Чест ни e што имавме прилика да разговараме со Владимир Ѓорѓевиќ, генералниот менаџер на компанијата VISA за Југоисточна Европа, за тоа што VISA прави во поглед на заштитата на своите корисници и безбедните платежни решенија. Но разговаравме и за развојниот потенцијал на македонскиот пазар, имплементацијата на Google Pay, нивната B2B соработка, и секако, за нашиот заеднички јавен повик „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси” на кој сме особено горди и преку кој поддржавме 15 микро, мали и средни компании да отворат своја е-продавница на локалните маркетплеј платформи.
АЕТМ: Често се вели дека сигурноста е клучна кога е во прашање развојот на е-трговијата, односно оние кои не пазарат често онлајн се плашат да не дојде до злоупотреба на нивните податоци. Кажете ни нешто повеќе околу технолошките решенија кои ги нуди компанијата Visa со цел да ги заштити своите корисници (трговци и носители на картички) како и да гарантира сигурно плаќање?
Владимир: Покрај тоа што Visa е најголемата платежна мрежа во светот, таа е подеднакво и технолошка компанија, фокусирана на развојот на најбезбедносните платежни решенија. Токму поради својата технолошка извонредност и глобално присуство, Visa има задача да ја едуцира и охрабри целата локална заедница за да ги усвои моделите на дигиталната економија. Преку едукација за развој на поволно опкружување за електронска трговија, важна е и синергијата на банкарскиот, државниот и приватниот сектор, но и промоција на овој начин на пазарење, како преку зголемување на бројот на сајтови за е-трговија, така и преку поттикнување на нови навики за купување и градење на доверба во дигиталните плаќања.
Затоа, во компанијата Visa моментално сме особено фокусирани преку едукативни кампањи да споделуваме знаење и да ја зајакнуваме довербата на граѓаните во дигиталните плаќања, за да може да се промовира дека електронската трговија е безбедно и посакувано место за купување. Не помалку наш важен приоритет е и заштитата на платежните трансакции и сајбер безбедноста. Нашите сервиси, како што се Токенизацијата, Visa Advanced Authorization и Visa Risk Manager, се меѓу најсовремените заштитни механизми на локалниот пазар, а благодарение на истите, само во 2021 година се заштитени над 27,1 милијарди долари ширум светот.
АЕТМ: Kако го оценувате пазарот во Македонија низ призмата на картични плаќања во споредба со земјите од регионот?
Владимир: Целиот наш регион има голем развоен потенцијал, а пазарите во Србија и С. Македонија ја предводат оваа трансформација. Неодамна, резултатите од истражувањето „Нови дигитални навики“, кое беше спроведено од наша страна, го потврдува мојот оптимизам и покажа дека потрошувачите на двата пазари успешно се прилагодуваат на светските дигитални трендови и брзо ги прифаќаат новите дигитални технологии. Само во Македонија, секој втор учесник во истражувањето (56%) изјавил дека користи онлајн услуги неколку пати на ден, а речиси сите (99%) тоа го прават преку паметен телефон.
АЕТМ: Бесконтактните плаќања се во постојан раст, а неодамна во Македонија неколку банки во соработка со Visa имплементираа плаќање преку Google Pay, но Apple Pay сè уште е енигма. Постојат ли пречки кои стојат на патот за имплементација на Apple Pay и колку сте задоволни од развојот на бесконтактното плаќање досега?
Владимир: Во соработка со банките континуирано работиме на развој на иновативни решенија за дигитално плаќање, кои на граѓаните на С. Македонија ќе им овозможат нови можности за плаќање и можност за избор, односно плаќања на начин, кој најмногу им одговара. Токму затоа се стремиме да им овозможиме најдобро корисничко искуство, кое подразбира брзина, практичност и безбедност. Веќе 65% од испитаниците, од претходно споменатата студија, користат можности за плаќање преку мобилни телефони и со сигурност можам да кажам дека во иднина ќе се зголемува бројот на решенија во кои телефонот станува картичка. Дополнително е охрабрувачки што интересот за овој начин на плаќање расте и што сè повеќе луѓе ја гледаат безбедноста, едноставноста и достапноста како клучни придобивки од овој начин на плаќање. Ќе настојуваме да продолжиме да соработуваме со сите партнери, а тоа е моментално Google на македонскиот пазар, но сигурни сме дека и Apple наскоро ќе го види целиот потенцијал на овој регион и ќе ни се придружи во мисијата да ја внесеме С. Македонија во нова епоха на бесконтактни, дигитални плаќања.
АЕТМ: Покрај соработката со домашните банки, Visa во последно време е актуелна со кампањи во соработка со одредени компании кои имаат за цел пред се да ја промовираат е-трговијата. Која е целта што сакате да ја постигнете преку имплементација на ваков тип на B2B соработка?
Владимир: Целосното вклучување и прифаќање на дигиталната економија, е крајната цел, кон која се стремиме. B2B соработките ќе бидат добар поттик за сите оние кои сè уште не се префрлиле на овој модел на плаќање, да увидат дека имаат неискористен потенцијал за развој на нов канал за плаќање и дека со отворање на дополнителен дигитален пазар (маркетплејс), може да ја зголемат својата заработка и да привлечат сосема нов сегмент на клиенти. Дигиталната трговија нуди можност да го искористите вашиот целосен потенцијал и се надевам дека тоа ќе биде стимул за сите да се вклучат и заинтересираат за ваквите партнерства.
АЕТМ: Од минатата 2022 година Visa е премиум член во Асоцијација за е-трговија. Неодамна преку јавниот повик “Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси” во соработка со Visa беа одбрани 15 микро, мали и средни компании кои отворија своја е-продавница во рамки на постоечки маркетплејс платформи. Како ја оценувате соработката со Асоцијацијата и сметате ли дека со овој повик им се олеснува патот на компаниите кои сакаат да отворат своја е-продавница?
Владимир: Секоја иницијатива, поттикната од вистинската желба за подобрување на конкурентноста на домашната економија и зајакнување на локалните претприемачи, ќе најде свој партнер во компанијата Visa. Конкурсот „Е-трговија: Супермоќ за локални бизниси“ е токму еден од нив. Горд сум што заедно со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, ги насочивме нашите заеднички ресурси кон изнаоѓање решенија, кои ќе го олеснат работењето на локалните бизнисмени. Би сакал поддржаните компании во иднина да бидат меѓу новите локални лидери во областа на дигиталната трговија, но и пример за тоа колку малку труд е потребен за голема промена.
АЕТМ: Што можеме да очекуваме од Visa во периодот што следи, во делот на унапредување на пазарот со е-трговија од аспект на понуди за клиенти и соработка со компании кои нудат онлајн продажба?
Владимир: Како и досега, Visa ќе продолжи да ги имплементира најмодерните платежни решенија на македонскиот пазар, кои во исто време се присутни во најразвиените светски пазари, а се со цел понатамошно поддржување на развојот на локалната економија и нејзиното отворање кон глобалните парични текови.