Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ А.Д. Скопје е компанија за неживотно осигурување со постојан раст, присутна на македонскиот пазар од 2007 година. Нуди квалитетни продукти и високи стандарди во комуникацијата со клиентите – индивидуалци, мали и средни претпријатија и институции. Се стреми кон зголемување на присуството на пазарот, постојано адаптирајќи ја понудата кон динамиката на живот и работа во Македонија.
За идните планови на Халк Осигурување, разговараме со извршниот директор, г-дин Славчо Таушанов.
AETM: Неодамна Нова Осигурување се ребрендираше во Халк Осигурување. Според вашето мислење, какви конкурентски предности би донела оваа промена, имајќи предвид дека Халкбанк веќе има развиена мрежа на експозитури и обучен кадар за финансиски производи?
Таушанов: Самото преземање на компанијата од страна на препознатлив и почитуван бренд во регионот и во нашата држава, логично, ја наметна потребата од итно ребрендирање и пробив на пазарот, користејќи ја репутацијата на брендот на кој му припаѓаме – Халкбанк. Процесот на ребрендирање за нас беше многу повеќе од едноставна измена на името и се состоеше од сеопфатна промена на сите процеси и структури во рамките на компанијата, со цел да бидеме во можност соодветно да одговориме на потребите и очекувањата од нашите сегашни и идни клиенти, како и целосно да ги пренесеме вредностите и практиките на работење на Халкбанк.
Во однос на вашето прашање, се разбира дека присуството на Халкбанк, која има развиена мрежа на експозитури и обучен кадар за финансиски производи, е стратешка предност и за нас, како осигурителна компанија, исто како и стручноста и искуството на Халк Сигорта во Турција. Преку креирање синергија помеѓу кадрите со соодветно искуство и со точно дефинирани процеси за пренос на знаењето и искуството („know-how“) планираме да ги зголемиме иновативноста и претприемачкиот дух, а со правилно управување на процесите да постигнеме профитабилен раст и одржлив развој.
AETM: Во моментов, портфолиото на производи на компанијата го сочинуваат единствено оние што се поврзани со неживотно осигурување. Планирате ли, во иднина, да навлезете во пазарот на животното осигурување?
Таушанов: Нашата краткорочна цел во моментов е градење успешна компанија за неживотно осигурување, која континуирано ќе креира додадена вредност за нашите клиенти, вработени и акционери, а со тоа ќе нудиме ефикасен сервис и услуги и истовремено ќе бидеме свесни за нашата општествена одговорност како компанија. Во моментов немаме дефиниран план за влез на пазарот за животно осигурување, но, во секој случај, присуството на пазарот за неживотно осигурување ќе ни овозможи подобар увид во потенцијалот на пазарот, во можностите за негов развој и, се разбира, ќе придонесе за поедноставна одлука во однос на животното осигурување во иднина.
AETM: Како дел од групација поврзана со банка што прилично инвестира во иновации, планирате ли да воведете онлајн аплицирање за вашите производи и услуги?
Таушанов: Стратешката определба на Халкбанк е посветен развој на технологијата, иновациите и зголемување на разновидноста на услугите, односно соодветно искористување на придобивките што со себе ги носат „смарт“ технологиите. Еден од главните фокуси во иднина ќе биде развојот на широка палета дигитални сервиси за нашите клиенти. Дел од нив за првпат ќе бидат воведени на македонскиот пазар, а сè со цел на сите наши клиенти да им овозможиме беспрекорно корисничко искуство и задоволство. Секако, за многу брзо време ќе биде овозможено онлајн аплицирање за дел од нашите производи.
AETM: Познато е дека и Халкбанк Турција е сопственик на осигурителна компанија Халк Сигорта, која, пак, е една од најголемите осигурителни компании на турскиот пазар. Дали нивната визија да бидат водечка компанија и пример за дејствување во осигурителниот сектор, истовремено применувајќи иновативни и пионерски практики, ќе ја пренесете и вие, како Халк Осигурување, на македонскиот осигурителен пазар?
Таушанов: Како во секој бизнис, така и во осигурувањето, од круцијално значење за делотворно работење е споделувањето на искуството и позитивните практики од поразвиените пазари и нивно успешно приспособување на условите на пазарот во кој дејствуваме. За среќа, патот што го минуваме во моментов веќе го имаат поминато колегите од Халк Сигорта, така што нам ни останува само внимателно да ги следиме нивните совети и за многу брзо време да го достигнеме нивниот успех на македонскиот пазар. Соодветно на тоа, и визијата на Халк Осигурување е да стане дел од водечките компании на пазарот на неживотно осигурување во СРМ и пример за дејствување во осигурителниот сектор. Во периодот што следува посветено ќе работиме со цел нашите корисници да добијат иновативни решенија и кориснички услуги што ќе го променат начинот на кој досега осигурениците ја имаат искусено соработката со некоја осигурителна компанија.
AETM: Во 2019 година, Халк Осигурување е член на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се вашите очекувања од членството во неа и како ја оценувате досегашната работа на АЕТМ? Кои се работите што треба да се променат во Македонија од аспект на онлајн трговија со цел оваа дејност да го достигне својот максимум?
Таушанов: Како осигурителна компанија што секогаш цели на своите клиенти да им понуди врвно корисничко искуство и целосно искористување на погодностите што со себе ги носи „смарт“ технологијата, од особено значење е членството во АЕТМ, која придонесува за подигнување на нивото на е-трговија и која цели да ги намали и да ги елиминира бариерите што ги ограничуваат растот и развојот на индустријата.
Од аспект на осигурителниот сектор, за нас, како регулирана дејност, од примарно значење за развојот на онлајн трговијата е промената на дел од законската и подзаконската регулатива, со цел корисниците да може онлајн да набават колку што е можно поголем број продукти. Секако, паралелно и осигурителните компании треба поактивно да се посветат на развојот на онлајн продажбата, која нуди многу погодности за побрз, поефикасен и подостапен канал за продажба отколку традиционалните, проследено со редовна едукација на клиентите, а со цел поедноставување на нивното корисничко искуство и промена на досегашните стекнати навики за набавка на осигурителна полиса преку постојните канали за продажба.