Новости од е-трговија

Recommerce: Vinted го менува светот на е-трговијата, престигнувајќи ги Amazon, Zara, H&M и Kiabi

Од брза и практична алтернатива за купување, е-трговијата во последната деценија прерасна во платформа за градење на свесни избори, одржлива потрошувачка и економија базирана на споделување и грижа. Во овој трансформативен контекст, recommerce – моделот на купопродажба на веќе користени производи – сè повеќе станува еден од најзначајните трендови во глобалната трговија. А меѓу водечките примери за успешна recommerce приказна се наоѓа литванската платформа Vinted, која денес не само што ја редефинира модната индустрија, туку и поставува нови стандарди во е-трговијата.



Vinted започнала како скромна платформа за размена на носена облека, создадена во 2008 година со идеја да им понуди на луѓето практично и лесно достапно решение за облека што повеќе не ја носат. Но, од овие почетоци до денес, растот на платформата е експоненцијален – денес Vinted е присутен во 23 земји, со повеќе од 2.200 вработени, и се позиционира како водечки продавач на облека во Франција, надминувајќи ги дури и гигантите како Amazon, Zara, H&M и Kiabi со рекорден профит од 95,4 милиони евра во 2024 година, Vinted покажа дека одржливиот бизнис модел не е само „модерен“, туку и исклучително профитабилен.


Клучниот момент што ја одвојува Vinted од останатите платформи е нејзината способност да одговори на потребите на современите потрошувачи. Во услови на економска несигурност и растечка еколошка свест, луѓето бараат решенија кои ќе им овозможат да купуваат одговорно, без да ги жртвуваат стилот или квалитетот. Vinted го нуди токму тоа – облека која има своја приказна, по цена што е значително под пазарната, а притоа ја поддржува и идејата за циркуларна економија. Денес, платформата ја проширува својата понуда и со луксузна мода, електроника и фитнес уреди, и инвестира во сопствени логистички и платни решенија со кои го зацврстува својот екосистем и го подобрува искуството на корисниците.

Еден од најважните чекори во оваа насока е воведувањето на Vinted Go – логистичка услуга што Vinted ја има развиено со цел да го направи испраќањето и примањето на пакети побрзо, поефикасно и поеколошко. Наместо да се потпира исклучиво на трети страни, компанијата има инвестирано во сопствена мрежа на пакетомати и точки за преземање и предавање пратки низ Европа. Со ова, Vinted не само што ја намалува цената на достава, туку овозможува и консолидација на пратки – тоа значи дека неколку поединечни испораки од различни продавачи или купувачи се собираат и испраќаат заедно во една пратка. Оваа стратегија ги намалува вкупните возења и транспортните ресурси што се користат, со што се намалуваат и емисиите на штетни гасови, како што е CO₂. Дополнително, со директна контрола врз логистичкиот процес, платформата може да понуди посигурна и побрза услуга, што дополнително ја зајакнува лојалноста на корисниците.

Паралелно со тоа, Vinted разви и Vinted Pay – внатрешен платен систем кој овозможува сигурни и транспарентни трансакции помеѓу купувачите и продавачите. Парите се задржуваат на безбедна депонентна сметка (escrow account) сè додека купувачот не ја потврди испораката и задоволството од производот, по што се префрлуваат на продавачот. Оваа структура го минимизира ризикот од измами, што е клучно за recommerce платформите каде довербата е основен столб на функционирањето.

И Vinted Go и Vinted Pay се стратешки инвестиции кои ја прават платформата поавтономна, поиновативна и ориентирана кон иднината.

Успехот на recommerce во Франција не е случаен. Според податоците на Францускиот моден институт, продажбата на користена облека сочинува над 10% од вкупниот пазар на облека, а кај младите генерации оваа бројка достигнува дури 16.3%. Ова покажува дека recommerce не е само рационален избор, туку и културна промена. Луѓето сè повеќе ја доживуваат носената облека како израз на индивидуалност, а не како нужност. И додека модни гиганти како Shein и Temu се соочуваат со критики за прекумерно производство и еколошки отпечаток, Vinted станува симбол на новата одговорна мода.

Овој бран не ја одминува ниту Македонија. Иако станува збор за мал пазар, расте бројот на локални иницијативи, мали бизниси и млади претприемачи кои гледаат можност за создавање вредност преку second-hand е-трговија.

Дополнително, се менуваат и ставовите на потрошувачите. Носењето second-hand облека денес е сè повеќе израз на стил и свесност, наместо предрасуда. Тоа ја претвора second-hand модата од алтернатива во главна сцена – во тренд кој ги рефлектира вредностите на новата генерација. На младите не им е важно само што купуваат, туку и од кого, зошто и со каков ефект врз околината. Ова отвора нови можности за локална иновација, креирање заедници и развој на циркуларни модели кои можат да се надградат во одржливи дигитални бизниси.

Recommerce веќе не е маргинален феномен – тоа е двигател на новата е-трговија. Примерот на Vinted покажува дека со добра технологија, транспарентен пристап и фокус на вредности, може да се изгради глобално релевантна платформа, без да се компромитира општествената и еколошката одговорност. 

За сите оние кои работат или сакаат да започнат со е-трговија, recommerce не е само бизнис можност – туку и повик за редефинирање на тоа што значи да се купува, продава и создава во e-трговијата

Извори: Vinted is the leading clothing retailer in France
Vinted triples profits to £80m as second-hand fashion boom fuels expansion