[ИНТЕРВЈУ] Спасовски: МВР ќе продолжи да работи по пријави од страна на оштетeни граѓани за онлајн купување од социјалните медиуми

Во интервјуто со Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски најпрво разговаравме за неодамна поднесената кривична пријава против лице кое сторило кривично дело “измамување на купувачи преку продажба на производи преку Facebook”, но и за подготвеноста на институциите и кои се можностите за санкционирање на нелегалните продавачи преку социјалните медиуми.

Практиката за незаконско продавање преку социјални медиуми сѐ почесто е присутна во нашата земја, што од една страна значи непочитување на регулативите, а од друга страна непочитување на правата на потрошувачите.

Поради тоа, го прашавме министерот Спасовски на кој начин оштетените потрошувачи можат да поднесат претставки/пријави за најефикасно решавање на измамата, и со тоа да ги остварат своите права и да помогнат во мапирање и санкционирање на нерегистрираните е-продавачи кои со своето дејствување влегуваат во делот на “сива економија”, но и како да се заштитат и да не подлегнуваат на нелегалните продавачи преку социјалните медиуми.

Aсоцијација за е-трговија на Македонија: Неодамна од страна на МВР Скопје беше објавено дека е поднесена кривична пријава против лице кое сторило кривично дело “измамување на купувачи” преку продажба на производи на социјалната мрежа “Фејсбук”. Дали постојат повеќе вакви случаи по кои МВР постапува и што може да очекуваат граѓаните кога станува збор за вакви измами? 

Оливер Спасовски: Да, тоа е случај кој од страна на МВР е расчистен, а беше финализиран со неодамна поднесена кривична пријава од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје против 32-годишно лице од Скопје, кое што имаше извршено кривично дело „измамување на купувачи“ преку продажба на производи преку социјалната мрежа „Фејсбук“.

Сведоци сме дека по социјалните мрежи и портали забележлив е голем процент на објави од страна на граѓани во кои што наведуваат дека биле измамени преку онлајн продажба, и тоа не само во Македонија, туку воопшто, на глобално ниво, но морам да споменам дека во оваа Единица нема евидентирано голем број на пријави од страна на оштетени граѓани кои што се измамени на овој начин и кои што имаат доставено пријава до МВР со цел пронаоѓање на сторителот на делото и негово соодветно санкционирање. Значи, за да може МВР да постапува, оштетените граѓани мора да пријават во полициска станица, да го обезбедат материјалот кој го имаат, со цел да се обезбедат доволно докази за да може да се преземат мерки од страна на инспекторите за расчистување на овие кривични дела и санкционирање на сторителите.  

Факт е дека живееме во ера на дигитализација и масовна примена и користење на социјалните мрежи и паметните електронски уреди, телефони и сл. од страна на речиси сите граѓани, на најразлична возраст, повеќе од јасно е дека станува збор за тренд кој што го практикуваат измамниците, притоа користејќи ја недоволната едуцираност, а понекогаш и наивност и лекомисленост на граѓаните ширум светот – корисници на социјалните мрежи.

Дека станува збор за глобален проблем говори и примерот од минатата година, кога од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на барање од Интерпол Тајван, преку взаемна соработка со полициските служби на Р. Кина – Тајван, беше реализиран случај на меѓународна трговија со луѓе за трудова експлоатација, при што беа идентификувани 39 жртви на трговија со луѓе и 9 сторители на кривично дело „трговија со луѓе“. Овој случај го споменувам, бидејќи членовите на меѓународната организирана криминална група, покрај за споменатото кривично дело, беше осомничена и за „измама“ по телекомуникациски и електронски пат, за „перење пари“ и за „трудова експлоатација“, при што целокупниот доказен материјал беше разменет со соодветните институции во Тајван со цел кривично гонење на организаторите.  

Имено, членови на оваа организирана криминална група од Тајван оствариле влез во нашата земја, со цел да остваруваат телeфонски повици кон лица за да добијат финансиски податоци за нив, а на потенцијалните жртви на трговија со луѓе и трудова експлоатација им било кажано дека треба да работат во наводни телефонски центри, при што биле лишени од контакт со надворешниот свет и им биле одземени патните исправи и мобилните телефони. Тие имале задача, претставувајќи се како вработени во банки, пошти или осигурителни компании, а потоа и како полициски службеници, обвинители и судии, да остваруваат контакт со потенцијални жртви на финансиска измама, барале доказ од жртвите за извршена уплата на измислена казна врз основа на која ги краделе личните податоци на жртвите. Со вклучување на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, беа идентификувани локациите каде што биле сместени овие лица, а по извршени претреси сите 48 лица од Тајван беа пронајдени и во придружба на овластените лица од Истражното биро на Министерството за правда на Тајван, вратени во Тајван заедно со севкупниот доказен материјал обезбеден при извршените претреси, со што беше пресечен овој меѓународен канал за трговија со луѓе од Тајван, а поврзан со финансиски измами по електронски пат.

Aсоцијација за е-трговија на Македонија: Покрај измамите за квалитетот на производот и немањето можност граѓаните да стапат во контакт со продавачот со цел да го вратат производот согласно законски предвидениот рок, голем број од неофицијалните продавници на социјалните мрежи секојдневно продаваат производи и услуги онлајн, а дел од тие пари не се воопшто пријавени односно припаѓаат на сивата економија и со тоа директно се оштетува и буџетот на државата. Дали овие прекршители се под надлежност на МВР и кои се вашите активности со цел нивно санцкионирање, а како член на Владата се надеваме можете да нѐ запознаете и со надлежностите на другите институции кога станува збор за ваквите кривични дела?

Оливер Спасовски: Како што знаете, регистрирањето и пријавувањето на даноците спаѓа во доменот на работењето на Управата за јавни приходи. Даночниот систем на државата е регулиран со неколку закони во надлежност на Министерството за финансии – УЈП, односно согласно Законот за персонален данок на доход, Законот за данокот на добивка, Законот за даноците на имот, а надлежна за утврдување, наплата и контрола на даноците во Македонија за сите даночни обврзници е во надлежност на Управата за јавни приходи (УЈП). 

Така, со Законот за даночна постапка се регулира општото даночно право и даночната управна постапка, постапката на утврдување на данокот, постапката на контрола, постапката на наплата на јавните приходи, правата и обврските на даночните обврзници, постапката по жалба, водењето на прекршочната постапка и прекршочните одредби итн. Притоа, како што стои во регулативата на УЈП, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а сите знаеме дека токму преку јавните приходи што се наплаќаат од граѓаните и стопанството, кои што ги евидентира и регулира УЈП, се обезбедуваат средства за финансирање на функциите на државата за задоволување на општите и заедничките потреби.  

Министерството за внатрешни работи, пак, постапува во случаи кога некој прекршител на законот е сторител и на кривично дело од Кривичниот законик, Законот за полиција, Законот за кривична постапка, за дело кое што се гони по службена должност. На пример, тоа се кривичните дела „измамување на купувачи“ по чл.248 од Кривичниот законик, „измама“, „даночно затајување“ и сл., па во такви случаи полициските службеници преземаат мерки и активности во насока на пронаоѓање на сторителот на делото и документирање на кривично-правниот настан. Од друга страна, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика постапува по кривични дела од областа на компјутерски криминал.

Имајќи предвид дека МВР соработува со сите институции кога станува збор за спроведување на законот, што се однесува до материјата што се квалификува како „сива економија“, а поврзана со оданочувањето на приходите, фискализацијата и сл., секако дека се преземаат мерки во соработка со Министерството за финансии, односно МВР постапува по документирање на материјалот од страна на УЈП. 

Тука би рекол дека и покрај добро поставената правна рамка за регулирање на електронската трговија и нејзината усогласеност со меѓународните стандарди, праксата покажува дека недостасува поголема контрола над спроведувањето на законските одредби, а со самото тоа и подобра заштита на потрошувачите. Една од причините се зголемените активности во овој начин на купопродажба, кој се засили во периодот на пандемијата, па компаниите се прилагодија на потребите на потрошувачите и пазарот со креирање на веб-страници наменети за онлајн купување, а „купувањето од дома“ стана особено распространето. 

Согласно последните податоци објавени од Државниот завод за статистика, евидентен е растот во користењето на интернет од страна на нашите граѓани, односно, тие сѐ повеќе применуваат купување онлајн, па така, во 2021 година, интернет банкарство се користело за 104% повеќе во споредба со 2020 година. Според објавените резултати за 2021 година од страна на Државниот завод за статистика, е-трговијата бележи пораст од 15.5%, па така, онлајн нарачките и купувањата во последните 12 месеци покажуваат пораст, односно 46,3% од интернет-корисниците нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци, во споредба со 40,1% во истиот период од претходната година. Ако направиме споредба, пак, со 2006 година кога околу 2% од населението нарачале или купиле производ или услуга преку интернет, новите резултати во последните години покажуваат пораст од 38 % во прилог на купувањето преку интернет. 

Притоа, би споменал дека надзор над спровeдувањето на Законот за електронска трговија, согласно член 21, вршат Министерството за економија, Министерството надлежно за работите од областа на електронските комуникации и Агенцијата за електронски комуникации во согласност со надлежностите утврдени со закон, а инспекциски надзор над спроведувањето на поединечните одредби од овој закон врши и Државниот пазарен инспекторат. Проблемот се јавува кога поради недоволната контрола во оваа сфера и недоволната едуцираност потрошувачите набавуваат стоки и услуги од лица кои не се регистрирани за вршење на ваква дејност или физички лица кои не ги прават јавно достапни потребните информации, а нудат стоки или услуги електронски преку социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм, веб-страници за огласување итн.). На овој начин, при каква било повреда на правата, потрошувачите остануваат целосно незаштитени бидејќи немаат информации за трговецот од кој би ги оствариле своите права по пат на судска или административна постапка. Оттука, упатувам апел и до потрошувачите да се запознаат со сите корисни содржини што за нив ги подготвува Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, како и Организацијата за потрошувачи на Македонија со цел да се заштитат од овие модерни ‘стапици’ на самонаречените онлајн продавачи, бидејќи таму се јавуваат и најголемиот број проблеми.

Aсоцијација за е-трговија на Македонија: Дали МВР има надлежност да ги „лови“ нерегистрираните продавачи преку социјални медиуми кои не ја почитуваат регулативата и прават штета на граѓаните, односно кога се вклучува полицијата со преземање активности за расчистување на ваквите кривични дела?

Оливер Спасовски: Како што веќе споменав, МВР со цел пронаоѓање на сторителите на ваквите кривични дела со непочитување на законите и нанесување штета на граѓаните, и на нивно соодветно санкционирање, работи по пријави од страна на оштетените граѓани кои што се измамени на овој начин. Инаку, полицијата соработува со сите институции, сведоци сте на честите заеднички координирани контроли кои што ги правиме во содејство со државните инспекторати, Управата за јавни приходи, Царинската управа и сл., а со последниве две управи, како и со Државниот инспекторат за пазарна инспекција најмногу работиме во делот на проблематиката поврзана со внатрешниот пазар, трговијата и заштитата на купувачите.

Aсоцијација за е-трговија на Македонија: На кој начин лице оштетено преку продажба на производи и услуги на социјални медиуми може да поднесе претставка со цел да се дојде до најефикасно решавање на измамата?

Оливер Спасовски: Лицето оштетено преку онлајн продажба на производи и услуги преку социјалните медиуми може да поднесе пријава, во материјална форма, до архивата на МВР, до УЈП, до Државниот пазарен инспекторат. Притоа, најважно е лицето подносител на пријавата да остави свои генералии, односно податоци за контакт и слично, како би можеле државните или полициските службеници кои постапуваат по надлежната материја соодветно да го документираат кривично-правниот настан, имајќи предвид дека за пријавата е многу важно да постои оштетено или измамено лице и да е предизвикана одредена штета, со цел да постои основ за соодветно постапување. Исто така, многу е важно лицето пријавител да има зачувано, да располага и да приложи доволно цврсти и валидни докази од кои што ќе биде утврдено дека пријавителот навистина бил доведен во заблуда при купувањето на производот или, пак, продавачот е сторител на делото „измамување на купувачи“.

Aсоцијација за е-трговија на Македонија: За крај, што би ги советувале граѓаните при онлајн купување со цел да ги одбегнат измамите на социјалните медиуми од нерегистрирани продавачи? 

Оливер Спасовски: Па најпрво, да бидат крајно внимателни при онлајн купувањето, да се едуцираат соодветно и што почесто. Поради широкиот облик на онлајн измамите веќе се воспоставени неколку начела или совети за безбедно купување кои се јавно достапни и секој граѓанин е потребно да ги следи и да ги применува.

Секое онлајн купување или продавање носи со себе соодветен ризик. Од една страна можеби пониската цена и атрактивниот изглед на фотографиите е тоа што ги привлекува потрошувачите, но лошата страна е што купувачот не е во можност директно да се запознае со изгледот, составот и квалитетот на самиот производ, има проблем при неговото враќање, рекламации и сл., посебно кај нерегистрираните трговци кои купопродажбата ја прават преку социјалните мрежи. 

Од друга страна, при купопродажба од вообичаените регистрирани продавници кои што функционираат ширум светот, гарантирана е можноста купувачот самиот да се увери во тоа што го купува, да се запознае со соодветниот рок на гаранцијата, односно рекламацијата на производот, негова замена или враќање и сл. 

Оттука, мојот совет за граѓаните потрошувачи би бил да купуваат од официјални регистрирани продавници кои имаат свои веб страни за продажба и кои нудат гаранција за нивните производи, односно да го избегнат ризикот со кој се соочуваат при купување на производи кои се многу често по нереално ниски цени од нерегистрирани продавници или поединци на социјалните медиуми, кои најчесто користат обичен фејсбук/инстаграм профил, на кој нема наведено официјална веб страна, па ризикуваат да добијат несоодветен производ или да бидат измамени со фалсификат.