Новости од е-трговија

Интервју со Кристијан, akcija24.mk: Иднината на македонската е-трговија е светла – но само ако инвестираме во луѓе, во логистика и во довербa

Од идеја инспирирана од фрустрирачко склопување кујна до најголемата онлајн платформа за мебел во Македонија – приказната на Akcija24.mk е доказ дека најдобрите бизниси настануваат од вистинска потреба.

Во ова интервју со Кристијан Димоски, основач на Akcija24.mk, откриваме како изгледал патот од првата нарачка до 110.000+ задоволни домови, кои се дигиталните алатки зад нивниот раст, зошто е важно да се инвестира во луѓе и логистика, и како изгледа иднината кога целта не е само продажба – туку градење вредности.

АЕТМ: Како се роди идејата за Akcija24.mk и што ве мотивираше да влезете во светот на е-трговијата? Како изгледаше вашиот почеток и што најмногу ве водеше во тие први чекори? Како гледате на потенцијалот на е-трговијата кога започнувавте, а како сега?

Кристијан: Со е-трговија работам од 2014 година. Заедно со партнер го изградивме бранд за женска облека, кој потоа го развивме на други пазари како Бугарија и  Полска. Повеќе од 10 години искуство во e-commerce, низ различни пазари и продажни модели – од B2C fashion до home & lifestyle патот беше предизвикувачки, но многу забавен.

Идејата за Akcija24.mk се роди во 2020 година, додека склопував кујна дома – класичен „склопи сам“ мебел со упатство од над 100 страници. Ми требаа 6 дена, помош од пријатели и солиден степен на нервоза. Кога конечно завршив, си реков: „Зошто нема вакви производи кај нас – само поедноставни, кои брзо ќе се склопуваат, со одлична цена?“ И така почна сè.

Платформата прво се викаше akcija.com.mk и нудевме сè – од алат до декорација. Но по една година се фокусиравме исклучиво на мебел и ги повлековме сите други категории што според мене беше одличен потег со цел задржување на фокус на категорија која вреди да се развива.

Денес, Akcija24.mk е најголемата онлајн платформа за мебел во Македонија, со 15.000+ производи, и регионално присуство преку akcija24.rs во Србија и aksion24.com во Косово.

АЕТМ: Вашата платформа се фокусира на попусти и поволности – што ја прави вашата понуда посебна, како ги разбирате навиките и очекувањата на вашите купувачи? Каква е довербата на купувачите во е-трговијата? Вие сте и верификуван е-трговец – го препознаваат ли тоа купувачите?

Кристијан: Кај нас попустите не се трик – туку реална вредност. Или производот заслужува да биде на сајт – или не е дел од Akcija24. Знаеме што сака клиентот: добра цена, брза и сигурна испорака, и чувство дека не е оставен сам на себе после нарачката.

5 години сме присутни на македонскиот пазар, со над 110.000 домови кои имаат купено барем еден производ од нас – што значи дека најмалку 25% од популацијата во Македонија е во контакт со нашиот бренд. Ние не сме само тука – активно продаваме и испорачуваме и во Србија и Косово, со тимови кои го следат секој пазар одделно.

Секојдневно ги следиме навиките на клиентите,а со цел подобрување на целокупното искуство на Купувачите воведовме директна логистика, реакции за неколку минути, и customer care тим што не гаси пожари – туку гради релации.

Купувачите го препознаваат нашиот пристап: директен, фер, транспарентен – и се враќаат. Тоа ни е најголемата потврда.

АЕТМ: Кои беа најголемите предизвици во градењето на Akcija24.mk – од технички и логистички аспекти до маркетинг и грижа за корисници? И како успеавте да ги надминете?

Сѐ беше предизвик: да изградиш магацин, да движиш логистика во три земји, да држиш ROAS под контрола, и да имаш служба за корисници што носи резултати, а не само решава проблеми.

Имавме багови, доцнења, кеш-флоу кризи – но никогаш не чекавме. Нашето мото е: „Реши. Оптимизирај. Продолжи.“

Најголемиот предизвик беше и се уште е логистиката, особено испораката до крајни клиенти и тоа не само во Македонија туку и во регионот. Работиме со сопствени магацини и достава, и изградивме инфраструктура што се подобрува во сите пазари каде што работиме.

Сепак тимот е најважниот ресурс – луѓе кои размислуваат како сопственици, не само како вработени. Тоа е клучот на успехот.

АЕТМ: Кои дигитални алатки и канали се клучни за вашиот раст? Дали користите технологии за автоматизација, анализа или подобрување на корисничкото искуство?

Работиме системски и со јасна цел. Meta Ads е нашата главна машина, со lookalike публики, custom lists, и анализа по ROAS и по бренд. Имаме внатрешна алатка за анализа по добавувач, што ни овозможува оптимизација на буџет и перформанс во реално време.

Користиме сопствен CRM, ERP поврзан со магацини и достава, и task-менаџмент за целосна контрола. Работиме со мал, но високо ефикасен тим што движи илјадници нарачки месечно, и тоа во Македонија, Србија и Косово.

Во моментов инвестираме во AI алатки кои ќе им помогнат на клиентите да добијат побрза, поточна и побезбедна услуга – без непотребни чекори. Целта е едноставно: технологија што служи, не што усложнува.

АЕТМ: Кои дигитални алатки и канали се клучни за вашиот раст? Дали користите технологии за автоматизација, анализа или подобрување на корисничкото искуство?

Членството во АЕТМ за нас како компанија претставува поддршка и вмрежување, како и  верификација на довербата кај клиентите, но и соработка со слични компании кои сакаат да растат професионално.

Во индустрија каде што нема правила и стандарди, АЕТМ помага да има насока и структура. Им препорачувам на сите бизниси кои сакаат да градат нешто долгорочно – да не одат сами, туку да се вклучат во заедница со знаење, искуство и влијание.

Неодамна како компанија целосно опремивте и ИТ училница во рамки на ОУ Кузман Јосифовски Питу што директно помагате на младите генерации да се надоградуваат, учат и ја сакаат дигитализацијата и новите технологии. Кои се вашите следни планови за Akcija24.mk? Како ја гледате улогата на вашата платформа во иднината на македонската е-трговија?

Ова беше личен момент, тоа училиштето каде што јас првпат научив да работам со компјутер. Денес помогнавме да се создаде нова модерна училница по информатика во истиот стил како и нашите канцеларии. Од таа училница започна сè, усвоив многу вредности, знаење и љубов кон дигитализацијата, па сега одлучив да возвратам назад. 

Сепак, ова не е прв пат да работиме во служба на младите и образованието. Во 2024 примивме практиканти од С.У.Г.С. “Васил Антевски – Дрен”, смер е-трговија и дигитален маркетинг каде преку практичен ангажман се потрудивме да ги воведеме во реалниот свет на е-трговијата.

Следно, Akcija24 продолжува со јасна амбиција:

  • Да станеме најголема онлајн продавница за мебел на Балканот.
  • Да воспоставиме сопствен fulfillment центар што ќе опслужува повеќе земји.
  • Да интегрираме AI решенија за побрза и подобра услуга.

И најважно – да останеме бренд што гради вредности, не само продажба.

Иднината на македонската е-трговија е светла – но само ако инвестираме во луѓе, во логистика и во доверба. Ние веќе тоа го правиме. И ќе продолжиме уште посилно.