Како дел од иницијативата „Ecommerce4ALL” со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, заедно со Galeksia го реализиравме вториот едукативен и бесплатен дводневен онлајн Learn-a-thon тренинг на тема “Email Marketing in Practice” на кој учествуваа 36 учесници од различни е-бизниси од нашата земја.
Токму поради актуелната ситуација со Ковид-19, дигиталните вештини се оние кои го помагаат опстанокот и развојот на бизнисите. Зголемувањето на бројот на онлајн трансакциите го поттикнува брзиот развој на е-трговијата, па така, со цел успешно промовирање на еден бизнис, на овој Learn-a-thon тренинг се разоткрија предностите и улогата на email маркетингот.
Првиот ден од обуката го отвори г-дин Ерик Јановски, Претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија. Со неговото обраќање, тој го нагласи значењето на е-трговијата во овие тешки времиња, како и на дигиталните вештини кои се столб за раст и развој на бизнисите и ги охрабри учесниците да работат за да го остварат својот потенцијал. Инаку, за време на првиот ден се разгледуваше теоретскиот дел од email маркетингот, сите информации кои треба да се знаат пред започнување на една маркетинг кампања, анализа на статистики со цел подобро опслужување на клиентите и активно споделување на искуствата на учесниците од оваа област. Вториот ден од обуката беше посветен на практичниот дел; учесниците ја следеа целосната детална постапка за креирање на email маркетинг кампања со помош на Mailchimp.
На овој дводневен Learn-a-thon учесниците преку интерактивни дискусии покажаа огромен интерес за надградување на своите знаења и се здобија со вештини кои ќе можат да ги инкорпорираат во своите е-бизниси со цел да го изградат својот бренд и да придонесат за растот и развојот на своите е-продавници.