговија, некои е-пазари ја прифаќаат идејата за платени претплати, модел популаризиран од Amazon Prime кој им нуди на потрошувачите низа бенефити, вклучувајќи бесплатна / евтина и флексибилна испорака, повторливи (recurring) нарачки, пристап до ексклузивни понуди и производи и многу повеќе.

Е-пазари кои нудат претплата според земја
Процент на е-пазари кои нудат претплата според земја

 

ПРЕДНОСТИ НА Е-ПАЗАРИТЕ ЗА ТРГОВЦИТЕ

Предностите на користење онлајн пазари од преспективата на трговците и брендовите е јасна: тие се онлајн места на кои купувачите сè почесто се упатуваат. Од логистичка гледна точка, пазарите им помагаат на трговците и брендовите подобро ги дистрибуираат своите производи и побрзо да допрат до потрошувачите на кои им е потребна нивната услуга.

Од технолошка перспектива, е-пазарите можат да им помогнат на помалите продавачи да бидат во тек со најновите трендови од мобилна до виртуелна реалност, иновативна испорака, подобро корисничко искуство и повеќе, без тие самите да мора да направат капитални трошоци.

Исто така, има многу предности околу маркетингот, услугата на клиентите и враќањето на производи и средства што може да се искористат. Од друга страна, на овие е-пазари, многу трговци се на истата локација како и нивните конкуренти и контролата врз нивната публика е кај е-пазарот, наместо кај нивните сопствени маркетинг оддели.

Како последица на тоа, многу од овие трговци, брендови и занаетчии мора многу повнимателно да гледаат кои пазари ги користат и како ги користат. Ова, пак, води до пораст на лансирањето на повеќе конкретизирани е-пазари кои се обидуваат да таргетираат одредени категории на производи, а и купувачи.

Заедно со зголемувањето на разновидноста на пазарите, се зголемуваат и потребите на трговците – секој има потреба да постигне различни крајни цели од нивната стратегија за овие онлајн пазари. Ова се некои од основните принципи кои мора да се разгледаат при избор на онлајн пазар:

  • Големина и досег на е-пазарот – Главната и примарна причина за користење на е-пазар е да се допре до повеќе потрошувачи. Сепак, не е сè во големината, и додека дофатот – географски, демографски или и двете – е важен, тој е релевантен во склоп со други фактори како што се продажба на специјализирани производи, маркетинг и други услуги. Исто така, од суштинско значење е да се погледне колкава е таа големина и досег во корисници во различни земји и региони (доколку пазарот е е меѓународно проширен).
  • Специјализација – Многу пазари се неспецијализирани, продавајќи сè, од антиквитети до чевли до лекови. Сепак, се појавуваат сè поголем број онлајн пазари кои имаат или unique selling point за да привлечат одредени трговци, или кои се насочени кон одредени вертикали (продаваат специфични производи или опслужуваат специфична публика). Продажбата на специјализирани производи може да биде позитивен фактор за одредени продавачи, овозможувајќи им да допрат до многу специфична публика со нивните специфични артикли.

Специјализацијата може да доведе до повеќе насочен и интелигентен маркетинг

Сепак, тоа може да доведе до тоа трговците со многу слични артикли да се натпреваруваат еден против друг, што може да биде контрапродуктивно.

  • Услуги – Во попрактична насока, трговецот треба исто така да процени што ќе добие од пазарот / пазарите што ги избира. Дали надоместоците кои ги плаќа вклучуваат процесирање на плаќањата, маркетинг, складирање, инвентар и т.н.?
  • Маркетинг – На кој начин ќе бидат рекламирани производите на трговците и кои се дополнителните трошоци за тоа?
  • Аналитика – Од гледна точка на трговецот, е-пазарот треба да биде повеќе од обична платформа за продажба и маркетинг. Исто така, треба да обезбеди аналитика за тоа што се продава добро и каде. Ова е можеби најспорниот дел при продажба на е-пазарите бидејќи го наложува прашањето “кој го поседува клиентот?“ Дали е тоа трговецот, е-пазарот или и двајцата?
  • Складирање, пакување и логистика – Дали е-пазарот нуди складирање, пакување и испорака на производите?
  • Трошоци – Откако ќе се размислат сите горенаведени принципи, тие треба да се споредат во однос на трошоците и надоместоците кои би требале да се платат со цел еден трговец да биде дел од тој онлајн пазар. Колку чини учеството на еден е-пазар?

Прочитајте го целиот извештај на овој линк.