Новости од е-трговија

[Интервју] Огнен Огненоски, Таргет Груп: Ги советуваме сите бизниси да вложуваат во развој на е-продажбата

Огнен Огненоски е еден од основачите на Таргет Груп, компанија за бонитетни извештаи и останати деловни информации за правни лица кои делуваат на територијата на Македонија. Тој заедно со Бојан Џиков во 2012 ја основаат компанијата Таргет Груп и платформата БизнисМрежа.мк.

Оттогаш, па се до денес постојано работат на надградување на платформата и имплементација на нови модули за во текот на 2018 година да започнат со издавање на сертификатот за успешност „Certificate of excellence“ кој се доделува на најуспешните компании во земјава.

Со г-дин Огненоски разговаравме подетално околу активностите на компанијата Tаргет Груп, подготовките на извештајот за е-трговијата во Северна Македонија кој ексклузивно ќе биде промовиран на конференцијата за е-трговија: “Бизнис раст со е-трговија” и направивме краток осврт на соработката која ја имаат со ФИТР од која произлегуваат неколку успешни проекти.

Целосното интервју прочитајте го во продолжение:

АЕТМ: Таргет Груп е компанија која веќе седма година ја испишува својата успешна приказна во бизнис светот. Но, да се вратиме на самиот почеток. Од каде потекнува целата идеа? Дали при создавањето и при реализацијата на вашата замисла се водевте од веќе постоечка идеа која успешно фукционира во некоја друга држава? 

Огнен Огненоски: Секоја успешна приказна во себе содржи успешни, но и неуспешни поглавја. Ако направам компарација водењето на бизнис на почетоците изгледа како новороденче кое пробува да прооди, но мора да биде упорно и издржливо на сите падови. Потоа следува период на учење, сознавање и формирање на карактер. Клучниот фактор за создавање на една успешна бизнис приказна е креирање на потреба. Така и нашата идеја за започнување на бизнис се водеше од потребата за квалитетни информации достапни за компаниите од нашата држава, со цел да се олесни носењето деловни одлуки при нивната меѓусебна соработка. Во бизнисот од особено значење е да имате пристап до информации достапни во секое време за вашите потенцијални клиенти, соработници или конкуренти на пазарот. Таргет Груп е специјализирана компанија за бонитетни, деловни и маркетинг информации, кои се основа за сите паметни бизнис одлуки. Нашата компанија е креирана согледувајќи ги успешните приказни од регионот и светот со што на македонските бизниси им воведовме нови стандарди при нивното работење и им овозможивме достапност на квалитетни деловни информации во секое време со само еден клик.

АЕТМ: Функционираме во време на софистицирана технологија и современи алатки за пребарување кога речиси сите информации се лесно достапни за секого. Кој беше на почетокот, а кој е моментално најголемиот предизвик при воведување на еден “информатор” од ваков тип? Што е она што ја прави вашата платформа да биде одбрана од потенцијалните клиенти за соработка?

Огнен Огненоски: Во постојаното менување на светот со дигитални информации некои гледаат предизвици и ограничувања. Ние во Таргет Груп гледаме неограничени можности да помогнеме. Повеќе од 20 наши вработени професионалци секојдневно ги толкуваат, итерпретираат и подобруваат податоците кои се основа за носење деловни одлуки на нашите клиенти. Нашата цел е да го олесниме деловниот ден преку испорака на илјадници важни информации за донесување одлуки. Секој ден поединци, организации и компании создаваат огромни количини на податоци. Само во последните 3 години се создадени 90% од сите податоци. Во ова богатство на податоци важно е да имате партнер кој ќе може да ги извлече вистинските информации за вас.

Ние секојдневно доставуваме информации до компании, општини, банки и различни организации.

Една од најважните алатки за водење на успешен бизнис е да имаш можност за дневно следење на сите промени кои ги прават сите ваши клиенти или бизнис партнери. Ние тоа го овозможуваме преку “Информаторот” на нашата платформа БизнисМрежа.мк. Преку оваа алатка нашите клиенти добиваат секојдневни е-маил известувања за настанати промени кај компаниите од нивен интерес. Замислете да соработувате со компанија, а притоа да немате никаква информација околу нивната ликвидност, солвентност, задолженост, промена на нивната сопственичка или управувачка структура итн. Затоа компаниите се одлучуваат да ја користат платформата БизнисМрежа.мк која на едно место дава бонитетни и многу други корисни информации за сите регистрирани бизниси од Македонија, а за многу кратко време и од регионот.

АЕТМ: Бизнис Мрежа е единствената платформа на која можат да се најдат детални (бонитетни) информации кои би можеле да бидат клучни за развојот и успехот на еден бизнис. Сепак, како дел од проектот поддржан и финансиран од ФИТР зборувате за надградување на истата. Што е она што следува? Кои дополнителни информации ќе можат да ги добијат вашите клиенти користејќи ја вашата надградена платформа? 

Огнен Огненоски: Бонитетниот извештај, наједноставно кажано, претставува “крвна слика” за една компанија. Бонитетот ги содржи сите показатели за успешноста на работењето на компанијата. Со олеснување на пристапот до информации многу лесно се елиминираат ниско бонитетните компании. Како пионери на македонскиот пазар Таргет Груп воведе нови стандарди за развој и успешност на бизнисите, а сето тоа е направено со можноста за брза проверка на бонитетот за одредена компанија. Од друга страна се надевам дека ги потикнуваме и компаниите да се стремат кон подобрување на нивното работење, а со тоа и подобрување на нивниот бонитет.

Фондот за иновации ја препозна нашата посветеност и иновативен пристап кон податоците. Како експерти за паметни податоци (smart data) постојано сме фокусирани на обезбедување поголем број на достапни информации со цел олеснување на процесот на носење деловни одлуки. Веќе од месец Ноември 2019-та година на платформата БизнисМрежа.мк ќе бидат достапни бонитетни информации за сите регистрирани компании од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија. На овој начин сите заинтересирани компании за соработка со компании од регионот ќе можат само со еден клик да ја проверат успешноста на нивните потенцијални бизнис партнери. Таргет Груп е членка на Adria Business Information Network каде членуваат најголемите бонитетни агенции од регионот. Целта на оваа групација е полесен пристап до регионалните податоци, а со тоа и олеснување на деловните соработки помеѓу компаниите од регионот.

БизнисМрежа.мк исто така ќе биде надградена со нов модул – БизнисМрежа – маркетинг – преку кој на компаниите ќе им се овозможи маркетиншки да се претстават на своите клиенти со креирање на свој мини веб портал. Со ова БизнисМрежа.мк ќе биде единствениот портал кадешто на едно место ќе бидат вклучени сите регистрирани правни субјекти од Македонија и на истите ќе им се овозможи најлесно да ги претстават своите услуги и производи на едно место.

АЕТМ: Од минатата година го воведовте сертификатот за успешност „Certificate of excellence“ како показател за одговорна и успешно водена компанија. Истиот се добива врз база на анализа на целокупното нејзино работење. Но, во 2018 година, само 2% од вкупниот број на регистрирани фирми во Македонија се стекнаа со оваа титула. Во кој дел сметате дека македонските компании најмногу “потфрлаат”? Каде според вас има најмногу простор за напредок и треба најмногу работа? 

Огнен Огненоски: Да се биде носител на најпрестижниот сертификат за деловна успешност „Certificate of excellence“ е едно од ретките признанија со кои компаниите им докажуваат на своите потенцијални партнери дека се одговорно и квалитетно водени компании со кои треба да се соработува. Денес е навистина тешко да се најде доверлив партнер. За една компанија да биде носител на овој сертификат потребно е да има висока бонитетна оцена А или Б за работењето во последната фискална година, потоа се анализира нивната солвентност, ликвидност, задолженост и успешност.

Анализирајќи ги финансиските податоци на компаниите согледуваме дека најголем проблем на стопанството претставува ниската ликвидност.  Тоа е проблем со кој компаниите се борат со години, во меѓувреме беа донесени низа закони кои требаше да ја подобрат ликвидноста, но за жал не вродија со значителни резултати. Повеќето од компаниите се сеуште фокусирани на домашниот пазар, а еден од начините да се реши овој горчлив проблем е да се насочиме кон странските пазари кои ќе донесат свеж капитал во нашата држава.

АЕТМ: Вашата главна цел е олеснување на процесот на донесување на важни и правилни бизнис одлуки. Како дополнителна привилегија, вашите клиенти наскоро ќе можат да користат информации за бизниси од регионот и пошироко. Кои се земјите со кои макеоднските компании најчесто соработуваат? 

Огнен Огненоски: За потребите на нашиот нов производ за бонитетни извештаи за компании од Светот (Credit Information Sуstem), поддржан од ФИТР кој ќе го пласираме на светскиот пазар спроведовме физибилити студија и ќе споделам дел од заклучоците. Вкупно македонската економија во 2017-та година има 4,9 милијарди евра извоз и 6,7 милијарди евра увоз, со трговски дефицит од приближно 2 милијарди евра годишно.

Од вкупно извршениот извоз (4.9 милијарди евра), приближно 47% има учество само Германија, додека вкупно топ 10 држави имаат вкупно учество во извозот на Македонија од 78%. Сепак, во првата држава Германија се извезува приближно 10-кратно вредносно повеќе отколку во второрангираната Бугарија. Забележливо е дека најголеми трговски партнери (со исклучок на Албанија) се соседните држави Бугарија, Косово и Србија.

Од аспект на увозот по држави, состојбата е похетерогена, односно повеќе држави учествуваат со поголем интензитет, додека и државите се видно различни во однос на извозот. Вкупно топ 10 држави учествуваат со 67% во вкупниот увоз на Македонија. Од првата држава Германија увезуваме 798 милиони, потоа следуваат Велика Британија, Грција, Србија, Кина, Италија, Турција, Бугарија, ЈАР и Романија на 10-то место.

Интересно е дека трговската размена со одредени држави во Балканскиот регион, кои според природата би требало да се на повисока позиција, се рангирани прилично ниско како на пример БиХ, Црна Гора и Албанија кои солидно заостануваат од првите 10. Истото постои можност да претставува иден потенцијал бидејќи се очекува интензивирање на соработката со истите во следната декада. Затоа нашиот фокус како компанија е пред се регионално позиционирање и постепено освојување и на светските пазари.

АЕТМ: Се стремите кон олеснување на водењето на бизнисот и на корисниците им овозможувате информации од било каков тип, кои би служеле за доближување на една фирма до нејзиниот соработник. Па така, годинава, заедно со агенцијата за истражување Insider се вклучивте во анализа и истражување на пазарот за е трговија во нашата држава. Во 2018 во Македонија имаше регистрирани нешто повеќе од 800 веб продавници. Со оглед на фактот дека е-трговијата е дејност која сеуште е во развој кај нас, како би го опишале финансискиот успех на онлајн компаниите? Дали сметате дека во моментов, со овој степен на развиеност на е-трговијата кај нас, поисплатливо за една компанија е да се посвети во развој на е- продажба или сепак да се задржи до традиционалниот начин на понуда на своите добра и услуги?

Огнен Огненоски: Ако ги земеме во предвид последните три фискални години, компаниите од овој сектор во просек бележат годишен раст на нивните вкупни приходи од 3%, раст на добивката во просек од околу 4% и раст на просечниот број вработени лица со помалку од 1% годишно. Овие статистички податоци ни укажуваат дека овој сектор може многу повеќе и како таков има огромен потенцијал за раст во следните неколку години. Цврсто ги советувам сите бизниси да вложуваат во нивниот развој на е-продажбата, бидејќи таа ќе претставува единствениот канал на продажба за најголемиот број компании од светот. Инвестицијата денес претставува добивка во иднина. Во секој случај сметам дека не е време да се откажеме од традиционалниот начин на понуда на своите добра и услуги, но предлагам забрзана миграција и максимална подготовка, инвестирање и насочување кон е-трговијата.

АЕТМ: На втората годишна конференција за е-трговија заедно со Сергеј Зафировски од ИНСАЈДЕР ИД ќе ги презентирате резултатите од истражувањето за вредноста на е-трговијата и мапирањето на е-трговците во Северна Македонија, ќе откриете кои се финансиските перформанси на компаниите учесници во е-трговијата и колкав дел од прометот го остваруваат онлајн. Која е иницијалната цел од која поаѓате при спроведувањето на вака обемно истражување?

Огнен Огненоски: Најголем процент од фирмите коишто имаат физичка локација, а електронската трговија им претставува дополнителен канал за продажба остваруваат помеѓу 1 и 5% од нивните вкупни приходи на годишно ниво благодарение на е-трговијата. Околу 30% од анализираните компании имаат исклучиво електронска продажба, додека 70% имаат класична продажба, а електронска им претставува дополнителен канал.  Целта за ова истражување е да се обезбедат квалитетни информации со кои бизнисите ќе можат да носат паметни деловни одлуки. Да се поседува толку голема база на податоци значи да се има и голема одговорност кон стопанството и наша обврска е да дадеме свој придонес во развивање на потранспарентно, поконкурентрно и поздраво бизнис опкружување.