Новости од е-трговија

Интервју со Марија и Кире од Coslovemetics и BebeHome: Од лична потреба до претприемачко Решение: патот до два препознатливи брендови

Од лична потреба до препознатливи брендови – приказната на Coslovemetics и BebeHome

Кога претприемништвото произлегува од личното искуство, резултатот е искрен, автентичен и инспиративен бизнис. Таква е и приказната на Марија и Кире Крстевски – сопружници, родители и ко-основачи на два успешни бренда: BebeHome, платформа за бебешки и детски производи, и Coslovemetics, денес препознатлив синоним за корејска козметика во Македонија. Во ова интервју, тие отворено зборуваат за тоа како нивните секојдневни предизвици како родители и како личност со чувствителна кожа ги воделе кон создавање бизниси што се развија во силни онлајн и офлајн брендови. Прочитајте како изгледа да се управува со два комплементарни, но различни бизниси во светот на е-трговијата, како функционира родово-еднаква соработка кога е заснована на искреност и меѓусебна почит, и кои се најголемите предизвици – но и можности – во градењето доверба со домашните купувачи.

АЕТМ: Од бебешки и детски производи до светски брендови за козметика – вашите бизниси Coslovemetics и BebeHome произлегуваат од потребите во секојдневниот живот. Како дојдовте до идејата за овие брендови и што ве поттикна да ги развивате заедно?

Марија и Кире: Идејата за Bebe Home и Coslovemetics не беше дел од некаков бизнис план, туку произлезе од нашето лично искуство како сопружници и родители. Сe започна сосема спонтано, кога го добивме нашето прво дете, сфативме дека во Македонија речиси и да нема избор на квалитетни и сигурни бебешки производи. Сe купувавме од странство, барајќи производи што ќе му пружат безбедност и удобност. Од таа реална потреба се роди и Bebe Home.

Пет години подоцна, од сосема лична причина, се роди и идејата за Coslovemetics. Долго време се борев со чувствителна и проблематична кожа, постојано барав решенија, испробував разни производи, но без вистински резултати. Во тој период, корејската козметика сè уште беше релативно непозната кај нас, но јас почнав да нарачувам производи од странски веб-сајтови, и токму тие беа првите производи кои навистина ми помогнаа.

Така се роди и Coslovemetics, од мојата лична потрага по решение, која прерасна во бренд што денес е синоним за корејска козметика во нашата земја.

Од неколку производи во самиот почеток, денес Coslovemetics има асортиман од над 3.000 внимателно одбрани производи, а таа бројка постојано расте. Тоа не е само бизнис за нас, тоа е приказна која започна од лична потреба и продолжи со желба да им помогнеме и на многу други да започнат со соодветна нега на својата кожа, грижејќи се пред се за нејзиното здравје.

Иако се различни по намена, двата бренда ги обединува истата идеја, а тоа е да понудат квалитетни и внимателно одбрани производи што произлегуваат од секојдневните потреби.

Бидејќи и двајцата верувавме во овие идеи и ги чувствувавме како дел од нас, сосема природно одлучивме да ги развиваме заедно. Се надополнуваме како партнери, и дома и во бизнисот и токму таа динамика ни помогна да ги изградиме брендовите на темели на искреност, потреба и взаемна поддршка.

АЕТМ: Какво е искуството да управувате со два онлајн бренда во динамичниот свет на е-трговијата во Македонија, но и со физички продавници за истите? Со какви предизвици се соочувате, каде гледате најголеми можности, и како ја гледате иднината на е-трговијата и довербата кај домашните купувачи?

Марија и Кире: Управувањето со два различни бренда ни покажа колку различно се однесуваат купувачите во зависност од типот на производите.

Кај Bebe Home, околу 70% од продажбата се остварува преку физичките продавници, бидејќи клиентите сакаат лично да ги видат и тестираат производи пред да купат.

Од друга страна, Coslovemetics има сосема спротивен модел, околу 80% од продажбата е онлајн, што е типично за козметика каде купувачите се навикнати да бараат информации и да нарачуваат преку интернет.
Ние постојано вложуваме напори да ја подобриме онлајн продажбата на Bebe Home преку различни промоции и кампањи, со цел да ја зголемиме свеста и довербата кај потрошувачите дека може безбедно и едноставно да купуваат бебешки производи преку интернет.

Најголемиот предизвик ни е дефинитивно доставата на нарачките, тоа е дел од е-трговијата што се уште бара постојано подобрување и оптимизација, особено во Македонија каде логистиката може да биде комплицирана. Довербата кај клиентите се гради тешко и уште потешко се одржува, па затоа сме свесни дека секогаш мораме да бидеме максимално посветени, особено кон оние кои кај нас купуваат првпат.

Секако дека има голем простор за развој и напредок, а за да го оствариме тоа, најважно е да ја градиме и задржуваме довербата на клиентите. Со посветеност, квалитет и постојан напредок, веруваме дека можеме да ја зголемиме довербата и да создадеме стабилна основа за понатамошниот раст и развој на нашиот бизнис.

АЕТМ: Грижата за кожата и светската козметика стануваат сè поактуелни и побарани на нашиот пазар. Како се грижите вашите производи и онлајн искуство да останат релевантни, конкурентни и да одговорат на очекувањата на современите купувачи?

Марија и Кире: Грижата за кожата и интересот за квалитетна козметика кај нас се зголемуваат секоја година се повеќе, а ние сме целосно посветени на тоа да останеме чекор напред и секогаш блиску до потребите на нашите клиенти.

Нашето основно правило е дека навистина многу се грижиме и ги цениме нашите клиенти, тие се нашата најголема инспирација и причина за се што правиме.

Веќе 10 години ја развиваме лојалти програмата и постојано нудиме попусти, подароци и ваучери како начин да им се заблагодариме. Ги следиме светските трендови и ги носиме најдобрите козметички производи на македонскиот пазар, носејќи по 30-40 новитети на неделно ниво.

Нашата веб-страница постојано ја ажурираме и надградуваме, со нови функционалности, за да биде уште поедноставна и поудобна за нашите клиенти. Покрај тоа, ги вложуваме сите напори и во развојот на нашите три физички продавници, кои се одлична можност да ги доближимe и персонално нашите производи и услуги до купувачите.

Знаеме колку е важно секој купувач да има позитивно искуство од почеток до крај, затоа што целта ни е да изградиме доверба и долгорочна врска со секој наш клиент.

АЕТМ: Партнери сте и во животот, и во бизнисот. Како ги имате поделено своите улоги и како одржувате рамнотежа и хармонија во донесувањето на одлуки? Од вашето искуство, какво влијание има машко-женската соработка врз успехот на бизнисот, и какви конкретни предности носи работата во мешан тим?

Maрија и Кире: Како партнери и во животот и во бизнисот, научивме дека најважно е да има взаемна доверба, почит и разбирање. Не поврзува заедничката визија, но и свеста дека сме различни, и токму тие разлики не прават посилен тим. Кире е рационален, одлучен и секогаш чекор напред во организација и логистика, додека јас сум повеќе фокусирана на креативност, маркетингот, вработените, комуникација со клиентите и развој на производите.
Во донесувањето одлуки, никогаш не се натпреваруваме кој е „во право“, туку се надополнуваме. Често, она што јас го гледам емотивно, Кире го гледа практично и обратно. И токму таа комбинација ни помага да донесеме балансирани и здрави одлуки.

Веруваме дека машко/женската соработка носи природна рамнотежа, затоа што спојува различни начини на размислување, пристапи и енергија. Тоа е голема предност во секојдневното работење. Имало моменти кога едниот од нас бил преоптоварен или се чувствувал несигурен, и тогаш другиот презема. Така функционираме не секогаш по правила, туку секогаш со чувство еден за друг.

На крај, веруваме дека нашата лична хармонија се одразува и во бизнисот и купувачите го чувствуваат тоа.

АЕТМ: Дали сте се соочиле со некакви предрасуди или стереотипи како мешан тим во бизнисот? Како ги надминавте тие предизвици?

Марија и Кире: Во текот на нашето 10-годишно постоење, како жена претприемач, се имам соочено со различни стереотипи и предрасуди. Од тоа да не ме сфаќаат сериозно, до тоа да се претпостави дека сум „помошник“ во бизнисот, наместо рамноправен основач и лидер. 

Овие моменти знаат да бидат фрустрирачки, но со тек на време научив да не дозволам тие ставови да ме обесхрабрат. Напротив, тие ме мотивираа да се докажам преку многу работа, резултати, професионализам и посветеност. Најдобриот начин да се надмине предрасудата, според мене, е да се остане доследен, одлучен и фокусиран на квалитетот на работата. Со времето, и оние што во почетокот се сомневаа, ја менуваат перцепцијата.

Сметам дека е важно и да зборуваме отворено за овие предизвици, за да инспирираме и охрабриме и други жени, да веруваат во себе, да не се откажуваат и да знаат дека нивниот глас и визија се подеднакво важни и потребни во бизнис светот.

АЕТМ и GEA: Неодамна станавте и член на АЕТМ и партнер на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA. Кои се вашите очекувања од овие нови соработки и како мислите дека тие ќе влијаат на развојот на вашиот бизнис?

Марија и Кире: Од соработките со АЕТМ и GEA очекуваме да добиеме нови знаења, идеи и поддршка, но и самите да придонесеме со нашето искуство. Веќе 10 години сме дел од онлајн трговијата и веруваме дека можеме да помогнеме на помали или нови бизниси, но и да се вклучиме во иницијативи што ќе го подобрат целиот сектор.

Со АЕТМ сакаме да работиме на унапредување на е-трговијата во Македонија, полесна и побрза достава, подобра дигитална поддршка и зголемување на доверба кај купувачите.

Преку GEA, пак, сакаме да покажеме дека машко/женски тим може успешно да води бизнис со еднаква одговорност, почит и соработка. Веруваме дека родовата еднаквост е важна за секој тим и дека создава подобра работна атмосфера и подобри резултати. Овие соработки ни се важни и веруваме дека ќе придонесат и за нашиот развој, но и за подобрување на е трговијата во Македонија.

АЕТМ: Coslovemetics.mk покрај тоа што е член во АЕТМ, е е-продавница која го има поставено Беџот за верификуван е-трговец. Беџот им укажува на купувачите дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има поминато соодветните проверки од АЕТМ за неопходните регулативи за работењето во е-трговијата. Како гледате на ваквите иницијативи за зголемување на довербата кај потрошувачите и развојот на е-трговијата во Македонија?

Марија и Кире: Сметаме дека ваквите иницијативи се исклучително важни, особено кога се работи за градење доверба кај купувачите што е еден од најголемите предизвици во онлајн трговијата кај нас.

Фактот што Coslovemetics го носи беџот за верификуван е-трговец значи многу и за нас како бизнис, но уште повеќе за нашите клиенти. Тоа е знак дека работиме транспарентно, дека сме регистриран правен субјект кој ги почитува законските прописи и дека гарантираме за секоја нарачка.

Купувачите често се сомневаат, и тоа со право, за тоа дали некој онлајн бизнис е сигурен, особено кога првпат купуваат. Ваквиот беџ носи дополнителна сигурност и покажува дека зад веб-страницата стои вистински тим, реален бизнис и јасни услови за купување.

Го поздравуваме напорот на АЕТМ да ги подигне стандардите и веруваме дека колку повеќе е-продавници го следат овој пат, толку побрзо ќе се изгради поголема доверба и кај луѓето, а тоа значи и побрз раст на целата е-трговија во Македонија.

АЕТМ и GEA: Кој е вашиот совет за мали бизниси кои штотуку започнуваат со е-трговија?

Марија и Кире: На малите бизниси би им препорачале да започнат со јасна цел и фокус на довербата со купувачите. Не мора се да биде совршено од првиот ден, но важно е да бидат доследни, транспарентни и секогаш насочени кон добра услуга.

Е-трговијата бара трпение и посветеност, резултатите не доаѓаат веднаш, но со време и вистински пристап, успехот доаѓа. Важно е да се вложува и во учење и адаптација, бидејќи пазарот постојано се менува.