[Интервју] Снежана Станковиќ: Со растење на е-пазарот доаѓа потребата за зголемување на едукација

Во време кога дигитализацијата и е-трговијата се во полн ек, од голема важност е запазувањето на oбврските на е-трговците, правата на купувачите и заштитување на нивните лични податоци при извршување на трансакции. Па така, разговараме со адвокат Снежана Станковиќ од Адвокатската канцеларија Станковиќ и Јошевска за зголемувањето на бројот на е-продавниците, што е најважно да се знае при отворање на истите и за законската регулатива во е-трговијата.

АЕТМ: Несомнено е дека во изминатиов период кога луѓето се повеќе се стремат кон дигитализација, бројката на е-продавници се зголемува. Какво е вашето размислување, дали сметате дека е-трговците се запознаени со нивните права? Според вас, која е најважната работа што тие треба да ја знаат при отворање на е-продавница?

Снежана Станковиќ: Развојот на е-трговијата овозможува полесно, побрзо, на едноставен начин и особено важно во денешното време на пандемија бесконтактно, потрошувачите да стигнат до потребните производи и услуги. Истовремено, условите кои ги диктира денешното време влијае на зголемување на интересот на трговците за онлајн продажба.

За да започнат со користењето на оваа можност, е-трговците првично е најважно да се запознаат со своите права, но и со предвидените обврски во законската регулатива која се однесува на оваа област и тоа Закон за е-трговија, Закон за трговија, Закон за заштита на потрошувачите, Закон за заштита на личните податоци, Закон за електронски комуникации.

Правењето на бизнис план ќе му овозможи на е-трговецот не само да ја донесе својата одлука за развивање на бизнисот, туку што е и уште поважно следење на состојбите и побрзо реагирање, менување/подобрување на процесот или некои негови делови кои ќе се покажат како недоволно развиени, непотребни или скапи.

Регистрирање на друштво во Централниот регистар на РСМ е секако почеток. Посебни дозволи и одобренија/лиценци не се потребни. Едноставно и директно запознавање со правата и обврските, како и со примери за бизнис планови е-трговците можат да обезбедат и преку „посета“ на поставените содржини на  Вашата веб страна односно на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија АЕТМ Скопје или да побараат правна помош за истото.

АЕТМ: Кога сме кај правата, често добиваме поплаки од страна на лица кои купувале онлајн за изгубени или неостварени пратки, рефундација на средства и поврат на производи. Што вели законот во врска со овие прашања;  дали потрошувачите се доволно заштитени при користење на е-трговијата?

Снежана Станковиќ: Во 2015 година е направено усогласување на Законот за заштита на потрошувачите со Европската директивата за заштита на потрошувачите со што ова прашање е посеопфатно регулирано. 

Законот предвидува рок за испорака најдоцна до 30 дена, освен ако поинаку не е договорено, како и рок   од 14 дена од приемот на робата за повлекување од договорот на далечина без потрошувачот да даде каква било причина и без да сноси трошоци различни од предвидените (освен за роба или услоги изземнии од ова право поименично предвидени во законот)  со пополнување на образец со што всушност потрошувачот еднострано го раскинува договорот, односно се откажува од нарачката, а е-трговецот е должен да го врати уплатениот износ во целост без непотребно одлагање.

Сметам дека Законот обезбедува доволна заштита, како индивидуална така и колективна заштита, но потрошувачот исто така треба да биде заинтересиран да ги знае своите права и да постапува во предвидените рокови.

АЕТМ: Според вас, колку пазарот во нашата држава е едукативно поткован кога станува збор за законската регулатива во е-трговијата? Што би била вашата препорака на оваа тема?

Снежана Станковиќ: Сметам дека ние како народ повеќе сакаме да зборуваме отколку да читаме и да се запознаваме со нашите обврски и права. Едукацијата е добро дојдена во секоја област, па и во оваа. Самото растењето на е-пазарот бара и зголемување на едукацијата во оваа област. Да не се задржуваме само на трговците и потрошувачите, едукацијата е потребна и на државните органи посебно на инспекциските служби кои првично треба да делуваат едукативно.

Олеснува фактот што Законот ги задолжува трговците да ги истакнуваат и правата на потрошувачите, што истите ги прави полесно достапни, а секако постоењето на Вашата Асоцијација и здруженија од тој вид, помага во едукацијата како на трговците така и на потрошувачите. 

АЕТМ: Во последно време, најпопуларен начин за комерцијална комуникација или  промоција на е-продавници е преку испраќање промотивни мејлови. Кои се прописите и информациите кои треба да се запазат при оваа постапка?

Снежана Станковиќ: Законот за електронска трговија разликува комерцијална и небарана комерцијална комуникација, која мора да обезбеди јасна идентификација во чие име се прави, како и условите на понудата да бидат лесно достапни јасни и недвосмислено поставени. Комуникацијата е законски дозволена само со претходно прифаќање од страна на корисникот кон кој тој вид на комуникација е упатена.

Задолжителен елемент е и истакнување на можноста во секое време примачот да ја повлече својата согласност за примање на овој вид на комуникација. 

АЕТМ: За крај, дали можеби вие сте имале некое непријатно искуство со е-трговијата? Може ли да ни откриете што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои сѐ уште (ако има такви) не го искусиле онлајн пазарувањето?

Снежана Станковиќ: Често ја користам можноста за онлајн купување. Моето прво искуство беше непријатно. Нарачав подарок кој не го добив по истекот на подолг период, што ме натера да почнам да ги читам своите права. По праќање на барање да ми бидат вратени средствата истите ги добив во рок од 24 часа. Така да испадна дека првото искуство, иако непријатно, всушност ме охрабри и испадна позитивно. 

Последен пат нарачав фотеља. Бидејќи ми требаше одредена димензија и изглед, полесно ми беше онлајн пребарувањето и споредувањето на производите со јасно истакнати карактеристики, квалитет и димензии. Секако заштедив во време, а можностите за избор ми беа поголеми. Се радувам на развојот на е-трговијата. 

Што ќе им препорачам на другите? Следете го мојот пример, почнете со помали нарачки за да се охрабрите и бидете сигурни дека и непријатните искуства ќе донесат позитивни знаења