Новости од е-трговија

Плати преку линк – Иновативно решение за онлајн наплата од Македонија до целиот свет

Во време кога онлајн продажбата станува сè почеста, многу мали бизниси, фриленсери и даватели на услуги сè уште немаат сопствена е-продавница. Причините се различни – немање техничко знаење, немање време, човечки ресурси или буџет за изработка на е-продавница. Но тоа не значи дека треба да се откажат од можноста за онлајн наплата. Добрата вест е што од лани, ова е можно и во Македонија со услугата „Плати преку линк“ (Pay By Link), достапна преку КаСис.

„Плати преку линк“ е модерен, брз и едноставен начин за онлајн наплата — без потреба од веб-страница или техничка интеграција. Само креирате уникатен линк, го испраќате до клиентот преку еmail, Viber, WhatsApp или социјални мрежи, и клиентот плаќа со картичка со неколку клика. 

За кого е наменета оваа услуга?

Овој иновативен начин на наплата е совршен за сите оние кои што продаваат производи или услуги и што имаат свој даночен број (регистрирани се како трговец поединец, регистристран занаетчија, регистриран земјоделец или останати форми). Поконкретно, примери за кого е најпогодна оваа услуга се следните:

  • Даватели на услуги – Преведувачи, нутриционисти, фитнес тренери, ментори, предавачи, сликари, фотографи – лесно наплаќајте за термини и сесии.
  • Мали бизниси и фриленсери – фриленсери или мали бизниси кои што немаат моментална потреба ниту ресурси за веб-страница или интеграција со кошничка.
  • Занаетчии, земјоделци и локални производители – кои вршат продажба на производи по нарачка или продажба на сезонски понуди.
  • Туризам и угостителство – туристички агенции, домаќини на сместувачки капацитети, туристички тури (јавање со коњи, рентање на едрилици итн.).
  • Медицински услуги – консултации, психотерапевски термин или лабораториски тестови итн.

Предности на услугата „Плати преку линк“

  • Не е потребна веб-страница или е-продавница – Оваа услуга е идеална за даватели на услуги, занаетчии, земјоделци и фриленсери – едноставна наплата, без потреба од техничка инфраструктура.
  • Не е потребна обука и техничка поддршка – Интерфејсот е едноставен и интуитивен – трговците можат веднаш да започнат со користење, без претходно искуство или обука.
  • Високо ниво на безбедност и следливост – Сите линкови се генерираат преку системи кои се во согласност со PCI DSS стандардите. Може да се следи кога клиентот го отворил линкот, кога платил и дали го прекинал процесот.
  • Можност за наплата надвор од Македонија – Линкот може да се испрати до клиенти низ целиот свет. Системот прикажува и информативен износ во домашната валута на клиентот.
  • Мултијазична достапност – Услугата е достапна на македонски, албански и англиски јазик, што ја прави практична за различни клиенти.
  • Брза наплата –  Сè што треба да направите е да го испратите линкот преку email, СМС или порака на Viber, WhatsApp или на било која од социјалните мрежи  – и наплатата може веднаш да се изврши.
  • Лесно за клиентите –  Нема потреба од регистрација – доволен е само клик на линкот и внесување на податоците од картичката.
  • Флексибилна примена – Подеднакво погодна за продажба на производи и услуги, за B2C и B2B трансакции.
  • Нема простор за човечки грешки – Купувачот не мора рачно да внесува износ или валута – тие се однапред дефинирани во линкот.
  • Подобрен паричен тек – Идеално решение за мали бизниси кои сакаат побрза наплата без чекање на банкарски трансфери или испраќање хартиени фактури.

„Плати преку линк“ овозможува дигитална трансформација и за најмалите играчи на пазарот. Не мора да сте IT експерт или да имате скапa е-продавница – доволни се неколку клика и вашиот клиент може безбедно да плати, од каде било и во било кое време.

Како функционира „Плати преку линк“?

 За да започнете со користење на оваа услуга, процесот е едноставен, брз и интуитивен:

  1. Пријава за користење на услугата: Трговецот или давателот на услуги се обраќа во својата банка со барање да започне со користење на „Плати преку линк“.
  2. Активирање на пристап: Casys испраќа е-пошта со инструкции за регистрација и активирање на услугата.
  3. Тестирање: Се врши едно тест-плаќање за да се потврди дека сè функционира правилно.
  4. Креирање на линк:  По успешно тестирање, трговецот се најавува во трговскиот модул на cPay, избира „Креирај нов линк“ и ги внесува основните информации: износ, име и презиме и е-пошта на клиентот. 
  5. Испраќање на линкот: Генерираниот линк се испраќа до клиентот преку е-пошта, SMS или друг комуникациски канал.
  6. Плаќање од клиентот: Клиентот го отвора линкот, ги внесува податоците од картичката и го потврдува плаќањето преку 3DS (еднократна лозинка/OTP).
  7. Известување за успешно плаќање: Трговецот веднаш добива нотификација дека наплатата е успешна, а клиентот добива е-пошта со потврда.

Значајно да се напомене е дека секој линк е уникатен и се креира специјално за конкретна трансакција. За секој нов клиент или нова продажба (вклучително и нова услуга/производ за ист клиент), се креира и испраќа нов линк. Позадината на страницата за плаќање може да се прилагоди според боите и стилот на брендот, доколку е потребно.

Доколку сте подготвени да почнете со онлајн наплата на вашите производи или услуги ширум целиот свет, контактирајте ја вашата банка за да добиете пристап до трговскиот модул на cPay и активирајте ја услугата „Плати преку линк“. Современите клиенти очекуваат брзина и едноставност — време е да го понудите токму тоа.

Поврзани содржини