Министерот за економија Крешник Бектеши на 21.06 на прес-конференција информираше дека на предлог на Министерството за економија, Владата го усвои новиот Предлог закон за заштита на потрошувачи.
„Kaкo резултат на анализата на пазарот произлезе потребата за креирање на модерна законска рамка преку нов Закон за заштита на потрошувачите.Со овој Закон од една страна, обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите, а истовремено гарантира полесни услови за деловно работење. Овој Закон кој целосно е усогласен со европската регулатива се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите за заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи.“ – Кресник Бектеши
На прес-конференцијата беше презентиран новитетот во новото Законско решение преку кој се дава посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите, вклучувајќи ги и недвижностите, дигиталните услуги и дигиталните содржини, како и правата и обврските.
Потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејност.
За прекршување на одредбите од овој Закон предвидени се и глоби и тоа:
- За микро трговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице;
- За мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице;
- За среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице;
- За големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице;
- Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице, односно на трговецот – поединец за прекршокот.
Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.
Со овој нов Закон целосно ќе се усогласат и ќе се утврдат односите помеѓу трговците со цел заштита на потрошувачите.
Целосниот говор од прес-конференцијата може да го прочитате тука.