Интервју со Paket.mk – Дали и онлајн рафтовите се празни како оние во продавниците низ целиот свет?

Во време кога се забележува експанзија и максимизирање на капацитетите на е-трговијата, максимизирање на обемот на нарачки од страна на потрошувачите и максимални напори за безбеден и најкус рок на испорака до своите клиенти од страна на е-трговцијте, за моменталната состојба, побарувачката и можностите кои ги нуди е-трговијата разговараме со Драган Јосифовски, сопственик и извршен директор на Paket.mk – твојот онлајн супермаркет.

AETM: Се наоѓаме во период кога се што треба да направиме е да останеме дома за да помогнеме во справување со вирусот COVID19. Со помош на е-трговијата, тоа не би требало да биде тешко бидејќи навистина се можеме да добиеме на врата.  Дали луѓето во ваква ситуација се повеќе ја користат е-трговијата?

Драган од Paket.mk: Ситуацијава е причина плус за да се купува онлајн. Можеби ова е повод за многумина кои биле скептични до сега. Забележлив е растот на нови купувачи, како и фреквенцијата на постојните купувачи. Верувам дека овој раст ќе се искористи за докажување на предностите кои ги нуди онлајн купувањето. Македонија, во последните неколку години, забележа значително подобрување на онлајн понудата, па да, се согласувам, дека речиси сѐ може да се купи онлајн.

 

AETM: Голем дел од луѓето пазарат повеќе од нормално врз база на потребите со цел прибирање на залихи. Дали истото се случува и на оналјн пазарот, односно дали Paket.mk како онлајн супермаркет, се соочува со обемни и невообичаени нарачки? Што мислите вие за оваа ситуација?

Драган од Paket.mk: Составот на нарачките е нормален. Се продаваат исти производи како и вообичаено. Видлив е порастот на обемот во кој се нарачуваат некои производи кои може да се складираат, посебно во првите денови од настанувањето на ситуацијава, но сега веќе нарачките се стабилизирани и купувачите нарачуваат нормално за неколку дневни или неделни потреби. На ова допринесовме и ние со ограничување на максималната количина во која би можеле да се нарачаат одредени производи.

AETM: Мора да ве пофалиме, дека и во вака “гужва“ период за вас, на прво место ги ставате корисниците и редовно ги известувате за секој “проблем“ со кој се соочувате. Така беше за ненавремена достава, за проблеми со серверот итн? Како луѓето го прифаќаат ова? Дали знаат да ја препознаат искрената намера на вашиот сервис или имате и дополнителни проблеми со незадоволни корисници во ваков период? 

Драган од Paket.mk: Мислам дека луѓето се потолерантни периодов. Сепак, и во ваква ситуација, наш врвен приоритет е задржување на квалитетот. Искрено верувам дека само оние кои ќе успеат да го задржат квалитетот ќе имаат зголемен број на лојални потрошувачи по нормализирање на ситуацијата.
Секако, кога се соочувате со 4-5 пати повеќе нарачки, 10-тина пати повеќе посетители на вебсајтот и многукратно повеќе обраќања кон корисничкиот сервис, нормално е да очекувате дека ќе настанат некои проблеми. Важно е да останете транспарентни, да се извините, да ја поправите грешката и да создадете капацитети за системски да одговорите на новонастанатата ситуација. Верувам дека купувачите ја препознаваат нашата искреност. Paket.mk уште од првиот ден се реши да гради имиџ преку фер услови, достапност, професионален однос, точност и технолошка супериорност. Наместо да ги насочуваме ресурсите кон скапи реклами и масовни пораки, ние градевме односи со купувачите кои беа малку по број, но многу по задоволство. Така успеавме да доставуваме навреме, одбиравме одлично овошје и зеленчук, а користевме и модерна технологија која ни овозможи беспрекорно точен picking. Тоа резултираше со преку 99% задоволство кај купувачите (измерено преку feedback од повеќе од 3.000 купувачи). Дури и во ваква вонредна ситуација оценките од купувачите се 5 од 5 во повеќе од 99% од одговорите.

 

AETM: Може ли да ни кажете нешто повеќе околу доставата на производите? Бидејќи знаеме во ова време колку треба да сме претпазливи сите заштитувајќи го јавното здравје, здравјето на вашите вработени и сите останати. На кој начин ја вршите доставата и дали директно ја доставувате до крајниот корисник или можеби ја оставате само пред неговата врата и внимавате на препораките кои доаѓаат од СЗО?

Драган од Paket.mk: Paket.mk уште од првиот ден воведе вонредни процедури и обуки за безбедност. Но не запревме на првичните промени. Секојдневно ги анализиравме ризиците и во моментов имаме воведено целосно бесконтактна достава. Десетина минути пред доставата купувачот добива СМС порака со упатство за бесконтактната достава. Доставувачот ги остава пакетите на прагот, го известува купувачот дека се оставени пакетите, се одалечува, го отпоздравува купувачот од далечина и заминува. Покрај ова, магацинот се дезинфицира на одредени периоди, а возилата темелно се дезинфицираат пред секој утовар. Сите вработени се опремени со соодветни маски, ракавици, дезинфекциони средства и упатства за заштита. Применуваме и дополнителни мерки за прием на робата кои значително го намалуваат ризикот за контаминација.

АЕТМ: За крај, што ќе им препорачате на вашите корисници. Дали пакет.мк има доволно залихи на храна или потребни се големи залихи? Кои се вашите совети за нив, а со цел рационално и безбедно пазарење?

Драган од Paket.mk: Би ги советувал купувачите да останат смирени и трпеливи. Секојдневно добиваме уверувања од нашите добавувачи дека постојат стабилни залихи и дека синџирот на набавка нема да претрпи посериозни пореметувања. Во однос на пазарењето на Paket.mk, би им препорачал и би ги замолил да ги прават своите нарачки пред време (5-6 дена пред посакуваниот термин за достава), да прават поретко нарачки (препорачливо е еднаш неделно) за да не зафаќаат повеќе термини и секако да уживаат во специјалното издание на рецепти на нашиот блог кои ќе започнат да се објавуваат од следната недела.