Над 50 е-трговци веќе го поставија „беџот за верификуван е-трговец”

Сведоци сме дека со појавата на КОВИД пандемијата несомнено се зголеми и е-трговијата. Доказ за ова е неколкукратно зголемениот број на новоотворени е-продавници во време на пандемијата, како и зголемување на вредноста на направени е-трансакции. Граѓаните се повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн, но за истите да продолжат со тоа темпо и по завршување на пандемијата, треба да изградат позитивно искуство при онлајн пазарувањето. Од другата страна, за жал, сѐ почеста е појавата и на голем број нерегистрирани продавачи кои нудат производи за продажба преку пораки на социјалните медиуми, што претставува нелојална конкуренција за регистрираните онлајн продавници. Нарачките направени од нерегистрираните продавачи преку социјалните медиуми влијаат негативно кон развојот на е-трговијата и воедно се дел од сивата економија која е штетна за целокупниот развој на општеството.

Според анализата за е-трговија која ја изработи АЕТМ, речиси половина од анкетираните (47%) се изјасниле дека прават нарачки преку социјални медиуми, при што 48% од нив никогаш не добиваат фискална сметка или потврда за нивната нарачка. За да се намали бројот на незадоволни реакции на граѓаните кои купуваат преку социјални медиуми и воедно за се едуцираат потрошувачите полесно да прават дистинкција помеѓу регистрирани и нерегистрирани продавачи, покрај регистарот за е-трговци креиравме и „беџ за верификуван е-трговец” . Беџот е визуелна ознака која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дали станува збор за регистриран правен субјект кој ги исполнува основните правила и законски прописи од останатите онлајн продавници кои не се целосно усогласени или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија. 

Само два месеци по воведувањето на „Беџот за верификуван е-трговец”,  педесет е-трговци веќе го добија и поставија беџот на своите веб продавници. Беџот е поставен кај е-трговците кои самостојно аплицирале за него, по принципот „прв дојден прв услужен” и ги исполниле условите кои се наведени во правилникот за здобивање со беџ за верификуван е-трговец и ги поминале соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата.

Беџот има за цел да одигира и едукативна улога за компаниите кои работат со е-трговија односно да ги мотивира постоечките е-трговци да ги имплементираат сите правила и прописи во своето работење.

Беџот за првите 50 верификувани е-трговци беше бесплатен и овозможен преку иницијативата „Е-трговија за сите“, која е поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. По исполнувањето на квотата од 50 бесплатни беџови, промотивната цена на беџот за 2021 година е во износ од 50 евра на годишно ниво. Беџот за верификуван е-трговец ќе биде бесплатен за сите членови на АЕТМ. 

Досега за стекнување со беџ аплицирале повеќе од 100 е-трговци и истите се во фаза на проверка. Сите заинтересирани е-трговци кои сѐ уште немаат аплицирано, ќе може да се информираат подетално и да аплицираат преку веб платформата ecommerce4all.mk на следниов линк.

Листата со е-трговци од нашата земја кои се верифицирани е јавно достапна за проверка во секое време на веб страницата: ecommerce4all.mk