Новости од е-трговија

Интервју ИВО СТОЈАНОВСКИ: Онлајн продавницата остварува продажба колку еден продажен салон на Вип во Скопје

Вип e телекомуникациска компанија во Република Северна Македонија која е член на A1 Телеком Австрија Групацијата, која има повеќе од 24 милиони корисници во осум земји во регионот. На македонскиот пазар компанијата опслужува околу 1,2 милиони корисници.

Компанијата нуди обемно портфолио на комуникациски услуги, што опфаќаат припејд и постпејд услуги во мобилната телефонија, фиксна телефонија, мобилен и оптички интернет, кабелска и дигитална телевизија, комбинирани пакети со сите услуги, како и напредни ИКТ-решенија.

За стратегијата на компанијата, понудата на онлајн продавницата и понатамошните планови од аспект на дигитализацијата и потребата од пристапување кон АЕТМ, разговаравме со г-дин Иво Стојановски – експерт за дигитална трансформација во Вип.

АЕТМ: Како дел од А1 Телеком Австрија Групацијата која е застапена во осум земји од регионот имате можност да го користите искуството на групацијата и да ги имплементирате успешните проекти во Македонија. Сметате ли дека нашата земја нуди можност за примена на проекти кои ќе придонесат кон дигитализација на телекомуникацискиот сектор? 

Иво Стојановски: Апсолутно. Стратешка насока на А1 Телеком Австрија Групацијата е синергијата помеѓу сите компании кои се дел од истата, во насока на споделување на позитивни практики, искуства и знаење. Проектите за дигитализација на телекомуникацискиот сектор се водат на групациско ниво, така што Вип е во тек со најнапредните технологии, алатки и практики за интеракција со своите корисници и за опслужување на процесите интерно во компанијата. Дигитализацијата е процес кој не застанува и во иднина ќе имаме голем предизвик да одговориме на потребите на корисниците и не само тоа, туку и да ги надминеме нивните очекувања, како кориснички ориентирана компанија.

АЕТМ: Онлајн трговијата има огромен потенцијал кој сеуште не е искористен на светско ниво, а нашата земја за жал сеуште заостанува во тој поглед. Вашата компанија поседува е-продавница каде може да се купат производи и да се користат одредени услуги. Сметате ли дека користењето на веб услугите кои се дел од понудата на вашата компанија е на задоволително ниво? 

Иво Стојановски: Промените во дигиталниот свет наметнуваат брзо темпо и кратко време за прифаќање на трендовите и приспособување на новите услови. За да се остане во чекор со технологијата од една страна и спремноста на корисниците да користат електронски услуги, од друга страна, покажуваат индиции за оправданоста на инвестициите во новите технологии кои ги прават компаниите. Иако е мал уделот во користењето на електронските услуги, можностите и капацитетот за нивното користење е огромен. Вип како технолошки лидер на пазарот и во индустријата, не само што вложува во постојано унапредување на веб услугите, проширување на онлајн портфолиото и целосната автоматизација на процесите, во исто време инвестира во едукација на корисниците и нуди бенефити за користење на веб услугите. Развојот на веб услугите и насочување на корисниците кон дигиталните канали е континуиран процес што е во согласност со стратешката опредеба на Вип за дигитализација на корисничкото искуство.

АЕТМ: Веб продавницата на Вип нуди продажба на телефони и плаќање на сметки онлајн. Можете ли да ни кажете колкав процент од телефоните и сметките се купуваат/плаќаат онлајн? 

Иво Стојановски: Обемот на трансакциите од остварената продажба на телефони во онлајн продавницата е на нивото на еден помал продажен салон на Вип од директна продажба во Скопје. Овој факт е доволен показател дека веб продавницата има огромен потенцијал и е потребно да се унапредува. Очекувањата и таргетите за уделот на продажба на онлајн каналите, наспроти офлајн каналите е амбициозна.

Плаќањето на сметките на нашите корисници, овозможено од електронските услуги кои им се на располагање е во континуиран пораст од квартал во квартал и има одличен удел во вкупниот број на трансакции. Особено не радува тоа што мобилната апликација на Вип и остварените трансакции преку овој дигитален канал е во постојан пораст, особено откако пуштивме нови врзии со значително подобрен дизајн и функционалности. Овој процент е уште поголем ако се земат во предвид платените сметки на нашите корисници преку електронските услуги овозможени од банките.

Дел од корисниците сеуште претпочитаат интеракции преку офлајн каналите и физичка посета на продажните салони. Клучот за промената на ова однесување се состои од едукација и овозможување на лесен пристап и користење на електронските услуги.

АЕТМ: Едукацијата на населението е важен предуслов за пораст на онлајн трансакциите во Македонија. Какви активности презема Вип со цел да придонесе кон едукација на населението за придобивките од користењето на веб услугите? 

Иво Стојановски: Како што претходно потенцирав едукацијата игра важен дел во користењето на електронските услуги на Вип. За таа цел активно подготвуваме видео туторијали кои може да се најдат на нашата веб страна или пак се комуницираат со корисниците преку социјалните мрежи. Во насока на дополнително стимулирање на користењето електронски услуги даваме атрактивни инсентиви за нивно користење. Така на пример, имаме одлични акции и попусти за набавка на мобилни телефони преку веб продавницата на Вип, дополнителни интернет сообраќај при електронско надополнување кредит како и можност да се освојат вредни подароци при поддршка на иницијативата за поттикнување на еколошката свест со активација на електронска сметка.

АЕТМ: Сигурноста и заштитата на клиентите кои користат онлајн услуги е исто така важен и неопходен предуслов за развој на е-трговијата. Колку вашата компанија вложува во овие сегменти? 

Иво Стојановски: Сигурноста и заштитата на корисниците, но и сигурноста и заштитата на компанијата има највисок приоритет и се исклучително важни во обезбедувањето на електронските услуги. Безбедноста на ниво на корисник е овозможено од самиот сертификат на веб страната, користење на безбеден процeсор на плаќање, разни протоколи во позадина на еклетронските услуги и повеќе нивоа на заштита преку проверки на кориснички податоци, разни начини на автентикација и користење на параметри за логирање.

АЕТМ: Неодамна вашата компанија воведе еФактура со дигитален потпис. Што очекувате да се постигне со имплементацијата на оваа дигитална иновација? 

Иво Стојановски: Преку обезбедувањето на гарантирана автентичност, интегритет на содржината и еднаква легитимност како и печатените фактури очекуваме повеќекратни бенефити на страна на корисниците , како што е заштедата на време и администрирањето на сметките. Исто така еФактурата овозможува лесна навигација и преглед на услугите кои ги има корисникот. Да не го заборавиме бенефитот на страна на животната средина, при користењето на еФактурата.

АЕТМ: Вип неодамна пристапи во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се вашите очекувања од членството во истата и како ја оценувате досегашната работа на АЕТМ? Кои се работите што треба да се променат во Македонија од аспект на онлајн трговија со цел оваа дејност да го достигне својот максимум?

Иво Стојановски: АЕТМ постави високи стандарди во досегашното работење и се надевам дека ќе ја задржи улогата на гласноговорник за поддршка на е-трговијата. Преку идентификација на клучни предизвици во е-трговијата и активна улога во нивното решавање, подигање на свеста и едукација на компаниите и корисниците за е-трговијата, нетворкинг настани, транинзи и пристап до анализи за е-трговија се само дел од работите кои се основата на постоењето на асоцијацијата.

Свесни сме дека промената од офлајн кон онлајн каналите од аспект на е-трговија нема да биде преку ноќ и е процес кој нема да застане. На страна на корисниците пресудна е едукацијата и стекнувањето на сигурност во користењето на онлајн каналите и електронското плаќање. На страна на компаниите пресудно е брзото приспособување на промените користејќи агилно работење и прифаќањето на новите технологии.