[Интервју] Вељан Поповски: „Банкарскиот сектор е должен да биде проактивен, дигитално ориентиран и поборник за овозможување на простор за дигитализација во државата.”

Брзиот начин на живот и предизвикот да постигнеме баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, директно влијаат на менувањето на навиките на сите нас, вклучително и на навиките на користење на банкарските услуги. Бидејќи НЛБ Банка важи за една од најиновативни банки во Северна Македонија, решивме да поразговараме со раководителот на Централизирана продажба во Секторот за развој на понуда и маркетинг – Вељан Поповски, за да дознаеме повеќе за најновите услуги на кои што НЛБ Банка работи во моментот.

Прочитајте го комплетното интервју во продолжение.

АЕТМ: Дознавме дека НЛБ Банка е во фаза на имплементација на нова подобрена платформа за е-трговија. Објаснете ни нешто повеќе за истата, кои беа појдовните точки при изработката на платформата?

Вељан Поповски: Кај нас во НЛБ појдовната точка секогаш е клиентот и неговите потреби. Деловните политики се дефинираат околу оваа клучна доктрина. Ние веруваме во екологијата на пристапот. Израснавме со примена на сосема нов клиент-центричен пристап на пазарот, со изразен фокус на корисничното искуство, достапноста, широк спектар на функционалности и сигурноста. 

Во овој контекст, новата интернет платежна платформа на НЛБ Банка IXOPAY е изразито иновативна, овозможува врвно корисничко искуство и конфигурабилност достапна само кај најголемите светски интернет трговци и тоа преку интуитивно интегрирање на најновите подобрени верзии на функционалностите. Меѓу функционалностите достапни во рамки на интернет платежната платформа на НЛБ се наоѓаат „Card on file” која овозможува безбедно зачувување на картичните податоци во токенизирана форма со што на клиентите им се нуди можност да плаќаат повеќекратно без повторен внес на картичните податоци. Опцијата за повторливи плаќања на идентичен или различен износ (Recurring payment) е исклучително интересна за трговците кои наплаќаат сметки за режиски трошоци, осигурителни премии, членарини и останати повторливи плаќања. Едноставноста во интеграцијата се акцентира преку развојот на Plug-in за водечките платформи за интернет продавници како Мagento, WooCommerce, OpenCart и PrestaShop со што процесот на интеграција станува возможен и за лица кои не располагаат со високи технички знаења.

Во контекст на поддршка на новите дигитални трендови во кои компаниите засилено инвестираат, како што е развојот на мобилни апликации, платформата овозможува едноставна интеграција со мобилни апликации (SDK за iOS и Android OS) овозможувајќи природен дисплеј кој нуди значително подобро корисничко искуство од алтернативните решенија базирани на веб-екран со влезна маска во рамките на мобилната апликација. Дополнително, кај стандардните веб страни се постигнува видлив позитивен импакт на корисничното искуство во платежната фаза преку користење на „Iframe“ опцијата кој овозможува целосно унифицирано корисничко искуство во сите фази на купување преку внес на податоци на посебен екран кој во фаза на плаќање излегува во преден план. 

И секако, да не ја заборавиме достапноста на „Sandbox“ тестната околина достапна на трговците уште во фаза на донесување на одлука со цел реално да се запознаат со функционалностите кои ги нуди оваа платформа и да го тестираат начинот на кој истите функционираат.

АЕТМ: Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија лани изработи сеопфатна анализа со насоки за банките со цел подобрување на инфраструктурата за развој на е-трговијата во Македонија. Дали некои од посочените работи во анализата се имплементирани во вашата платформа за е-трговија?

Вељан Поповски: Инпутот кој го добивме преку анализа на пазарот, дополнителнo ги потврди нашите согледувања. Банката го протолкува како сигнал дека состојбата е созреана за понатамошно унапредување на понудата во сегментот на интернет плаќањата со решение кое преку неприкосновени функционалности повторно сериозно ги помрдна границите на она што отсега натаму ќе се смета за стандард во индустријата на нашиот пазар.

АЕТМ: Mastercard и Visa имаат строго пропишани регулативи при имплементација на онлајн плаќање, пред сè поради заштита на корисниците на платежни картички. Што значат истите од аспект на имплементацијата на новата платформа за е-трговија? Дали истите во некоја мера ја ограничуваат креативноста на банката и го забавуваат процесот на имплементација на иновации или сметате дека истите се неопходни со цел клиентите да не се соочуваат со дополнителни проблеми при користењето на услугата? 

Вељан Поповски: Безбедноста при плаќањето претставува логичен предуслов за раст на бизнисот, особено во делот со интернет плаќањата. Довербата во системот на плаќање е клучна за што е потребен системски пристап.  Предизвиците околу изградба, и уште покруцијално, околу зачувување на довербата стануваат сè позначајни особено со процесите на дигитализација на платежните сервиси. Во овој дел  оваа платформа ги исполнува најновите стандарди на безбедноста при плаќањето преку интернет – EMV 3DS V2 (задолжителен протокол за високо ниво на заштита при користење на сервисите за електронска трговија).

АЕТМ: Постоечките клиенти на Банката кои се корисници на услугата е-трговија се најзасегнати од имплементацијата на подобрената платформа. Со нив сте во секојдневна комуникација и дискутирате за сите предности и недостатоци на платформата. Колку се внимаваше на фидбекот добиен од страна на е-трговците кој се однесуваше на претходната платформа, при креирање на новата  платформа?

Вељан Поповски: Платформата за процесирање на картични трансакции, која сè уште e актуелнa кај Банката, беше развиена од страна на еден од најпознатите производители на софтверски решенија за процесирање на картични трансакции во светот. При воведувањето на сервисот за плаќање преку интернет, Банката ја избра токму оваа интернет платежна платформа поради одличните референци и претходни искуства од европските пазари, а со цел да ги задоволи тогашните актуелни потреби на трговците. Да бидеме максимално отворени со Вас, фидбекот кој Банката го добива од страна на мнозинството корисници за платформата е одличен, пред сè, поради исклучителната стабилност и безбедност на решението. Основните функционалности кои ги нуди споменатата платформа сè уште претставуваат напреден стандард во индустријата кои ги користат најголемиот дел од трговците. Дополнителните опции кои на корисниците им стануваат достапни во рамки на новата интернет платформа на Банката се насочени кон подобување на корисничкото искуство и поедноставување на интеграцијата согласно новите трендови кои ставаат акцент на овие аспекти.

АЕТМ: НЛБ Банка е дел од Групација која нуди понапредни услуги за поразвиените пазари во регионот. Дали и колку ги користевте нивните искуства при имплементацијата на оваа нова платформа за е-трговија?

Вељан Поповски: Групациските искуства се непроценливи, особено кога позади вас стои една од најуспешните групации во регионот. Присуството на сите пазари ни дава регионално искуство, мудрост и поширока перспектива да размислуваме надвор од нашите граници. Во селекцијата ја користевме оваа перспектива и верувам дека избравме решение кое ќе поттикне побрза еволуција на пазарот во насока на приближување кон светски најразвиените е-пазари.

АЕТМ: Кога се очекува да се промовира и пушти во употреба оваа платформа за е-трговија? 

Вељан Поповски: Промоцијата на решението ќе се случува постапно во фази во текот на идниот период поради потребата од миграција на постојните корисници кон новата платфотрма. На ист начин ќе се воведуваат и новите функционалности поради исклучителниот фокус кон неосетна миграција без прекини. Стабилноста на овој процес ни е примарен фокус во идниот период.

АЕТМ: Какви се очекувањата на банката за резултатите од имплементацијата на оваа платформа, откако 100% ќе се имплементира?

Вељан Поповски: Имплементацијата на новата интернет платежна платформа очекуваме значително да придонесе кон зголемување на користењето на интернетот како продажен канал, пред сè поради едноставноста на процесот на интеграцијата, значително подобреното корисничко искуство како и напредните опции усогласени со спецификите на определени индустрии кои досега исклучително внимателно пенетрираа во овој пазарен сегмент или истото го правеа на цена на намаленото корисничко искуство. 

АЕТМ: Сметате ли дека со развој на вакви и слични платформи ја доближуваме Северна Македонија до статусот е-држава?  И во која насока, според вас, треба да се одвиваат банкарските услуги во иднина за да се постигне ова?

Вељан Поповски: Секако дека со вакви и слични платформи со микро чекори се движиме кон е-држава. Оној големиот чекор кој е клучен за достигнувањето на е-држава е во рацете на регулаторите преку закониските решенија кои се однесуваат на дигитализација на секојдневните административни потреби на граѓаните и понатаму на општествените процеси.  Банкарскиот сектор е должен да биде проактивен, дигитално ориентиран и поборник за овозможување на простор за дигитализација во државата. Дигиталните продукти, како NLBPay, единствениот мобилен паричник кој овозможува дигитализација на двата клучни  светски платежни брендови (МастерКард и Виза), електронското и мобилното бакарство за физички и правни лица со своите единствени карактеристики, се само пример кон кој треба да се стреми банкарскиот сектор и секако многу повеќе.