Непосредно пред официјалното доделување на наградите за најдобрите е-трговци за 2022, разговараме со Верица Серафимов, Раководител на сектор за дигитално банкарство и депозити за корпоративни клиенти во УНИБанка. Верица ни сподели одлични бројки кои го покажуваат растот на е-трговијата и бројки за онлајн користењето на платежни картички преку кои се согледува прогресот кој е-трговијата го има во нашата земја. Ни кажа и зошто УНИБанка се фокусира на едукацијата на вработените и на клиентите и кои се новите и подобрени понуди кои им ги нудат на своите клиенти. Но, разговаравме и за овогодинешните Ecommerce Awards 2022 на кои УНИБанка се Бронзен партнер и што значи за нив да се биде дел од еден ваков настан кој ја наградува и вреднува работата на најдобрите е-трговци.
AETM: Е-трговијата е во подем. Може да се забележи и од растот на бројот и вредноста на е-трансакциите кои на квартална основа се објавуваат од страна на Народната банка, а подетално се анализираат од Асоцијацијата за е-трговија. Кажете ни конкретно за УНИБанка, колкав е овој раст од година во година и на што се должи истиот?
Верица Серафимов: Е-трговијата е во постојан подем, кој интензивно започна за време на пандемијата и константно е во прогрес. И бројките во базата на УНИБанка го потврдуваат истото. Тоа што особено нè радува е што овој тренд продолжи и прометот од е-трговија кај нашите клиенти споредбено 2021/22 е за 75% поголем, додека бројот на трансакциите за истиот тој период е зголемен за 25%. Основна причина за ваквиот раст се должи пред сè на промена на потрошувачките навики. Еднаш кога ќе купите нешто преку интернет, без разлика дали тоа е храна, облека, бела техника и сл., следниот пат, првично го проверувате само електронски и сите информации околу карактеристиките на производите/услугите ги добивате електронски. Самите бројки од анализите за време на пандемијата го потврдуваат тоа. Резултатите се следни: 37% од популацијата која претходно не купувала онлајн, почнала сега да купува. Или близу 20% од популацијата за прв пат почнале да плаќаат сметки онлајн и да користат владини е-услуги.
Инфраструктурата за е-трговија, квалитетната понуда и пониската цена исто така има влијание на одлуката за онлајн купување. Потоа корисничкото искуство и автоматизираните процеси, дизајнираните user friendly веб и мобилни апликации за онлајн продажна, безбедноста при купување, брзата, навремена и евтина испорака на производите, добрата реклама преку социјалните мрежи се исто така значајни фактори кои придонесуваат за сè поголем и константен прогрес на е-трговијата во Македонија.
AETM: Едукацијата на корисниците игра значајна улога во користењето на платежните картички онлајн. Дали УНИБанка инвестира во едукација на своите клиенти со цел зголемување на користењето на платежните картички онлајн?
Верица Серафимов: Едукацијата е нешто на кое со многу ентузијзам и посветеност, интензивно работат и придонесуваат сите вработени во УНИБанка. Постојано работиме да го зголеми растот, со едукација во секој дел од нашето работење. Фокусот е ставен пред сè на едукацијата на нашите вработени за сите продукти и услуги кои ги нудиме, а потоа и на нашите клиенти. Целта е да се забрза трансформацијата кон дигиталното и смарт општество, а воедно да се искористат предностите на дигиталната економија и е-трговијата како составен дел од истата.
Со цел поголема едукација и запознавање на нашите клиенти со поволностите на нашите продукти, развивме современ контакт центар преку кој секојдневно имаме постојани контакти и со постоечките и со потенцијалните клиенти. Исто така ја имаме и т.н. ВЛОГОСФЕРА која е достапна на веб страната на банката, како едукативен програм-водич за користење на нашите банкарски продукти, како и сите форми на извештаи што ги проследуваме до нашите клиенти ги користиме како едукативно и информативно средство.
AETM: Анализирано од гледна точка на Банката, колкава е пенетрацијата на клиенти кои поседуваат платежни картички и колкав дел од нив ги користат истите за плаќање онлајн?
Верица Серафимов: Последните бројки во нашата база, даваат информација дека бројот на дебитни и на кредитини картички постојано се зголемува. Во денешно време нема човек, на возраст од над 18 години, а да нема платежна картичка. Условите за поседување на картичка се многу едноставни, самата процедура за одобрување е брза и достапноста до нив е многу лесна. Правејќи паралела согласно, критериумот старосна група, може да се каже дека онлајн користењето на платежните картички, најмногу е застапено кај помладата до средна популација (18-60 год). Но се повеќе нè радува фактот што имаме зголемување на процентот на онлајн користење на картичките и кај постарата популација (над 60 год), особено во делот на плаќање сметки онлајн, како и на онлајн плаќање за владини е-услуги.
Од вкупниот број на активни кредитни и дебитни картички во УНИБанка, 35% се користат за плаќање онлајн.
AETM: Во Интервју за порталот Банкарство, претставник на УО на УНИБанка изјави дека во 2023 година на клиентите ќе им понудите значително подобрени електронски услуги. Дали ова значи дека ќе има подобрување и во понудата поврзана со електронска трговија?
Верица Серафимов: Дигитализацијата е веќе наше секојдневие. Нашите клиенти веќе ги уживаат погодностите од дигиталните плаќања кои овозможуваат брзина, сигурност, заштеда на време и секако значително пониски провизии во споредба со оние кои ги нудат традиционалните методи на плаќања. Дигиталните услуги носат поголема достапност, пониски провизии, значаjно го скратуваат времето за завршување на сите видови банкарски трансакции и на тоj начин клиентите заштедуваат време и пари, а истовременно jа унапредуваат и своjата финансиска активност. Постојано правиме надоградба на нови функционалности во електронското и мобилното банкарство. Сите продукти кои ги креираме за нашите клиенти, вклучувајќи ги и УНИКатните Е-Пакети и депозити за правни лица се достапни на апликациите на мобилното и електронско банкарство и тоа од аплицирање до добивање на услугата без потреба од физичка посета во експозитура. Во скоро време достапна ќе биде и функционалноста за онлајн аплицирање на сите кредитни продукти за правни лица.
Паралелно и постојано работиме и на креирање на нови продукти, кои се креирани согласно профилот на клиентот, како и неговата реална потреба повеќе да користи продукти од денарско или девизно работење. Секако дека не се заборавени и клиентите кои ја користат услугата е-трговија, на кои им нудиме пакети со посебни повластени услови, каде се ослободени од еднократниот трошок за разгледување на документите, како и гратис период од неколку месеци за месечниот трошок за одржување на впос терминалот, со кои им помагаме во почетните месеци од започнувањето на бизнисот да бидат растеретени од основните трошоци под кои подлежи услугата е-трговија. Паралелно со ова, како што ги спомнав погоре, нашите клиенти на располагање ги имаат, Е-Пакет и Е-Пакет + со чие активирање паралелно им помагаме и ги ослободуваме од дел од останати банкарски трошоци, кои се неопходни за секојдневно извршување на бизнисот. Со пакетите клиентите се ослободени од месечно одржување на сметка, во некои од нив има неограничен број на интерни плаќања, како и различен број на бесплатни КИБС или МИБС налози, согласно потребата на клиентот, како и пакет креиран за оние со поголемо девизно работење, во кој клиентите добиваат неограничен број на бесплатни девизни приливи, како и бесплатни три девизни плаќања.
Сите поволности од овие продукти, нашите клиенти ги довиваат само за електронските услуги, преку е-банкарство и мобилно банкарство.
AETM: УНИБанка оваа година е дел од E-commerce Awards 2022 како бронзен партнер на иницијативата. Зошто сметате дека иницијативите како оваа се важни за стимулирање на растот и унапредувањето на работата на е-трговците во нашата земја? Што би им порачале на идните најдобри е-трговци за 2022?
Верица Серафимов: УНИБАНКА веќе неколку години е членка на АЕТМ, а од годинава е бронзен партнер во изборот на најдобри е-трговци. Ни претставува особно чест и задоволство што сме едни од учесниците на оваа манифестација. Сите овие иницијативи, манифестации што се организираат и одржуваат од ваков тип во нашата држава, претставуваат огромен поттик, за полесно да се одлучат и вклучат голем број на клиенти, независно од нивната големина. Сепак знаат дека некој стои и се грижи за нив, дека веќе темелот постои и многу полесно е истиот да се надополнува и модифицира, отколку да се поставува одново. Исто така учеството на банките во ваквите настани, дава дополнително поголемо чувство на сигурност и доверба, што претставува уште еден стимуланс за отпочнување на бизнис, во кој ќе имаат сигурна и безбедна наплата на своите побарувања.
УНИБанка на најдобрите е-трговци за 2022 им порачува да продолжат да веруваат во себе и во своите соништа, да бидат и понатаму ентузијасти и да продолжат со посветена работа. УНИБанка верува во нив и во нивниот успех, без разлика дали почнале пред неколку месеци или пред повеќе години, важен е фактот дека го направиле првиот чекор, се осмелиле и почнале. Нека продолжат да ја следат својата интиуција, паралелно со светските трендови и успехот ќе биде неминовен.