[Интервју] Сергеј Зафировски, Инсајдер ИД: Иднината е во е-трговија која ќе доминира во периодот што следи

Сергеј Зафировски е еден од најперспективните менаџери и претприемачи, сопственик на агенција за истражување на пазарот и стретегиски маркетинг Insider ID. Тој до 2011 година работи  во повеќе компании на позиции поврзани со продажба и планирање, за во 2011 година да реши да започне свој бизнис кој денес претставува успешна деловна приказна.

Со г-дин Зафировски разговаравме околу подготовките на извештајот за е-трговијата во Северна Македонија кој ексклузивно ќе биде промовиран на конференцијата за е-трговија: “Бизнис раст со е-трговија”.

Дополнително, направивме краток осврт на услугите кои ги нуди компанијата Инсајдер ИД, разговаравме околу навиките на компаниите од аспект на тоа дали вршат истражување на пазарот пред да донесат деловни одлуки и дали во минатото работеле на проект поврзан со е-трговија на територијата на Република Северна Македонија.

Целосното интервју прочитајте го во продолжение:

АЕТМ: Сопственик сте на една од најдобрите агенции за истражување на пазари и консалтинг во Македонија. На клиентите им нудите сеопфатни решенија за нивните проблеми и надминување на несекојдневни предизвици. Какви услуги им нудите на вашите клиенти и што може да очекуваат тие од соработката во Инсајдер ИД?

Сергеј Зафировски: Кога ќе слушнам вака дека ја опишуваат компанијата, се гордеам што сум дел од една таква приказна и благодарам на убавото претставување.

Ќе се обидам во една реченица да објаснам во кој бизнис сме, а тоа е овозможување на нашите клиенти да донесат стратегиски и оперативни одлуки за нивните бизниси базирани на релевантни информации и податоци. И самиот консалтинг што го нудиме е повторно базиран на истражувања и податоци со кои мораме да располагаме во секој момент.

Најчесто работиме на многу комплексни и интересни проекти како пазарни истражувања, пласмани на нови производи, стратегиски планови на компаниите, истражување на задоволството на вработените, интерни анализи на податоци и сл. Тешко е генерално да се набројат услугите кои ги нудиме, бидејќи секоја компанија има различен интерес, а ние ги приспособуваме според нивниот интерес.

Соработуваме само со бизнис сектор и на бизнис проекти, со исклучок на неколку што биле интернационални како на пример со “Leukemia Patient Advocates Network (LPAF)” кое што истражување го спроведувавме во 52 држави од Македонија.

АЕТМ: Која беше појдовната основа поради која се одлучивте да основате агенција за истражување на пазари? 

Сергеј Зафировски: Лична амбиција и интерес беше појдовната точка, едноставно од секогаш сум сакал математика, анализа и бизнис, па истражувањата ги спојуваат сите три во едно. Од друга страна забележлив е хроничен недостаток на квалитетни информации врз база на кои компаниите ќе работат.

Имав многу голема среќа од раѓање до ден денес да видам многу успешни, но и многу неуспешни бизниси кои ги чувствував на “сопствена кожа”што ми овозможи да ја направам точната насока на движење.  Дополнително, ситуацијата во која бев во моментот ме “подгреа” и ми помогна да го забрзам процесот на градење на истражувачка агенција.

АЕТМ: Можете ли да направите споредба на навиките на бизнисите во Македонија и развиените европски земји. Дали и колку домашните компании ги користат извештаите од истражувања на пазарот при донесувањето на важни одлуки неопходни за функционирање на бизнисите?

Сергеј Зафировски: Според мене за се што познаваме потребно е традиција и навика. Ние како држава во многу сегменти сега допрва ја градиме традицијата и креираме навики особено во бизнис сегментот. Истото се однесува и на самите истражувања и нивното користење во секојдневниот бизнис.

Пример во развиените држави, сериозен процент од компаниите ниту една одлука бизнисите не ја носат “ad-hoc” туку прават истражување за тоа во која насока треба истата да се донесе. И тоа не е само за важните одлуки туку за се што компаниите одлучуваат. Во денешно време, особено ако работите интернационално одлуки донесени од “стомак” единственото нешто што ви го гарантираат е дека нема да работите уште долго.

Позитивно е што и нашите компании започнуваат да размислуваат на истиот начин, едноставно разбраа за жал по одење на доста потешкиот пат, дека не постои друг начин освен одлуки базирани на бројки и релевантни информации. Лично сум задоволен од тоа што се случува на нашиот пазар и кон каде тој се движи.

Во иднина планираме на нашите партнери да им понудиме уште една можност за соработка, а тоа е да го интернацонализираме нивното работење.

АЕТМ: Дел од вашето портфолио на услуги е советување, односно консалтинг на компании. Доколку одредена компанија побара совет за тоа дали да имплементира е-трговија во своето работење кои се вашите иницијални предлози. Дали вршите специјализиран истражување насочено кон потребите на компанијата или се водите врз основа на претходните искуства?

Сергеј Зафировски: Како што кажав и претходно и нашиот консалтинг го базираме на истражување, едноставно не можеме да дадеме совет ако не знаеме што тој совет какви последици како интерни така и екстерни ќе предизвика. Нашата примарна работа е специјализирани истражувања, генерални правиме неколку годишно и тие се повторно поткрепа за дополнителни истражувања и нашиот консалтинг. Претходни искуства употребуваме – да, само во случај кога знаеме дека се тотално применливи во бизнисот за кој се однесува проектот.

Личното мое размислување е дека е-трговијата е иднината, односно дека за 15-тина години нема да има веќе е-трговија и обична трговија, туку е-трговијата ќе биде единствената што ќе постои. Сепак, многу е важен моментот и степенот до кој компанијата треба да влезе во тој канал. Како и за се друго, така и за започнување на бизнис или проширување во сегментот на е-трговијата е потребно да се изработи “cost-benefit” анализа и истражување за пазарниот потенцијал, за да се проектираат можностите и истите да се споредат со очекувањата на компанијата.

АЕТМ: Дали вашата компанија во минатото изработувала истражување на пазарот поврзано со е-трговија и доколку да можете ли да ни ги презентирате основните заклучоци од истото?

Сергеј Зафировски: Да имаме спроведено истражување за електронската трговија, но за разлика од тоа кое годинава ќе го презентираме на Конференција за Електронска Трговија каде ги анкетиравме компаниите кои имаат е-продавница, тоа го спроведовме со анкетирање на самите потрошувачи и нивното размислување во однос на пазарењето на интернет, бидејќи потребно е да се знаат двете страни за да се изработи соодветна стратегија.

Генерално, според истражувањето 66% од потрошувачите во Македонија на возраст од 18 – 54 годишна возраст имаат купено некаков производ или услуга во својот животен век.  Вкупниот пазарен потенцијал за електронската трговија во 2017 е 130 милиони евра со проектиран раст од 1.5% во песимистичко и 2.5% од вкупниот број на жители, во оптимистичко сценарио за раст. За 2018-та година проектиравме дека пазарот за електронска трговија ќе тежи 140 милиони евра, кое што имаше многу отстапување од реално реализираните трансакции во истата година.

Многу беше интересно да се види дека сеуште потрошувачите во нашата држава се “плашат” да купуваат преку интернет, иако многу години поминаа во комуникација дека ризикот е многу мал или минимален како за проток на личните податоци така и за измама со нивните платежни картички.

Од факторите кои ги анализиравме, и имаат најголемо влијание врз потрошувачите се “Сигурност при плаќање” и “Лесно порачување” кои имаат приближно 50% учество на високото влијание во вкупниот број на одговори. Од друга страна дефиниравме, дека “Мобилна апликација за порачка” и “Електронска клуб картичка” но потребно е да се има во предвид дека мобилната апликација е со повисоко значење кај помладите генерации како и потрошувачите со повисоки месечени приходи кои се и најпотенцијални за продажба а со тоа и се зголемува во целост и значењето на факторите.

Добивме уште многу други интересни податоци, но интервјуто е многу кратко за сите да се споделат.

АЕТМ: На втората годишна конференција за е-трговија заедно со Огнен Огненовски од ТАРГЕТ ГРУП ќе ги презентирате резултатите од истражувањето за вредноста на е-трговијата и мапирањето на е-трговците во Северна Македонија, ќе откриете кои се финансиските перформанси на компаниите учесници во е-трговијата и колкав дел од прометот го остваруваат онлајн. Која е иницијалната цел од која поаѓате при спроведувањето на вака обемно истражување?

Сергеј Зафировски: За да се воспостави сериозен и стратегиски темел за развој во иднина потребно е и дефинирање со што се располага во моментот, кои се целите за развој во иднина, која е стратегијата и кои ќе бидат контролните точки. Целта односно целите на истражувањето се да дефинираме колку вреди е-трговијата во нашата држава, да извршиме мапирање кој работи, а кој не работи, со кои проблеми се соочува, што продава, кои се пречките за развој, на кој пазар се продава.

Информациите ќе ги добиваме преку анализа на финансиските податоци на компаниите и спроведување на теренска анкета на тие кои имаат активна електронска продавница. Би се заблагодарил на сите компании кои одвоија 10тина минути да ни го пополнат прашалникот.