Новости од е-трговија

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Асоцијацијата за е-трговија и Министерството за дигитална трансформација

Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) и Министерството за дигитална трансформација потпишаа Меморандум за соработка, со кој Министерството официјално пристапува како почесен член на Асоцијацијата.

Меморандумот воспоставува рамка за институционална соработка во областите на е-трговијата, дигитализацијата, вештачката интелигенција, дигиталните вештини и иновациите, со цел забрзување на дигиталната трансформација и развојот на дигиталната економија во земјата.

На состанокот беше истакната важноста на е-трговијата како интегрален дел од дигиталната економија и како клучен двигател на конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија. АЕТСМ ја нагласи својата улога во поддршка на бизнис-секторот преку развој на нови онлајн продажни канали, едукација, истражувања и иницијативи за унапредување на пазарот.

Во рамки на соработката, страните ќе разменуваат информации, анализи и експертиза, ќе учествуваат на заеднички настани и обуки, ќе развиваат едукативни и развојни програми и ќе разгледуваат можности за заедничка подготовка и реализација на проекти на национално и меѓународно ниво.

„Поттикнување на дигитализацијата на бизнис секторот е еднакво важна како и дигитализацијата на државната управа. Таа нуди нови можности за раст на бизнисите, поголеми приходи, рационализација на расходи и простор за иновации. Оттука, партнерството со Асоцијацијата за е-трговија сметаме дека ќе придонесе кон поголема мобилизација на бизнис секторот во насока на откривање на можностите кои ги нудат новите алатки.” – истакна г-дин Андоновски

Асоцијацијата изрази подготвеност да придонесе во имплементацијата на Стратегијата за дигитализација „Смарт МК 2030“, особено во делот на дигитализација на ММСП, развој на дигитални вештини и поттикнување на безготовинските плаќања.

„Е-трговијата не е само уште еден канал на продажба – таа е инфраструктура на модерната економија. Преку оваа соработка со Министерството за дигитална трансформација, правиме чекор кон системско позиционирање на е-трговијата како двигател на дигиталната економија и конкурентноста на македонските компании.” – истакна Ангеловска-Станков, Претседателка на АЕТСМ.

Дополнително, на средбата се разговараше за важноста од стимулирање на безготовинските плаќања и можните заеднички иницијативи во таа насока, кои во наредниот период ќе бидат дополнително разгледувани и разработувани.