Повеќе податоци за дигиталните платежни услуги со измените на одлуката на Народната банка

Советот на Народната банка на редовна седница ги усвои измените на Одлуката за доставување и објавување податоци за извршените активности во платниот промет, преку која Народната банка ќе го прошири сетот податоци од доменот на платежната статистика кои ќе се прибираат во иднина.

Народната банка и досега прибираше сет на податоци кои беа усогласени со стандардите и барањата на платежната статистика на Европската централна банка и Банката за меѓународни порамнувања. Со цел да се извлечат конкретни заклучоци за користењето на платежните картички и останатите платни инструименти, ќе се анализираат податоци за реализирани плаќања поделени по возраст, со цел да се има појасна слика колку и какви плаќања во и надвор од земјата врши секоја од возрасните групи.

Од Народната банка велат дека со цел подобрување на транспарентноста и информираноста на клиентите, ќе се анализира и следи развојот на инфраструктурата за вршење на плаќања (ПОС терминали, банкомати, експозитури и филијали) и истите ќе бидат поделени по општини за клиентите јасно да можат да извршат споредба која банка има најмногу ПОС терминали или банкомати во секој град, односно општина.

Проширен опсег на податоци кои се однесуваат на виртуелни трансакции

Исто така, податоците кои се однесуваат на онлајн плаќања со платежни картички ќе претрпат одредени промени за во иднина да може да се извлечат поконкретни заклучоци од кои ќе се предлагаат мерки за понамошен развој на е-трговијата.

Во иднина планирано е да се прошири и опфатот на податоците кои се однесуваат на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба, со тоа што издавачите на платежни картички на годишна основа се должни да доставуваат податоци за бројот и вредноста на трансакциите остварени на виртуелните места на продажба, засебно во земјата и надвор од земјата, поделени по старони групи кои ќе бидат однапред дефинирани.” – велат од Народната банка.

Асоцијацијата за е-трговија дава поддршка за проширувањето на сетот на податоци имајќи предвид дека квалитетните податоци се појдовна основа за преземање на конкретни чекори кои ќе придонесат за развој на е-трговијата, но и на останатите дигитални услуги во целост. Во секој случај, со измените на одлуката не се предвидува прибирање подетални податоци за категориите на онлајн трансакции, имено и понатаму останува известувањето за вкупни трансакции преку виртуелен уред кои вклучуваат и плаќање на сметки, режиски трошоци, владини услуги, што пак оневозможува да имаме јасна слика за малопродажбата односно е-продажбата. Така на пример во известувањата и анализите на АЕТМ известуваме за растот на онлајн трансакции, но немаме податок колкав дел се всушност трансакции за купување на производи и услуги и дали тие пораснале или растот се должи можеби на зголемена адопција на плаќање сметки онлајн. 

Ова проширување на сетот на податоци кои ќе се прибираат и објавуваат е во насока на постигнување поголема транспарентност за промените во делот на дигитални плаќања, а воедно и поголема финансиска вклученост на населението од аспект на користење на истите. 

Поширокиот сет на податоци очекуваме да помогне при формулирање на политиките за развој на платежните услуги и стратегијата за развој на националниот платен систем имајќи предвид дека ќе создаде подобра информативна основа за носење одлуки. Истовремено, подеталните податоци очекуваме да бидат корисни и за самите даватели на платежни услуги кои ќе може полесно да ја следат својата позиционираност на пазарот на платежни услуги и да преземаат соодветни активности за унапредување на степенот на дигитализација на платежните услуги кои ги нудат. На крај, објавувањето повеќе податоци за плаќањата е корисно и за пошироката јавност бидејќи може полесно да го следи развојот на дигитализацијата и финансиската вклученост во земјата.” – изјавија од Народната банка.

Прибирањето податоци од оваа сфера ќе ја зајакне информативната основа за формулирање на политиките за развој на платежните услуги и платните системи. Исто така, ќе помогне за дефинирање стратегиски насоки за развој на националниот платен систем во рамките на надлежностите на Националниот совет за платни системи, како и пошироко, за сите засегнати страни во целокупниот финансиски систем во земјата преку зголемување на нивото на транспарентност со објавувањето на овие податоци.

Најголемиот дел од новите податоци ќе бидат објавени на интернет-страницата на Народната банка на годишна основа, кои комбинирани со податоците кои се предмет на објава на квартална основа ќе придонесат за зголемување на транспарентноста во однос на степенот на дигитализација на нашата земја.

 

 

 

Поврзани содржини