Новости од е-трговија

IT4Charity 2025: За децата, семејствата и планетата – приклучете се!

Со големо чувство на општествена одговорност, веќе трета година по ред АЕТСМ е силен поддржувач и пријател на иницијативата – IT4Charity која има за цел да ја соедини IT заедницата и да ја поддржи Програмата за позитивно родителство и зајакнување на семејствата на СОС Детско село преку која се обезбедува психосоцијална поддршка, советување и едукација за родители, индивидуална и групна работа со деца и активности за развој на социјални вештини.

Оваа година, IT4Charity го комбинира најдоброто од тимска активност, еколошка одговорност и хуманост.

На 20 септември, во Градскиот парк – Скопје, ИТ-компаниите ќе формираат тимови и ќе учествуваат на хуманитарната трка, симбол на корпоративна солидарност и здрав животен стил.
Во текот на целата кампања, вработените ќе имаат можност да рециклираат со помош на апликацијата на Екомак, собирајќи зелени поени што се претвораат во донации за СОС Детско село – донации што ќе бидат удвоени од Пакомак. На 1 ноември, иницијативата ќе заврши со садење дрвја во Детското село, како симбол на заедничката и долгорочна заложба за похумано и позелено утре.

Собраните средства од иницијативата ќе бидат наменети за 45 семејства и 120 деца во социјален ризик, со цел да се спречи нивно разделување и да се обезбеди континуирана поддршка во рамките на биолошкото семејство.

„Во време кога семејствата се соочуваат со сериозни предизвици, ИТ заедницата станува мост на поддршка и надеж. Со IT4Charity 2025, не само што инвестираме во деца и семејства, туку и испраќаме силна порака дека иднината е заедничка – и треба да биде зелена и сигурна за сите.“ – велат од СОС Детско село.

Ги повикуваме сите ИТ-компании да бидат дел од IT4Charity 2025 и да покажат дека солидарноста и одговорноста се темели на кои се гради вистински прогресивна заедница.

За повеќе информации и пријавување, кликнете овде

Приклучете се на IT4Charity 2025!

Поддржете ја оваа мисија и направете разлика – за децата, семејствата и планетата.