
Моника Каџибанова е дел од тимот на Aleph – глобална компанија со локално присуство која им овозможува на бизнисите полесен пристап до најголемите светски платформи за дигитално рекламирање. Нивната мисија? Да создадат мост помеѓу глобалните можности и локалните огласувачи. Со портфолио што вклучува имиња како Meta, Pinterest, Spotify, TikTok и многу други, Aleph станува сѐ повлијателен играч на дигиталната сцена и во Македонија.
Во ова интервју, Моника зборува за моменталната состојба на дигиталното рекламирање кај нас, потенцијалот на платформи како Pinterest, клучните предизвици за брендовите во регионот, како и визијата за иднината на овој динамичен пазар.
Можете ли накратко да ни кажете повеќе за Aleph и вашата мисија на македонскиот пазар? Како ја гледате вашата улога во дигиталното рекламирање?
Моника: Aleph е глобален тим на локални експерти кој ги поврзува врвните глобални платформи со локалните бизниси. Ние сме мостот помеѓу глобалните можности и локалните огласувачи. Нашата глобална мисија, а секако и во Македонија, е да ги едуцираме, поддржиме и да им овозможиме на бизнисите полесен пристап до светските платформи за рекламирање. Веруваме дека секој бренд, без разлика на големината, заслужува да има пристап до алатки кои носат реални резултати.
Препознаени сте како официјални партнери во делот на дигитално рекламирање на повеќе светски компании, како Meta, WeTransfer, Pinterest, Spotify, Tiktok итн.. Кои се глобалните платформи кои ги нудите за рекламирање преку Aleph?
Моника: Преку Aleph, освен на веќе споменатите платформи, македонските бизниси можат да се рекламираат и на Digital Turbine, Microsoft, Amazon, X, Google, LinkedIn и уште повеќе од 30 други платформи. Сите овие платформи се моќни алатки кои помагаат во остварување на различни бизнис цели – од подигнување на свесност за брендот до конкретни перформанс резултати.
Нашата канцеларија во Македонија е официјален партнер за дигитално рекламирање на територијата на Македонија, Албанија и Косово, со тоа што не е исклучена можноста да таргетираме и глобални пазари, секако, во зависност од потребите на клиентите. Ова значи дека без разлика каде се наоѓа нивната публика, можеме да им помогнеме да стигнат до неа на ефикасен и оптимален начин.

Споменавте Pinterest, колку бизнисите го користат Pinterest за рекламирање во Македонија? Што се може да се прави преку оваа платформа и како вие може да им помогнете на бизнисите? Колкава е публиката во Македонија што го користи Pinterest и дали е доволно атрактивна платформа за реклама?
Моника: Pinterest има околу 250,000 активни корисници во Македонија, што е значителна бројка за нашиот пазар. Бизнисите веќе го препознаваат како платформа за инспирација и мотивација, но допрва треба да го запознаат како платформа за огласување, со оглед на тоа дека оваа можност стана достапна од неодамна. Она што ја издвојува оваа платформа е тоа што корисниците на Pinterest доаѓаат со намера да се инспирираат или да донесат одлука за купување, што ја прави многу ефективна за рекламирање и може да се рамни со добропознатите платформи како Meta и Google. Ние сме тука да обезбедиме целосна поддршка – од поставување на реклами, до локални совети, hands-on обуки или едукација преку вебинари.
Кои бизниси би имале најголем бенефит за рекламирање на Pinterest? Како би се одвивала соработката помеѓу една компанија и вас за да може да започнат рекламирање македонските компании на Pinterest? Што треба да направат?
Моника: Имавме можност да ја тестираме Pinterest платформата со кампањи од различни индустрии, и интересен факт е дека секоја индустрија си го пронајде својот формат и својата публика. Платформата нуди широк спектар на категории – од мода, убавина и уредување на дом, до храна, патувања и lifestyle, што значи дека има простор за секој тип на бизнис. Соработката започнува многу едноставно – доволно е компанијата да не контактира на info@httpool.mk и ние ќе ги водиме низ целиот процес, од поставување на кампањата до анализа на резултатите.
Помагате ли вие и со совети за креирање на добри и насочени реклами на оваа платформа? Кои се најдобри практики кога се креира Pinterest кампања?
Моника: Да, ние активно помагаме со совети и обуки за креирање ефективни и насочени реклами на Pinterest. Обезбедуваме поддршка за сетирање на кампањи, споделуваме најдобри практики, како и корисни tips & tricks за постигнување подобри резултати. Како една од најдобрите практики се издвојува користењето на визуелно привлечна и инспиративна креатива – затоа што токму инспирацијата е главната причина поради која корисниците ја користат оваа платформа. Добро осмислени креативи и јасна порака се клуч за успех на Pinterest.
Зборувавме дека застапувате повеќе глобални платформи за рекламирање. Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат брендовите во регионот кога станува збор за онлајн маркетинг, и како Aleph помага да се надминат?
Моника: Генерално, како пазар сè уште не сме доволно запознаени со сите можности и канали што ни се достапни за дигитална комуникација. Многу брендови се држат до традиционалните платформи, а пропуштаат шанса да бидат присутни таму каде што е нивната публика. Нашата мисија во Aleph е токму тоа – да им ја пружиме можноста да дојдат до овие платформи, да ги едуцираме како најдобро да ги користат и да ги насочиме кон out-of-the-box и omnichannel маркетинг решенија.
Многу често предизвик е и да се дојде до поддршка или совет директно од овие платформи, па нашата локална поддршка може да им помогне да го пронајдат одговорот за нивниот предизвик или да го пронајдат патот до остварување на нивните бизнис цели.
Застапени сте во речиси сите држави на Балканот, може ли накратко да ни направите спореба на пазарите, каде Македонија е во споредба со регионот во однос на дигитално рекламирање? Имаме ли ограничувања, ако да, зошто? Каква е вашата визија за иднината на дигиталното рекламирање во Македонија и Балканот?
Моника: Свесноста за овие дигитални канали полека се подига и кај нас и веќе се доближува до нивото на останатите пазари во регионот. Единствено ограничување моментално е тоа што некои платформи, сè уште, не се целосно отворени за таргетирање или рекламирање во Македонија – како на пример TikTok, или пак Google и проблемите со поддржаноста на јазикот. Можеби тоа што сме во категоријата на мали пазари, е главен виновник за овие ограничувања, но во последно време забележуваме дека и платформите ја менуваат својата перцепција за овие простори и полека ги намалуваат ограничувањата, а со тоа оставаат простор квалитетните локални брендови да „испливаат“ на глобалните пазари.
Секако, нашата визија е да ги следиме светските трендови во огласувањето, па дури и да бидеме чекор напред – да внесеме нови платформи што ќе ја освојат локалната публика и ќе им помогнат на бизнисите да бидат присутни онаму каде се и нивните клиенти.