Новости од е-трговија

Серијал студии на случај – #1 Кликни Јади: Пандемијата имаше огромен удел на развојот на нови видови на услуги

Како студии на случај во годишната анализа за е-трговија се избрани шест македонски и една меѓународна компанија: компанијата за малопродажба на спортска опрема на регионално ниво – Sport Vision, водечката компанија за онлајн продажба Grouper.mk, платформата за нарачување на храна Кликни Јади, компанијата за достава Еко Логистик Сервис ДООЕЛ Скопје, како и три компании од областа на снабдување со електрична енергија, вода и телекомуникациски услуги: ЕВН АД Скопје, ЈП Водовод и канализација и А1 Македонија. 

Она што е заеднички именител на сите презентирани студии на случај за искористувањето на потенцијалот за раст на е-трговијата предизвикан од пандемијата е претходната повеќегодишна подготовка, односно процесот на дигиталната трансформација го започнале претходно, додека COVID-19 го забрза тој процес. Исто така овие компании покажаа способност за брза адаптација на новонастанатата состојба и новосоздадената побарувачка, направија проширување на капацитетите со цел да ги задоволат потребите на своите постоечки клиенти, но и потребите на новите клиенти.

Серијалот на студиите на случај ќе го започнеме со Кликни Јади – онлајн платформа за нарачување на храна која соработува, која воедно ја организира и испораката до купувачите. Исто така купувачите можат и да ја подигнат сами нарачката од ресторанот. Компанијата е основана во 2015 година, има 65 вработени, 57 доставувачи, а работи со 200 ресторани. Бројот на корисници на нивните услуги изнесува 60.000.

Од неодамна Кликни Кади врши и испорака на продукти од маркет за што од компанијата велат дека забележуваат континуиран раст.

Како канали за наплата се користат плаќање онлајн и во готово при испорака. До пред извесно време имале и опција за плаќање безготовински со картичка при достава на нарачката, но велат дека овој начин на наплата веќе не е достапен.

„Мобилните ПОС терминали не се веќе во употреба од повеќе причини, како на пример: нема банка која може да обезбеди доволен број на апарати, се расипуваат итн.”, појаснува Никола Димовски, основач и директор на Кликни Јади.

Важно е да се напомене дека Кликни Јади наплатува дополнителни 10 денари за купувачите кои ќе се решат да ја платат нарачката со платежна картичка онлајн, што може да се каже дека влијае дестимулирачки на купувачите да се охрабрат за ваквиот начин на плаќање. Директорот на компанијата за ова образложува дека е поради високите провизиии на банките кои се движат од 1.8% до 3.5%, а кои претставуваат значаен трошок за нив.

Што се однесува до структурата на нарачките според видот на плаќањето, онлајн плаќањата имале 40% учество, додека денес со COVID-19 пандемијата достигнале 50%.

За влијанието на пандемијата на бизнисот вели: „Можам да кажам дека испораката од секаков вид забележа вртоглав раст за време на пандемијата. Вложивме големи напори да се прилагодиме брзо на ситуацијата и да се справиме со побарувачката. Искрено се чувствуваме одговорни дека треба да помогнеме да се направи се што може за луѓето да останат во своите домови. Иако вирусот се уште забрзано се шири, приливот на нарачки сега е по стабилен и без проблеми одговараме на потребата. Грубо можам да кажам дека имаме двојно повеќе работа од претходната година“.

За затворањето на угостителските објекти со рестриктивните мерки вели: „Со воведувањето на рестриктивните мерки и затворањето на угостителските објекти за работа со гости во март од страна на Владата, за кратко време склучивме многу нови партнерства и многу ресторани ја согледаа предноста да нудат испорака на своите специјалитети. Секоја недела имаше по неколку нови интересни мениа достапни на клиентите. Успеавме да помогнеме на многу партнери и да им ги олесниме финанскиските предизвици поради мерките. Како и да е, за жал многу драги партнери кои не го издржаа притисокот и не успеаа финансиски да издржат па мораа да стават клуч на вратите на своите локали. Моментално броиме близу 200 партнери и изборот на рзлични специјалитети кои ги нудиме постојано се зголемува“.

Како клучен предизвик за зголемен раст и развој на е-трговијата според Никола Димвоски е: „Да биде поефтино да се плати онлајн отколку во готово. Со ова не само што ќе се искорени сива или црна економија, туку ќе се намали и контакт со банкнотите кои можат да пренесуваат болести. Дигитализација на банките, олеснителни начини на плаќање преку мобилни апликации на банките и нивно промовирање и поттикнувања за користење како поврат на готовина во форма на cash- back, попуст или слично. Знам дека има банки кои имаат апликации за плаќање но тие се далеку од совршени. На пример, треба да има заедничка апликација за сите банки и сите картички каде префрлањето на средства ќе оди без провизија. Тоа може да се постигне само со меѓусебен договор од страна на сите банки и мора да биде иницирано од надлежните органи. Електронските плаќања на фактури и и префрлање пари од секаков тип треба да е бесплатно а се што е поврзано со готовинско плаќање треба да е понеповолно. Едноставно фали автoматизација и дигитализација на банките и државните системи“.

Кликни Јади - аптека
Кликни Јади – аптека

„Со пандемијата Кликни Јади воведе новини како апликацијата Кликни Јади за Android која е веќе достапна на Play Store а исто така и iOS апликацијата ќе биде активна до крајот на месецов. Пандемијата имаше огромен удел на развојот на нови видови на услуги како: Супер Маркет, Аптека и друго. Ова се работи што ги мислевме долг период но притисокот од ситуацијата не примора за кратко време да направиме многу промени на софтверот. Бидејки се беше направено на брзање, во наредниот период ќе се фокусираме да го средиме системот, да го подобриме сајтот и да се прошириме низ целата земја. Веќе работиме во Охрид, но се надевам дека до крајов на годинава ќе бидеме спремни да се прошириме во повеќе градови во Македонија“.

Извор: Извадок од извештајот од анализата на е-трговијата во Република Северна Македонија – 2020: Интервју со Никола Димовски, Основач и Директор @ Кликни Јади