На 11 декември се оддржа вториот The Economist MeetUp – “Светот во 2025 година“, каде што низ панел дискусии и интервјуа, беа истражувани клучните теми кои ја обликуваат актуелната бизнис клима. Панелисти, експерти во нивните области, споделија вредни сознанија и различни перспективи. Овој конференциски настан во Скопје, организиран под франшизата на The Economist, беше посветен на зближување на бизнис заедницата во земјата, каде што се дискутираше за актуелните трендови, иновации, предвидувања и бизнис новости за 2025 година. Конференцијата вклучи и промоција на годишниот магазин “The World in 2025″, македонско издание. На the Economist MeetUp – „Светот во 2025 година” се оддржаа четири панел дискусии на кои се истражуваа дигитализацијата, технологии, општествена одговорност и трговска размена во регионот и ЕУ.

Првиот панел „Дигитално банкарство и Fintech индустрија“ ги откри трендовите во финансискиот сектор во 2025. Панелот го модерираше Киро Бурназовски – менаџер на Evrotrust за Македони, а панелисти беа: Проф. Д-р Георги Димитров основач и претседател на Управниот одбор на Evrotrust Technologies, Билјана Мишиќ – извршен директор на Iute Macedonia и Милена Спасовска – раководител на платежни картички и дигитални канали за плаќање во Капитал Банка АД. Панелот се фокусираше на современите трендови и иновации во дигиталното банкарство и финтек секторот. Кои се предизвиците и можностите што ги носи дигиталната трансформација во финансиските услуги, како и влијанието на новите технологии врз традиционалните банкарски модели. Дополнително, се дискутираше за регулаторните аспекти и безбедносните прашања поврзани со дигитализацијата на финансискиот сектор, но и како дигитализацијата го менува односот помеѓу финансиските институции и клиентите, овозможувајќи поголема достапност и персонализација на услугите. Исто така, се дискутираше за иднината на дигиталниот паричник на ниво на Европската Унија, кој ќе овозможи универзален пристап до податоци и значително ќе ги олесни финансиските и административните процеси за граѓаните. Според Проф. Д-р Георги Димитров од Evrotrust Technologies, оваа регулатива ќе стапи на сила во март 2025 година, претставувајќи револуционерен чекор напред за банкарската индустрија.

Акцент на вториот панел „Бизнис, закон и заедница: Како големите компании го обликуваат економскиот и општествениот раст“ беше улогата на големите корпорации во поттикнувањето на економскиот развој и општествената одговорност. Се разговараше за правните рамки и регулативи кои влијаат на корпоративното работење, како и стратегиите што компаниите ги применуваат за да придонесат кон заедницата, но и за етичките аспекти на корпоративното управување и нивното влијание врз одржливиот развој. Панелот беше модериран од Нвена Георгиевски Ангеловска – менаџер на интерни и екстерни комуникации во Пивара Скопје, а учесници на панелот беа: Душан Митрев – генерален директор на Пивара Скопје, Душко Чифлиганец – заменик претседател на Адора Бизнис Групација и Д-р Ана Пепељугоска – адвокат/партнер во Адвокатско друштво Пепељугоски.

Третиот панел „Иновации во финансискиот сектор: Од нови технологии до инвестициски трендови“ се фокусираше на најновите технолошки достигнувања кои го трансформираат финансискиот сектор, како и на актуелните трендови во инвестирањето. Се разговараше за влијанието на дигитализацијата, блокчејн-технологијата и вештачката интелигенција врз финансиските услуги, како и промените во инвестициските стратегии и однесувањето на инвеститорите. Дополнително, се дискутираше за предизвиците и можностите што ги носат овие иновации за финансиските институции и пазарите. Модератор на овој панел беше Наташа Велковска, директор за ПР и контент продукција во Represent Communications Macedonia. Говорници на третиот панел насловен како Иновации во финансискиот сектор: Од нови технологии до инвестициски трендови powered by New Biz Podcast беа Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на КаСис, Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Diners Македонија и Иван Ивановски, претприемач и инвестициски консултант.

Филомена Пљаковска-Аспровска, извршен директор на CaSys AD и премиум член на АЕТМ истакна: “Еден од нашите значајни чекори е започнувањето на сертификација за „American Express“, со што стануваме еден од ретките процесори што поддржуваат четири картични системи. Нашиот систем за е-трговија е во постојан раст, со воведување на нови функционалности. Плаќањето со линк е иновација што им овозможува на бизнисите без сопствени веб-страници да вршат електронски плаќања. Дополнително, развиваме апликација за плаќање преку мобилен телефон, која ќе го олесни прифаќањето на плаќања за корисниците. Во 2025 година, нашиот главен фокус ќе биде на безбедноста. Со оглед на зголемените малициозни напади, потребно е да одржуваме исто темпо во унапредувањето на безбедносните мерки, бидејќи безбедноста е и ќе остане наш највисок приоритет.“
Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Diners Македонија и член во АЕТМ истакна: “За да останат конкурентни, компаниите мора да иновираат, со цел постигнување одржливост и инклузија на среден и долг рок – што претставува стратешка определба на Diners. Во однос на новите технологии, компанијата ја разгледува употребата на вештачка интелигенција (AI) и блокчејн. AI се користи за персонализација на услугите преку анализи на корисничките податоци и зголемување на безбедноста при плаќањата. Што се однесува до блокчејнот, компанијата гледа можности за негово иновативно користење, но постојат ограничувања од регулаторната рамка кои бараат соработка со регулаторите и високо стручни кадри. Во 2025 година, фокусот ќе се префрли од внатрешни иновации на надворешни. Компанијата, со поддршка од партнери како Casys, планира да испорача нови производи, кредитни и дебитни картички, како и лојалностни програми со персонализирани понуди. Целта е да се приближи до услугите на европскиот пазар, при што процесот бара долгогодишна работа и континуирана едукација на клиентите за инвестирање и интегрирање во еко-системот на компанијата.“

Со четвртиот панел „Одговорност за иднината: Вложување во луѓето и локалните заедници“ се затвори „The Economist MeetUp: Светот во 2025“. Панелот се фокусираше на значењето на инвестирањето во човечкиот капитал и развојот на локалните заедници како клучни фактори за одржлив раст. Кои се стратегиите за корпоративна општествена одговорност и нивното влијание врз подобрување на животниот стандард и економскиот просперитет на заедниците. Дополнително, се дискутираше за улогата на образованието, обуките и поддршката на локалните иницијативи во создавањето на инклузивно и просперитетно општество. . Модератор на овој панел беше Катерина Јордановска Манева, менаџер за маркетинг и односи со јавноста, Кроација Осигурување. Учесници во панелот беа: Д-р Катерина Бошевска, извршен директор на Еос Матриx, Жана Базби, психолог – бизнис консултант и Кристина Крстева, директор за одржлив развој на Бучим – Боров дол.
Овие разговори ја рефлектираа потребата за соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор во создавање иновативни и одржливи решенија, со цел Македонија и регионот да ги следат глобалните трендови во дигиталната економија и финансиите.