Во текот на изминатата година, ситуацијата која настана поради глобалната пандемија наложи дека сега е правиот момент за бизнисите да ја започнат или комплетираат нивната дигитална трансформација. Со таа цел, заедно со Seavus Education and Development Center го организиравме четвртиот од петте Learn-a-thon тренинзи на тема “Leading Digital Transformation” кој се одржа на 22.12. и 23.12 во рамки на иницијативата Ecommerce4ALL која се реализира со помош на проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
На овој learn-a-thon учествуваа 35 учесници кои во текот на двата дена стекнаа знаење од областа на дигиталната трансформација и отворија нови погледи за тоа што се случува и што вклучува самата дигитална трансформација. На учесниците им беа прикажани подобри начини за анализа на дигиталните процеси и имаа можност да видат како може да се создаде успешна стратегија за целосна дигитална трансформација на процесите во нивните компании.
Во текот на првиот ден заедно со Крсто Златко од Seavus Education and Development Center и Маја Јаневска од А1 Македонија учесниците се запознаа со општиот дел на дигиталната трансформација: трансформирање на искуството на клиентите, како да се трансформираат внатрешните оперативни процеси, употреба на дигитална технологија, проценување на дигиталната зрелост на еден бизнис и т.н.
Во текот на вториот ден од обуката беа поканети гости-предавачи и тоа Благица Михајлова и Јана Дурнева од Филип Морис, Калина Сејфула од Еуролинк и Иво Стојановски и Андреа Станковиќ од А1 Македонија. Тие пренесоа практични примери за дигитална трансформација и зборуваа за успешната имплементација на истата во големи претпријатија.