Проверете каде купувате онлајн: Го објавивме првиот онлајн регистар на е-трговци

Пандемијата отвори бројни можности за забрзување на растот на е-трговијата, но и бројни предизвици за е-трговците. Сѐ почеста е појавата на голем број нерегистрирани продавачи кои нудат производи за продажба преку пораки на социјалните медиуми, што претставува нелојална конкуренција за регистрираните онлајн продавници.

Кога купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми од продавачи (регистрирани или нерегистрирани) од кои не добиваат сметка или потврда (фактура) за купените производи, ги става во позиција да не можат потоа да ги остварат правата за нивна заштита, да го вратат или заменат производот ако не се задоволни од она што го добиле, со што се зголемува недовербата во онлајн купувањето. Ваквите нарачки дополнително влијаат негативно кон развојот на е-трговијата и се дел од сивата економија која е штетна за целокупниот развој на општеството. 

АЕТМ се стреми да придонесе за подобра бизнис околина за раст и развој на е-трговијата. Сивата економија и нелојалната конкуренција се пречка за развојот. 

Во текот на 2020 година ја лансиравме платформата “eТрговија за сите” https://ecommerce4all.mk/ која на едно место ги содржи сите потребни информации за започнување и водење на бизнис во е-трговија. Како дел од платформата е и модулот посветен на сивата економија во рамки на кој се креираше и објави првиот онлајн регистар на е-трговци, кој ги содржи сите онлајн продажни места, кои што се регистрирани во една од петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија, односно процесирање на онлајн трансакции. Воедно, ваквиот регистар беше една од препораките во Извештајот од анализата на е-трговијата во 2018 година.

Онлајн регистарот на е-трговци, кој е изработен во соработка со петте банки кои што нудат е-трговија, има за цел да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата и да ја намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија. 

Она што е потребно се заеднички напори за намалување на сивата економија – институциите да го дадат својот придонес, граѓаните да се заштитат себе си преку купување само од регистрирани е-трговци, а компаниите да ги унапредуваат своите процеси, корисничко искуство и да одиграат едукативна улога кај потенцијалните купувачи. 

“Согласно спроведениот анкетен прашалник на 2.800 е-купувачи кој беше дел од сеопфатната Анализа на е-трговија, 2020 година, 47% од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61% од нив се изјаниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо. 48% од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27% се изјасниле дека ретко добиваат. Над 70% од нив се запознаени за ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки. Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на населението. Преку регистарот на онлајн продажни места купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница.” – вели Д-р Нина Ангеловка, претседател на Асоцијацијата за е-трговија

Покрај регистарот за е-трговци, објавивме и едукативно видео како дел од напорите за адресирање на сивата економија во Република Северна Македонија.

 

“Преку едукативното видео за сива економија кое го подготвивме како дел од платформата „Е-трговија за сите” се стремиме да придонесеме кон кревање на свеста и да им ги доближиме на граѓаните штетните последици од сивата економија за целокупниот развој на општеството и квалитет на живот. Воедно, оваа активност на АЕТМ е дел од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија, на Министерството за финансии, во кој посебен дел е издвоен за активности за намалување на сивата економија во е-трговијата” – додава Ангеловска.

Инаку, во јануари го воведовме и „беџот за верификуван е-трговец” кој преставува визуелна ознака која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано неопходните законски регулативи и правила за работење во е-трговијата.