Новости од е-трговија

[Интервју] Наташа Костиќ Милошевски, Endava: Пандемијата дефинитивно влијаеше на ‘освестување’ на компаниите дека дигитализацијата е задолжителен процес за секој бизнис

Софтверската компанија Endava го поддржа виртуелниот хакатон „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ и како сребрен партнер,како и со присуство на тројца ментори од нивната компанија кои ги насочуваа студентите кон успешни концепти за нивните иновативни решенија. По завршување на хакатонот, разговараме со Наташа Костиќ Милошевски, Senior Business Analyst во Ендава за ‘освестување’ на компаниите за дигитализацијата како задолжителен процес во секој бизнис, за нејзините размислувања кога станува збор за сивата економија во нашата земја, како и нејзините препораки за студентите-победници на хакатонот.

АЕТМ: Имајќи го предвид вашето богато и долгогодишно интернационално искуство во развојот на софтверски решенија, според вас како пандемијата влијаеше во “освестување“ на компаниите дека дигитализацијата е задолжителен процес што мора да се случи во секој бизнис? Имаше ли зголемен обем на побарувачка на софтвер кој помага во дигитализација на компаниите во изминатава година?

Наташа: Пандемијата дефинитивно влијаеше на “освестување” на компаниите дека дигитализацијата е задолжителен процес за секој бизнис, тргнувајќи од очигледните дејности како трговија и малопродажба преку воведување на системи за онлајн нарачки и плаќање, па се до образование, каде се виде неопходноста од воведување на онлајн настава буквално преку ноќ.

После првобитниот шок, кој траеше околу шест месеци, кога повеќето клиенти пристапија мошне внимателно кон новата реалност, побарувачката значително се зголеми и тоа не само за софтвер кој помага во дигитализација на компаниите, туку и во побарување на услуги за помош во дигиталната трансформација и адаптирање на процесите на работа кон онлајн работењето од дома. Ендава има долгогодишно искуство и “know how” и во двете области: изработка на софтвер и секако агилна и дигитална трансформација на процесите во рамки на компаниите.

АЕТМ: Многу од компаниите, но и поединци, кои размислуваат за имплементирање на онлајн продажба како основен бизнис модел сметаат дека процесот на изработка на една е-продавница може да биде многу скап и комплексен. Поради тоа, дел од нив се одлучуваат да продаваат преку социјални мрежи како што се Facebook и Instagram, сè со цел да ги избегнат овие трошоци. Како Сениор Бизнис Аналитичар во ЕНДАВА – IT компанија која изработува софтвер за многу клиенти насекаде во светот, можете ли да ни кажете зошто владее таква перцепција и како да се надмине? (може да ни посочите пример од вашето искуство во странство како би се надминала оваа фаза).

Наташа: Продажбата преку социјалните мрежи како Facebook и Instagram е секако најлесниот начин да се дојде до целта, тоа е она што е веднаш достапно и едноставно за употреба имајќи предвид дека сите генерации во денешно време се вешти корисници на социјалните мрежи. Изработката на е-продавница бара дополнително ангажирање и истражување од страна на компаниите, а посебно од страна на поединци. Се чини дека поголемите компании кај нас ја разбираат потребата од одржување на е-продавници, иако секако би помогнало доколку се воведат повеќе начини за онлајн плаќања, но тоа е поширока и покомплексна тема. Клиентите во светот ги користат е-продавниците за да овозможат купување онлајн, дополнително и за рекламирање на своите производи, како и најразлични кампањи и/или попусти. Но, уште една значајна намена на е-продавницата е едноставно корисничко искуство кое ќе нѐ наведе како корисници да останеме подолго и секако да се вратиме повторно.

Мојот личен впечаток е дека сѐ повеќе поединци и компании кај нас ја сфаќаат потребата за постоење на е-продавница и се движиме кон некој позитивен исход.

АЕТМ: Глобалната пандемија придонесе за брзиот раст на е-трговијата во нашата земја; од компаниите се бараше да бидат агилни, брзо да се адаптираат и да се соочат со предизвиците кои ги наложува дигитализацијата. Еден од предизвиците е зголемениот број на нерегистрираните продавачи кои продаваат преку социјалните медиуми и не ги плаќаат даноците и останатите јавни давачки. Кое е вашето мислење на оваа тема? Дали сметате дека постои доволно големо ниво на свест за сивата економија и кои следни чекори мислите дека треба да се преземат со цел да се намали нејзиниот опсег; дали можете да посочите некоја своја идеја за решавање на овој проблем?

Наташа: Свеста за сивата економија дефинитивно треба да се подигне на едно повисоко ниво. Еден од начините за нејзино подигнување се иницијативи како оваа, која е и повод за ова интервју.  Ваквите иницијативи ќе помогнат за подигање на свеста кај младите генерации и студентите. Што се однесува до сите други генерации, секако се потребни кампањи и работилници кои би им помогнале на трговците да разберат кои опции им се на располагање и како да започнат со е-трговија, користејќи е-продавници и онлајн плаќања. Од друга страна пак, потребно е и самите потрошувачи да се едуцираат за нивните придобивки и права при купување од е-продавници и легални продавачи. Во нашата земја сѐ уште постои извесна недоверба кон онлајн плаќањата и трансакциите, а тоа е веројатно уште една причина за индиректна “поддршка” на сивата економија од самите потрошувачи.

Сметам дека еден начин да им се олесни онлајн продажбата посебно на поединци и помали компании е да постои платформа слична на eBay или Ali Express, каде истите ќе можат да ги понудат своите производи. Со тоа секако нивните производи и/или услуги би биле достапни и на потенцијални купувачи надвор од земјата.

АЕТМ: Ендава како сребрен партнер на хакатонот кој се одржа во периодот од 14.05 – 16.05. покажа дека дава поддршка на студентите, но и на иницијативите кои придонесуваат кон решавање на општествени проблеми, во овој случај кон намалување на сивата економија во е-трговија. Студентите победници на овој настан, ќе имаат задача во наредните неколку месеци да ги доразвијат нивните идеи и истите ги промовираат со цел да ја најдат нивната реална примена и придонесат во намалување на сивата економија. Што вие би им препорачале на студентите победници на овој настан? 

Наташа: На хакатонот имаше навистина многу добри идеи, така што на студентите победници и на сите учесници, би им препорачала пред сѐ да продолжат да работат до конечна реализација на своите идеи. Дополнително, да се иницираат и повеќе вакви настани, бидејќи компаниите како Ендава се секогаш расположени за соработка со факултетите и студентите.

АЕТМ: Сметате ли дека во нашата држава недостигаат повеќе вакви иницијативи каде што има вклученост и соработка помеѓу факултетите, бизнис заедницата и владин/невладин сектор, како преку меѓусебна соработка се иницираат дополнителни можности за надминување на бариери, но и се придонесе повеќе кон решавање на проблеми со инклузивност?

Наташа: Да, дефинитивно недостигаат повеќе вакви иницијативи за соработка помеѓу факултетите, бизнис заедницата и владин/невладин сектор, и тоа од неколку причини. Прво, поради зголемување на свеста кај младите генерации (во случајот студенти) за одредени прашања од општествениот живот (во случајот сивата економија). Тоа ќе ги поттикне да размислуваат и потенцијално делуваат во подобрување и надминување на состојбите, и ова е исто така во контекст на вашето прашање број 3.  Второ, студентите ќе имаат можност да работат на проекти кои имаат реално влијание и носат вредност во дадениот контекст, со што би изградиле визија која ќе ги води понатаму во нивниот приватен и професионален живот. И на крај, можеби најинтересниот дел за самите студенти, ваквите инцијативи ќе им овозможат на кратко да погледнат што се случува зад завесата во компаниите, од кои ќе бидат дел и самите тие, во иднина.

АЕТМ: За крај, колку често вие купувате онлајн и дали можеби имате некое непријатно искуство поврзано со е-трговија и на кој начин го надминавте истото? Која е последната работа која ја купивте онлајн?

Наташа: Доста често купувам онлајн, во последниот период и почесто од вообичаено поради целата ситуација и потребата за намалување на есенцијалните контакти. Лично не сум имала некое непријатно искуство при користење на платежна картичка за онлајн плаќања ниту локално, ниту надвор од државата. 

Последната работа купена онлајн е парче облека за летната сезона, пред само неколку денови. 😊