
На 14 јануари 2026 година, Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТМ) беше домаќин на официјална средба со Н.Е. амбасадорката на Народна Република Кина во Северна Македонија, Џијанг Сјаојан, која ја посети Асоцијацијата со цел продлабочување на дијалогот и разгледување можности за идна соработка во областа на е-трговијата и дигиталната економија.
На средбата, претседателката на АЕТСМ, Нина Ангеловска Станков, ја запозна амбасадорката со работата, активностите и стратешките заложби на Асоцијацијата, насочени кон унапредување на е-трговијата во државата, подобрување на деловното окружување и поддршка на домашните компании во процесот на дигитална трансформација.
Во рамки на разговорите беа разгледани и неколку потенцијални можности за идна соработка, со посебен акцент на едукативни активности, обуки и програми за размена на искуства помеѓу бизнис секторот во Северна Македонија и Кина. Како можни насоки беа истакнати иницијативи поврзани со градење капацитети, споделување добри практики и поврзување на компании заинтересирани за меѓугранична е-трговија.

Амбасадорката Џијанг Сјаојан ја истакна брзорастечката улога на е-трговијата во економскиот развој на Кина, нагласувајќи дека дигиталната трговија претставува еден од клучните двигатели на растот, иновациите и потрошувачката, како и значаен канал за меѓународна соработка.
Средбата ја потврди заедничката подготвеност за продолжување на комуникацијата и унапредување на соработката, со цел создавање нови можности за бизнисите, размена на знаење и зајакнување на економските врски помеѓу Северна Македонија и Народна Република Кина.