Со г-дин Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија и член на УО на АЕТМ разговараме на тема економски последици од COVID-19, за процесот на дигитализација во компаниите, за потребата од следење трендови и постојана едукација, како и потребата од брзо прилагодување на новонастанатата ситуација со цел зачувување на работните места. Дигитализација навистина може да придонесе за опстанок, но и подобрување на процесите во компаниите, затоа е потребно брза реакција и имплементација.
АЕТМ: Една од вашите главни заложби како Бизнис конфедерација на Македонија е поттикнување на работата на малите и средните компании и директно влијание за создавање на поцврста пазарна позиција на истите. Како влијаеше COVID-19 пандемијата на ова? Со какви предизвици се соочуваат малите и средните компании сега?
Бошков: Да, нашата мисија е да допринесеме за зголемување на знаењето за водење на бизнис во нашата земја засновано врз планиран и законски концепт како и пракси во бизнисот кои гарантираат одржливост. Сепак вирусот и влијанието на пандемијата го изненадија целиот деловен свет, односно целото општество. Целокупното стопанство е под закана на губење на економскиот/пазарниот континуитет и одржливоста, односно опстанокот. За жал, оваа состојба ја „откри“ поточно ја извади на површина слабоста на подготвеност на промени кај поголем дел од македонските мали и средни претпријатија. Првенствено забележавме слабата примена во однос на трудовата легислатива, односно како и на кој начин да се оптимизира бројот на вработени за време на намалената или прекинатата економска активност, како и потреба од брза реорганизација на работните места и вработените. Голем предизвик( де не речам тешкотија) претставува проширувањето на услугите или продажбата, финансиските средства за одржување на бројот на вработени, средствата за реорганизација и модернизација/дигитализација или пак сигурност и безбедност на вработените, и секако најголемиот предизвик или пак слабост товарот/опашките од даночните обврски и обврските кон доверителите.
АЕТМ: Е-трговијата во овој период станува светски тренд. Вие покрај претседател на БКМ, сте и член на УО на асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Сметате дека пандемијата влијае за процесот на дигитализација да започне поскоро кај компаниите? Дали сега компаниите се свесни зошто е потребна дигитализацијата и дека живееме во едно модерно општество каде секојдневно е потребно следење и прилагодување на нови трендови?
Бошков: Е-трговијата и дигиталниот бизнис се иднината на работните места, иднината на потрошувачката економија, иднината на вештините и образованието, иднината на глобалниот пазар. Можеби невкусно ќе звучи, но точно е дека пандемијата го забрза овој процес на менување на практиките за водење на бизнис. Улогата на АЕТМ, БКМ и останатите деловни здруженија е да ја подржат ова промена, да ги поттикнат, информираат, обучат, образуваат и насочат своите членови, бизнисите и граѓаните кон дигитализација и „електронизација“ на животот и секојдневието.
АЕТМ: Голем дел од компаниите се соочуваат со економски последици од новонастаната ситуација со COVID-19 пандемијата, а соодветно со тоа можно е и отпуштање на работници од своите работни места. Кои се вашите ставови и предлози до компаниите по однос на зачувување на работните места? Сметате ли дека дигитализацијата може да придонесе кон брзо опоравување од кризата и заштита на работните места во компаниите?
Бошков: БКМ во улога на социо-економски партнер во земјата, и како членка и дел од Меѓународната Организација на Работодавачи – МОР-IOE, го гради ставот врз основа на глобалните и домашните услови на пазарот на трудот. Во нашата земја, Законот за роботни односи е „Уставот на трудовата легислатива“, што значи дека сите учесници во овој однос треба да бидат свесни за обврските и условите. Во Законот за работни односи постојат одредби кои ги предвидуваат процедурите и односот работник vis a vis работодавач во состојба на намалени или прекинати/стопирани деловни процеси/активности. Тоа значи дека работодавачите кои се соочија со тешкотии во работата или пак потполно ја прекинаа деловната активност (голем број со уредба од Владата) треба да ги следат советите од деловните здруженија и синдикатите. Ние во БКМ со тимот на правници подготвивме сет на предлози со мерки за зачувување на работните места кои ги испративме до Владата, но за македонските компании изготвивме прирачник за управување со работните места во време на криза/пандемија и од неодамна издадовме уште еден прирачник кој го нарековме – „Враќање на работа за време на COVID-19 и после COVID-19“ кои ги објавивме на нашата веб страна, а од кои би издвоил, дека најважно е:
- да се остварува комуникација со вработените, особено и препорачливо електронски,
- да се покаже суштински интерес и грижа за нивното здравје и здравјето на нивното семејство,
- да се вложи во безбедни процедури и практики кои ќе ја задоволат здравствената сигурност на вработените, а со самото тоа и ќе ја задржат/стекнат довербата,
- да се вложи или побара финансиска помош, субвенции, кредит за елетронски/дигитализирани процедури, производство и услуги,
- да се обучат, преквалификуваат или доквалификуваат вработените според потребите дигитализацијата на работните места, и
- да ја искористат шансата со воведување на промените во фирмата, да вложат/размислат/спроведат следење на продуктивноста/исполнителноста на вработените и да бидат транспарентни или пак да го објавуваат тоа во рамки на компанијата.
АЕТМ: Можеби голем дел од работниците во компаниите ќе имаат некакви аверзии кон менување на процесите од традиционално кон дигитално. Сведоци сме дека македонскиот работник не толку често сака да менува навики да се прилагодува на трендови. Според вас, колку брзо работниците ќе треба да се прилагодат на процесите кои ги носи дигитализацијата?
Бошков: Во состојба кога од промената/прилагодувањето зависи опстанокот на компанијата, а со самото тоа и работните места, во тој случај, повторувам, прво треба да се разговара за промената и да се објасни дека компанијата „излегува“ од комфорната зона на функционирање, треба да се објасни времетраењето на процесот на промена и треба да се објасни што значи тоа за вработените. Сепак прилагодувањето и промената зависи од одлуките и подготвеноста на сопствениците/менаџментот и консултациите со вработените.
АЕТМ: Е-трговијата секоја година бележи драстичен пораст и во вредноста и во бројот на трансакциите. Ретроспективно наназад, во 2002-2003 година за време на САРС пандемијата некои светски е-трговци како Alibaba.com драстично пораснаа и сега се лидери во областа. Во овие моменти онлајн супермаркетите, доставувачите на храна и останатите е-трговци имаат драстично зголемен број на нарачки, па така и бројот на вработени кај истите компании е во пораст. Како АЕТМ веруваме дека навиките што сега се стекнуваат за онлајн купување ќе продолжат и после пандемијата. Што ќе им препорачате на работодавците во вакви моменти, а во насока да останат со истите потреби на работници и по завршување на пандемијата?
Бошков: На почетокот на интервјуто реков дека пандемијата е причината за забрзување на процесите во модернизацијата/дигитализацијата на бизнисите, тој процес нема да застане, ниту пак динамиката на практикување на бизнисот и услугите ќе се намалат. Напротив обемот може да се зголемува, особено од кога ќе се прифати начинот на купување/продавање или следење и информирање и од кога ќе се пресемета дека е многу побрзо, поефикасно, прецизно и сигурно. Работодавачите треба да ги изнајдат сите можни извори и ресурси за задржување на работниците, бидејки без нив дигитализацијата би можела биде само теорија.
АЕТМ: Ако треба да дадете три клучни совети до секој работодавец за лесно справување со COVID-19 пандемијата, што би им кажале? Верувате ли дека 2020 година може да биде година на позитивни промени кај работодавачите и година во која може да произлезат нови стартап компании кои во иднина може да бидат потпора на македонската економија?
Бошков: За одговорот на прашањето ми се „вртеа“ низ глава повеќе варијанти на пораки до работодавачите, сепак ќе го употребам примерот/моделот на членството во АЕТМ – тоа е „кластер“ на фирми од финансискиот сектор, трговија, логистика, ИТ индустрија, пакување, брендирање, маркетинг, телекомуникации итн. Сите тие компании низ времето се менуваат и прилагодуваат, а промените се случуваат со забрзано темпо и постојано, и тие процеси се иреверзибилни. Оттука го црпам и мојот совет до работодавачите: Фокусирајте се на изнаоѓање на решение, не се фокусирајте (не губете енергија) на констатирање на состојбата дека е тешка (и така е тешка). Барајте информации и совети консултирајќи се постојано, „купувајте“ идеи и впуштете се кон реализација.
АЕТМ: За крај, што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство во е-трговијата? Дали ќе продолжите да ја практикувате е-трговијата и во иднина?
Бошков: Верувам во електронското купување, и понатаму (секогаш) ќе го користам! Претпоследното пазарење – мебел, шифоњер за чевли – одлично искуство, но последното купување на сендвичи за време на полициски час беше интересно, морав да излезам пред зграда на тротоар за да го пречекам доставувачот на храната, си помислив дека би било добро да се подготви апликација со која сендвичот и купувачот ќе се „состанат“, електронски!