Новости од е-трговија

Интервју со Стефанија Златку Лузевска, yeppeuda.mk – кога skincare и е-трговијата се спојуваат со топлина и визија

Стефанија Златку Лузевска е основачката на Yeppeuda.mk – онлајн оаза за љубителите на корејската козметика и филозофијата на slow beauty и воедно член на АЕТМ. Низ ова интервју, таа ни открива како нејзината љубов кон убавината и корејската култура се преточила во бизнис со душа, кој ја менува секојдневната нега на многу жени во Македонија. Прочитајте ја нејзината инспиративна приказна за храброста да се започне од почеток, важноста на дигиталниот канал на продажба и визијата за иднината на е-трговијата во Македонија.

Што ве инспирираше да го започнете брендот Yeppeuda и што лично значи оваа приказна за вас? Зошто токму корејска козметика – што ве привлече најмногу кон овој сегмент и каква вредност препознавате во неа за македонскиот пазар?

Yeppeuda е многу повеќе од бизнис – тоа е приказна што започна од мојата љубов кон козметиката, уште од најмали нозе. Убавината и негата отсекогаш биле дел од моето секојдневие, а њубовта кон Кореја и нивната култура се роди кога прв пат ја посетив. Се заљубив во нивната култура, естетика, вниманието кон деталите, но најмногу од сè – во начинот на кој се грижат за себе, не само физички, туку и ментално. 

Пред пандемијата веќе бев дел од козметичката индустрија со брендот Your Secret CRUSH, но пандемијата донесе големи промени и нови размислувања. Сфатив дека сакам да создадам нешто што ќе има подлабоко значење – бренд кој ќе внесе чувство на мир, грижа и автентичност во секојдневието на луѓето. Така се роди Yeppeuda. 

Yeppeuda не е само платформа за козметика. Тоа е начин да се внесе дел од таа slow beauty и slow living филозофија во Македонија – да се потсетиме дека негата не треба да биде брз процес, туку мал ритуал на љубов кон себе. Преку внимателен избор на производи, ја спојуваме корејската традиција и иновација со потребите на нашите локални потрошувачи. И секој производ што го нудиме го правиме со цел – да донесе њубов према себе и самодоверба.

Онлајн продавницата е основата на Yeppeuda. Кој беше моментот кога сфативте дека е-трговијата е вистинскиот канал за вашиот бренд и какви резултати ви донесе таа одлука досега – како во продажбата, така и во градење на лојална заедница?

Како личност која сама преферира онлајн шопинг, многу природно беше да го изберам токму тој канал како основа за Yeppeuda. Никогаш не сум била љубител на гужви, долгите редици на каса или пребарувањето низ преполни рафтови – сакав да создадам место каде што купувањето козметика ќе биде лесно, пријатно и брзо, токму онака како што и јас би сакала да го доживеам. 

Од самиот почеток, визијата ни беше да изградиме онлајн продавница која нуди не само естетика и функционалност, туку и топло, човечко искуство зад екранот – со поддршка, препораки и навремени одговори. Е-трговијата не само што ни овозможи побрзо да стигнеме до поширока публика, туку ни даде можност активно да комуницираме со клиентите, да учиме од нив и да градиме искрена, лојална заедница која постојано расте.

Неодамна ја отворивте и вашата прва физичка продавница. Што значи овој чекор за вас и за развојот на брендот, и како се надополнува со досегашната онлајн стратегија? Какво искуство сакате да им понудите на купувачите во физичкиот простор што не може целосно да се пренесе онлајн?

Отворањето на нашата прва физичка продавница е еден од најзначајните чекори за мене – не само како бизнис развој, туку и како емоционално исполнување на визијата што ја имам за Yeppeuda. По неколку години онлајн присуство, природно дојде моментот да ја пренесеме нашата филозофија во физички простор – да создадеме вистинско, допирливо искуство за клиентите.

Иако онлајн платформата ни овозможи брз раст и пристапност, верувам дека некои моменти едноставно не можат да се заменат – чувството кога ќе го допреш производот, ќе ја осетиш текстурата, мирисот, или кога некој од тимот ќе те пречека со насмевка и искрено ќе ти помогне да ја пронајдеш вистинската нега за тебе.

Сакаме просторот на Yeppeuda да биде многу повеќе од продавница – да биде мало прибежиште за себе-грижа, инспирација и уживање. Простор кој визуелно, мирисно и енергетски ќе ја отслика корејската slow beauty филозофија. Со овој чекор, онлајн и офлајн стратегиите се надополнуваат – ја задржуваме удобноста на дигиталниот свет, но додаваме топлина и автентичност која може да се почувствува само во живо.

Како гледате на иднината на е-трговијата кај нас? Дали се зголемува довербата кај потрошувачите? Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате?

Кога ќе се навратам пет години наназад, од моментот кога започнавме со Yeppeuda, можам со сигурност да кажам дека е-трговијата кај нас е во постојан раст – и тоа е нешто што навистина ме радува. Се чувствува дека довербата кај потрошувачите се зголемува – сè повеќе луѓе се охрабруваат да купуваат онлајн, особено кога ќе добијат позитивно искуство, брза испорака и коректна комуникација.

Секако, предизвици постојано има – од логистика, преку промена на навики кај потрошувачите, до едукација за самите производи. Но, јас искрено верувам дека секој предизвик е шанса за учење и подобрување.

Нашиот фокус отсекогаш бил на тоа да изградиме доверба – преку транспарентност, доследна услуга и личен пристап кон секој клиент. Затоа и нашиот раст не се должи само на продажбата, туку и на градењето заедница. На крајот на денот, најважно ни е секој клиент да се чувствува слушнат, разбрано услужен и вреднуван – тоа е основата на еден одржлив онлајн бренд.

Кој е вашиот совет за мали бизниси кои штотуку започнуваат со е-трговија?

Мојот најискрен совет до сите мали бизниси кои започнуваат со е-трговија е: вложете паметно – во луѓе, платформи и визија. Е-трговијата допрва ќе се развива и нуди огромни можности, особено за креативни и храбри претприемачи со силна идеја. За разлика од физичките продавници, онлајн просторот ви нуди пристап до многу поширок пазар, многу поголема публика – и сето тоа на дланка, со поддршка од дигитални алатки и паметен маркетинг.

Но, за да изградите бренд што ќе опстои, не е доволно само да имате веб-страница. Важно е да имате добро осмислена платформа што функционира без проблем, дизајн што зборува за вашиот идентитет, тим кој верува во вашата приказна и ке дава human touch на самата платформа и секако постојана желба да учите и да се адаптирате.

Она што вистински ја прави една онлајн продавница успешна е спојот меѓу технологија, емоција и доверба. Кога клиентот ќе го почувствува тоа – тогаш веќе не сте само уште еден бренд, туку искуство кое се памети и споделува.

Како сте задоволни од членството во АЕТСМ? Кои се најголемите придобивки што ги добивате како член и дали би го препорачале членството на други компании кои сѐ уште не се дел од оваа заедница?

Имав чест да бидам меѓу првите членови на АЕТСМ уште од самото нејзино основање. Оттогаш, како што растеше нашата компанија, така и АЕТСМ континуирано ја гради својата мисија – да ги руши бариерите во е-трговијата и да создава подобри услови за сите учесници во овој сектор.

Она што најмногу го ценам е што АЕТСМ не е само формално здружение, туку вистински двигател на позитивни промени – преку јавни иницијативи, едукација, законски реформи и поврзување меѓу компании кои делат исти вредности. Да се биде дел од заедница која активно ја менува бизнис климата во земјата и работи на системски подобрувања, е од огромно значење за секој претприемач.

Како личност која секогаш поддржува добри идеи и визии, со голема сигурност можам да го препорачам членството во АЕТСМ. Тоа не е само инвестиција во заедницата – туку и во себе, во својот тим и во иднината на својата компанија.