[ИНТЕРВЈУ] Вартан Сурмејан, GIZ – Програмата на конференцијата изобилува со мотивација и инспирација за е-бизнисите

Во ова интервју разговараме со Вартан Сурмејан, советник за е-трговија во Отворен регионален фонд на Југоисточна Европа –  Надворешна трговија (ОРФ ФТ). Го прашавме за неговите очекувања од овогодинешната конференција, на што ни одговори дека конференцијата е одлична прилика претставниците на приватниот и јавниот сектор да разговараат за можностите за раст на e-трговијата кои произлегуваат од нивната взаемна соработка. Разговаравме и за регионалната платформа ecommerce4all.eu, прекуграничната е-продажба, развојот на е-трговијата и соработката на ГИЗ и АЕТМ. Чест ни е што го имаме Вартан во ова интервју. 

 

АЕТМ: На 11 ноември се одржува 5-тата годишна конференција за е-трговија под мотото “E-COMMERCE: ACCELERATE!” која оваа година има и регионален карактер. Кои се вашите очекувања од конференцијата и што сметате дека е неопходно да се реализира кога е во прашање е-трговијата за да дојде до нејзино забрзување на локално и на регионално ниво?

Вартан: Веруваме дека овогодинешната јубилејна, петта конференција ќе биде одлична платформа за промоција на економскиот потенцијал кој го носи со себе е-трговијата за пазарите од регионот кои припаѓаат на Средноевропски договор за слободна трговија (CEFTA). Проектот за е-трговија кој го имплементираме согласно мандатот од Европската Унија (ЕУ) и Германското министерство за економска соработка и развој (BMZ) е посветен на реализирање на потенцијалот во областа на е-трговијата на целокупниот регион. Оттука и особено задоволство ни е да ја поддржиме оваа конференција чија програма годинава во својот фокус го има регионот; истата сметаме дека е одлична прилика претставниците на приватниот и јавниот сектор да разговараат за можностите за раст на електронската трговија кои произлегуваат од нивната взаемна соработка, но и за предизвиците кои се пред нас на патот кон развивање на заеднички, регионален пазар за електронска трговија низ земјите на CEFTA. Годинешнава конференција има програма која изобилува со мотивација и инспирација за постоечките и потенцијалните бизниси од областа на е-трговијата да ги удвојат своите заложби за раст и развој и да се обидат да реализираат што е можно повеќе од потенцијалот кој со себе го носи тргувањето во електронски формат.

 

АЕТМ: ГИЗ е поддржувач и партнер во изработката на регионалната платформа (eCommerce4All) која се имплементира во соработка со АЕТМ и со останатите Асоцијации од CEFTA регионот. Зошто оваа платформа за е-трговија е значајна за понатамошен развој на оваа гранка во регионот?

Вартан: Платформата ecommerce4all.eu е важна за нашиот проект бидејќи на тој начин одговараме на потребите на деловните субјекти за детални информации за е-трговијата, но и бизнис можностите кои се укажуваат како прилика со практикување електронска трговија во национални, регионални и меѓународни рамки. Имајќи ги сите релевантни информации во врска со е-трговијата во регионот на CEFTA на едно место е корисно како за претставниците на деловната заедница, така и за претставниците од јавниот сектор. Преку систематски приказ на информации за секторот, законската регулатива, можностите и начините на плаќање, услугите за достава на пратки и претставувањето на успешните приказни од регионот се стремиме да ги поддржиме постоечките бизниси од областа на е-трговијата, но и оние кои сакаат да ги искусат предностите кои таа ги нуди на тој начин што ќе можат да ги најдат сите релевантни информации за секој од седумте пазари од CEFTA регионот на едно место. Сметаме дека оваа платформа е релевантна како за постоечките бизниси кои сакаат да се обидат да го искористат потенцијалот за е-трговија во регионот, така и за деловните субјекти од Европската унија кои сакаат да добијат подобар увид во потенцијалот кој е-трговијата го има во регионот на CEFTA, како од аспект на легислативата за практикување е-трговија, така и од аспект на можностите за плаќање и услугите за достава. Првите две групи на податоци (модули) беа поставени на платформата на почетокот на оваа година и тоа се модулите кои се однесуваат на информации за е-трговијата за секој од седумте ЦЕФТА пазари како и легислативата која треба да ја следат постоечките и идните е-трговци. Веќе во ноември корисниците на оваа платформа ќе можат да дознаат повеќе за успешните приказни од регионот, а потоа следи содржина која ќе овозможи повеќе информации за начините на плаќање и услугите за достава за секој од пазарите во регионот.  

АЕТМ: Соработката помеѓу државниот и приватниот сектор и хармонизацијата на регулативата на локално и на регионално ниво се значаен сегмент кој ќе води кој понатамошен развој на е-трговијата. Според вашите анализи и досегашната работа на овие критериуми, какви промени може да се очекуваат со цел приближување на регулативата во регионот, што би требало да придонесе кон подобри услови за прекугранична е-продажба?

Вартан: Во соработка со CEFTA секретаријатот и нашите партнери од институциите кои ја уредуваат законодавната и регулаторна рамка за работење во областа на е-трговијата, се обидуваме да направиме позитивни промени и поедноставување на доставата на пратки помеѓу пазарите од регионот, а исто така соработуваме и во делот на олеснување на царинските процедури. Нашите заложби веруваме ќе го направат деловното работење поедноставно; дополнително компаниите кои работат и се стремат да работат во CEFTA регионот, односно да продаваат или овозможуваат услуги од областа на е-трговијата освен на примарниот пазар и на останатите пазари во регионот, би имале помали трошоци и пократки рокови за достава. Од друга страна, ова ќе придонесе за конкуренција на пазарот и зголемување на извозот и увозот со тоа генерирајќи повеќе приходи како за приватниот така и за јавниот сектор. Сите овие промени кореспондираат со законодавството на ЕУ и имаат значајно влијание на европската перспектива на регионот. Во изминатата година, низ серија анализи и работилници направивме истражувања и проценки во областа на царинските пракси, доставата на пратки во регионот и заштитата на потрошувачите со цел да можеме да воочиме до кој степен овие области во секој од пазарите во регионот се хармонизирани со законодавството и регулативите на ЕУ. Во претстојниот период ќе соработуваме и овозможиме поддршка на релевантните чинители во подготовката и имплементацијата на акциските планови за реализација на одлуките донесени на ниво на CEFTA  кои имаат за цел хармонизирање на законодавниот и регулаторниот дел во областите на царинските процедури, доставата на пратки и заштитата на потрошувачите со законодавството во ЕУ. 

АЕТМ:  Што можеме да очекуваме во периодот што следи кога е во прашање е-трговијата, кои се клучните проекти на кои ќе работите и каков тип на активности планирате да поддржувате?

Вартан: Во периодот што следи ќе ги забрзаме активностите поврзани со дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор со цел воспоставување корелација помеѓу потребите на приватниот сектор и како на овие потреби би можеле да одговорат јавните институции; ова е прилика двете страни подобро да ги разберат взаемните предизвици во делот на е-трговијата, но и да можат, секој во својот делокруг на работа, да придонесат за конструктивен развој на е-трговијата и креирање на продуктивно окружување за истата. Дополнително ќе се фокусираме на подобрување на довербата на потрошувачите во е-трговијата и ќе ја продлабочиме соработката со асоцијациите, стопанските комори и ICT асоцијациите. Ќе поддржиме воспоставување и развој на регионална мрежа на асоцијации од областа на е-трговијата. Од друга страна пак, ќе продолжи соработката со соодветните законодавни и регулаторни тела во секоја од седумте економии на CEFTA со цел унапредување на е-трговијата и заштитата на правата на потрошувачите во рамките на нашите проектни активности; ова веруваме ќе овозможи предуслови за поефективна достава на пратките на регионално ниво и поедноставување на царинските процедури во областа на е-трговијата. Секако ќе продолжиме да ги поддржуваме асоцијациите за е-трговија и релевантните чинители во подигнување на свеста за можностите и придобивките од е-трговијата. 

АЕТМ: Како го оценувате целокупниот развој на е-трговијата и обемот на онлајн продажбите во регионот? 

Вартан: Во секој од пазарите на CEFTA се случува забрзан раст кој упатува и на унапредување на довербата помеѓу купувачите и продавачите во регионални рамки. Иако постои потенцијал за раст, за искористување на истиот, сите заеднички треба да вложиме напори да ги надминеме постоечките предизвици. Во контекст на обемот на онлајн продажби и соодветните параметри, веруваме дека AETM прави одлична работа со креирањето на годишниот „Преглед на е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји“.Прегледот е одлична референца за бизнисите да најдат соодветни податоци за е-трговијата, а можат да направат и споредба, на пример во делот на онлајн продажби. 

АЕТМ: Што значи за ГИЗ да се соработува со Асоцијација за е-трговија и во која мера активностите кои ги спроведува АЕТМ како дел од својата годишна програма придонесуваат кон развој на е-трговијата локално во Северна Македонија и пошироко во регионот?

Вартан: Соработката со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија е одлична од самиот почеток. Сметаме дека асоцијацијата е една од водечките во регионот во делот на вмрежување на деловните субјекти на ниво на CEFTA. Оттука, истата е наш релевантен партнер за развој на е-трговијата во земјава и регионот. Соработката помеѓу асоцијациите од регионот за нас е од особено значење кога зборуваме за унапредување на секторот, па оттука со задоволство ја следиме посветеноста на АЕТМ и нејзиниот придонес кон нашите заложби за раст на е-трговијата во регионален контекст. Ја поздравуваме и отвореноста на АЕТМ за споделување на вашите искуства со останатите асоцијации во регионот. 

Би сакал да додадам дека преку проектот „Поддршка на регионалната економска интеграција“, спроведен согласно мандатот од Европската унија и Германското министерство за економска соработка и развој, подготвени сме да придонесеме за развој на е-трговијата и да овозможиме поддршка со соодветно знаење и умеење во процесот на етаблирање на регионален пазар за е-трговија.