Плакета со повелба за АЕТМ, како највисоко признание на благодарност за поддршка и соработка со Царинската управа

На одбележувањето на 27 години од постоењето на Царинската управа, на свечената церемонија беа доделени плакети и пофалници, на организации, поединци, царински службеници и организациони единици од Царинската управа, кои во 2018 година дадоа значаен придонес во напредокот на институцијата.

Во таа насока, на Плакета со повелба за безрезервна поддршка беше доделна и на АЕТМ за посебен придонес и ангажман кон дигитализација на Царинската управа. Плакетата беше врачена на претседателот на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска.

На свеченоста присуствуваа високи претставници на државата, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, Колегиумот на Царинската управа и претставници на сите царинарници.

Поздравно обраќање имаа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија г-дин Зоран Заев, заменик министер за финансии г-ѓа Ширет Елези и директорот на Царинска управа г-дин Ѓоко Танасоски. Исто така, беше презентиран новиот концепт на “Дигитална Царина” како и Годишниот извештај за работата на Царинската управа во 2018 година.

Минатата година е финализиран развојот на системот за обработка на царински декларации и акцизни документи што ќе го замени досегашниот систем АСИКУДА. Со тоа сите царински постапки што досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски

Дигитално, без хартија, Царинската управа ќе почне да ги обработува документите од јуни годинава, најави директорот Ѓоко Танаскоски, по повод Денот на царината и 27 години македонска царина.

Во текот на оваа година во царината ќе се работи и на замена на информатичкиот систем кој сега е во употреба, со нов, преку кој ќе се поврзе со европската царина кога ќе дојде време за тоа, односно по интеграцијата на земјата во ЕУ.

-Изминатата година Царинската управа започна ново поглавје во своето работење  – беше финализиран развојот на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи што ќе го замени досегашниот систем АСИКУДА. Со тоа, сите царински постапки што досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки. Со имплементацијата на новиот систем, кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително ќе се поедностави работата на царинските службеници, граничните агенции за сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка и ќе се креира поефикасна и модерна царинска околина во согласност со глобалниот развој и дигиталната ера, појасни тој и додаде дека со тоа ќе се забрзаат постапките и ќе се намалат трошоците на компаниите.

Потенцирајќи дека се на вистински пак, тој рече дека ова е само една од новините што Царината ќе ги воведе годинава. Наскоро треба да стартува заедничко царинење на стоката на граничниот премин Табановце, а на таков проект со кој ќе се забрза транспортот ќе се работи и со Албанија и Косово, со кои е постигната согласност.

Танасоски информира дека во 2018 година Царината реализирала зголемена наплата за 11 проценти во однос на годината пред тоа. Според него, тоа меѓу другото е резултат на зголемената финансиска дисциплина и соработката со институциите кои вршат контрола на внатрешниот пазар.

– Царинската управа по сите основи наплати приходи од 1,43 милијарди евра при што од царина наплатени се 5,6 милијарди денари кои имаат раст од 8,3 проценти, од ДДВ 49,11 милијарди денари и 12,5 отсто раст, од акцизи 28,8 милијарди денари и 9,3 отсто раст, потенцира тој.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези истакна дека Царинската управа во 2018 година со постигнување на овие резултати успешно реализирала една од нејзините основни функции – зачувување на финансиските интереси на државата.

– Креирањето поволна бизнис-клима е клучно за економскиот развој. Нашата работа е да овозможиме безбеден, праведен и одржлив систем. Тука една од главните улоги ги има Царинската управа, рече Елези и додаде дека заложба на Владата е негување и унапредување на односите со деловната заедница.

Владата ќе продолжи со поддршка на сите инструменти и иницијатива за поддршка на царинската управа, рече премиерот Зоран Заев кој додаде дека треба да се разгледаат сите можности што ги нудат новите дигитални алатки.

– Царината треба да се базира на автоматските процеси за обработка на податоците што треба да придонесе за подобра наплата на приходи, подобра анализа на ризик, поголема безбедност и намалување на ризиците, рече премиерот.