Новости од е-трговија

Помогни во мапирањето на македонската ИТ индустријата во 2022. Приклучи се кон истражувањето!

 

Во 2019-та инспирирани од како тоа го прави StackOverflow, IT.mk започнаа слично истражување на локално ниво наречено “Мапирање на ИТ индустријата во Македонија” преку метод на анонимна анкета во кое тогаш учествуваа повеќе од 1.000 лица и дадоа корисен фидбек за индустријата во земјава. Резултатите беа бесплатно јавно споделени и сè уште се достапни на овој линк.

Оваа година, IT.mk одлучија да го повторат истражувањето и да направат еден нов пресек на движењата и интересите во ИТ индустријата во Македонија. Секој пазар има свои подробности, па затоа вреди да се има едно вакво локално мапирање во кое ќе може да се квантифицираат трендовите локално. За тоа да се направи, на IT.mk им е потребна твојата помош преку пополнување на анонимна анкета која ќе ти одземе 5-10 минути.

Анкетата ќе помогне да се дефинирааат кои трендови, технологии, алатки, навики, работни позиции, квалификации, желби, проблеми и соодветно на тоа примања според сите тие класификации се присутни на пазарот. Истата е поделена на повеќе сектори и соодветно на избор на секторот во првиот чекор, ќе добиете листа на прашања од тој сектор.

Процесот на прибирање на податоци за истражувањето е планирано да трае иницијално 4-5 недели, зависно од заинтересираноста и тоа колку луѓе ќе одговорат. Доколку побрзо се дојде до таргет бројката (~1.000+ испитаници) побрзо и ќе се комплетира прибирањето, со што се оди во следната фаза – обработка (3-4 недели) и после тоа резултатите ќе бидат јавно, бесплатно презентирани.

Истражувањето ќе има три клучни процеси:

  1. Прибирање на податоци
    преку https://it.mk/mapiranje и https://it.mk/it-kariera-istrazhuvane-2022/ и нивна промоција
  2. Обработка на податоци
    во соработка со Data Masters
  3. Објавување на податоци
    бесплатно на IT.mk

Податоците ќе бидат достапни и во RAW формат – бесплатно за академскиот сектор и индивидуалци кои нема да ги користат за комерцијални цели. А за комерцијално користење ќе има можност да се закупи комерцијална лиценца која ќе дава права за користење во такви цели без ограничувања.

Истражувањето е АНОНИМНО бидејќи потребна е и бројка за нето примања. Како алатка за прибирање на податоците ќе се користи Google Forms, каде што е потребно фер-плеј одговарање со кое ќе се придонесе кон прибирање точни податоци кои ќе бидат од голема корист на сите во иднина.

Оваа година во истражувањето се приклучуваат и Data Masters, луѓето кои специјализираат во обработка на личните податоци.

Кои се Data Masters?

Data Masters е консултантска компанија основана во 2018 година во Скопје специјализирана во областа на Data Science. Компанијата брои 50+ вработени кои работат на домашни и светски проекти во делот на Data Warehousing, Data Engineering, Machine Learning и Analytical Product Development. Работата на компанијата е фокусирана на проекти во домените: финансии, малопродажба, телекомуникации и осигурување и покрај во Македонија, работи на проекти во САД, Шведска, Португалија, Швајцарија, ОАЕ. Компанијата во свои рамки има и Академија за Data Science (прва верификувана Data Science Академија во Македонија) која досега има едуцирано 400+ студенти преку B2C & B2B обуки.

Зошто се вклучуваат во истражувањето?

Еве го нивниот одговор на ова прашање:

„Data Masters e трендсетер во делот на Data Science во нашата земја. Како компанија која создава кадри и придонесува за пазарот на труд во ИТ индустријата во Македонија, сметаме дека истражувањето ќе придонесе во две насоки: да им помогне на сегашните и идни кадри да осознаат што е она што се бара во ИТ индустријата, кои вештини е потребно да се стекнат, како и висината на приходите, но воедно ќе им помогне и на компаниите во насока на подобрување и дополнување на условите со цел привлекување на квалитетни кадри. Токму затоа, преку нашето учество во делот на обработка и визуелизација на податоците од истражувањето сакаме да придонесеме во создавањето на сликата за трендовите присутни во ИТ индустријата, која е корисна како за кадрите кои работат во оваа област, така и за компаниите.“

Помогни да се мапира македонска ИТ индустрија. Приклучи се во истражувањето.