„Рептил” маркетите се познати како успешна домашна компанија, која има долгогодишно искуство на пазарот како ланец на маркети, а од 2017 година и со свој онлајн продажен канал за производи за секојдневна употреба наречен marketonline.mk.
Со Даница Личанин Блажевска, сопственичка на „Рептил“ маркетите разговаравме околу активностите на компанијата, развојот и успехот на нивниот онлајн маркет www.marketonline.mk и плановите за 2020 година поврзани со е-трговијата.
АЕТМ: Кои, според вас, се предностите од пазарењето преку вашата онлајн страница во однос на традиционалното пазарење во вашите „Рептил” маркети?
Даница Личанин Блажевска: Присутни сме повеќе од 23 години на пазарот и со тоа имаме стекнато големо искуство за потребите и побарувањата на купувачите. Покрај своите 15 маркети, „Рептил” не застана на традиционалниот начин на пазарење, туку ја следевме динамиката на брзиот живот и недостатокот на време, па затоа отворивме нов канал за купување. Онлајн купувањето е прекрасна можност за сите кои сакаат да поминат повеќе време со семејството, пријателите и за постарите лица на кој излегувањето од домот им е сѐ потешко. Едноставно, додека сте на вашето работно место или во домот можете да ги нарачате сите потребни производи со исти цени како во маркетите и истите ќе ви бидат доставени на посакуваната адреса и тоа во времето кое Вие ќе го одберете. Сакам да напоменам дека фирмите кои купуваат онлајн, покрај тоа што штедат драгоцено време некој од вработените да оди и да купува производи директно од маркет, имаат и одлична контрола на трошоците.
AETM: Што според вашата аналитика, најмногу се купува онлајн и дали има конкретни делови од денот или неделата кога имате најголем број на нарачки? Дополнително, дали вашиот клуб на попусти важи и за онлајн нарачки?
Даница Личанин Блажевска: Сѐ што можете да замислите и сѐ што купувате во традиционален маркет, се купува и онлајн. Многу е тешко да се каже дека некоја група производи се купува повеќе, а друга помалку, туку напротив, голем дел од купувачите ни сугерираат да ја надополниме понудата со одредени производи кои не се застапени онлајн. Онлајн се купува секој ден, но апсолутен победник е понеделник и вообичаено голем дел од нарачките се прават наутро до 10 часот. Клуб попустите, онлајн купувачите можат може да ги користат исто како и во маркетите, потребно е само внесување на бројот на клуб картичката.
АЕТМ: Дали купувачите можат да избираат време на испорака и во кој рок е испораката на производите? Дали испораката важи само за Скопје или или пак важи за цела Македонија?
Даница Личанин Блажевска: Откако купувачот ќе ја наполни дигиталната кошничка со потребните производи, самостојно го одбира временскиот период во кој посакува да му биде доставена нарачката. Нарачките се прават секој ден до 19 часот, а испораката е до 21 часот, додека во сабота испораката е до 14:30 часот. Во неделите не се врши испорака. Најбрзата испорака по извршена нарачка е максимум до два часа во урбаната зона, а во приградските населби до три часа. Доколку купувачот сака испорака во друго населено место кое се наоѓа надвор од Скопје и нарачката ја направи истиот ден до 12 часот, веќе наредниот ден ќе му биде испорачана. Купувачите имаат уште една можност на располагање, нарачката и плаќањето да ги извршат онлајн, а потоа сами да си ja подигнат нарачата со спакувани производи во нивниот најблизок маркет. Во овој случај не се наплатува за достава и се заштедува на време, бидејќи купувачите не мора да одат низ маркетите и да одбираат производи.
Каква е вашата политика за замена на производите и дали досега сте имале вакво искуство?
Даница Личанин Блажевска: Онлајн маркетот опфаќа околу 4000 производи, чија бројка постојано се зголемува. Производите се поделени во категории и подкатегории, исто како што е направено во супермаркетите. Пазарењето е лесно и ретко се случува да има погрешни производи во нарачката. Во случаите кога имало погрешен производ, обично се работи за истороден производ со речиси иста амбалажа, но со различна арома или вкус. Во овој случај, истиот или наредниот ден се врши достава и се заменува производот. Доколку се случи некој од производите во моментот да го нема, купувачот се информира телефонски и по негова желба се менува со друг ист производ, од од друг бренд.
АЕТМ: Каков е уделот на е-продажбата на производи за дома во Рептил маркетите за 2019 година? Дали има пораст во однос на ланската година?
Даница Личанин Блажевска: Кога онлајн маркетот www.marketonline.mk стартуваше во 2017 година со работа, имавме по неколку нарачки на ден, највеќе поради стравовите кај купувачите поврзани со сигурноста и непознавањето на дигиталните техники. Голем дел од нив за прв пат купуваа од љубопитност и кога ги видоа предностите и заштедата на време веднаш стануваа редовни онлајн купувачи. Со текот на времето, бројот на нарачки значително се зголеми и ведаш реагиравме со набавка на нови возила и вработување на повеќе лица. Годинава работиме во две смени за да можеме да ги однесеме сите нарачки и да ги задоволиме потребите на купувачите. Растот на продажбата од година во година се зголемува, бидејќи нашиот пристап е: „секогаш задоволен купувач”. Секоја година спроведуваме анкети и телефонски интервјуа со купувачите за да го слушнеме и нивното мислење и да ги прифатиме нивните сугестии за подобрување на нашата услуга. Голем дел од тие сугестии се прифатени и имплементирани во нашето работење.
АЕТМ: Дали може да ни откриете што се планира како новитет околу е-продавницата во 2020 година? Дали можеби планирате и изработка на мобилна апликација?
Даница Личанин Блажевска: Ние сме свесни дека во дигиталната ера мора да ја следиме динамиката на новите технологии, затоа и купивме платформа која технички е на највисоко ниво и која секојдневно се надградува. Платформата има многу алатки кои се користат за подобра визуелизација и информирање на купувачите. Платформата е максимално стабилна од технички и сигурносен аспект и не нѐ ограничува во однос на нови можности и секојневно надополнување на нови категории и подкатегории на производи. Платформата е одлично прилагодена и лесна за користење и преку мобилен телефон. За мобилна апликација размислуваме и ние и сме одржале повеќе состаноци со различни IT компании, но финалната одлука сѐ уште не сме донеле, бидејќи нашите идеи поврзани со мобилната апликација бараат подолг временски период за имплементација и големи финансиски издатоци.