Новости од е-трговија

[Интервју] м-р Марко Ѓоргиевски, Директор @ НАЕОПМ: Важно е студентите да се вклучени во развојот на стратегии и спроведување на политиките кои носат намалување на сивата економија

Во периодот од 14.05 – 16.05.2021 Асоцијацијата за е-трговија на Македонија организира виртуелен хакатон насловен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“, во соработка со Економски Факултет – Скопје и ФИНКИ. Дел од поддржувачите и партнерите на овој хакатон е и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Со директорот на НА, м-р Марко Ѓоргиевски разговараме за важноста и вклученоста на студентите при решавање на општествени проблеми како што „сивата економија“, но и за идните планови на Националната агенција во делот на дигитализацијата и новите трендови кои ги носи новото, модерно време.

AETM: Глобалната пандемија придонесе за брзиот раст на е-трговијата во нашата земја; од компаниите се бараше да бидат агилни, брзо да се адаптираат и да се соочат со предизвиците кои ги наложува дигитализацијата. Еден од предизвиците е зголемениот број на нерегистрираните продавачи кои продаваат преку социјалните медиуми и не ги плаќаат даноците и останатите јавни давачки. Кое е вашето мислење на оваа тема? Дали сметате дека постои доволно големо ниво на свест за сивата економија и кои следни чекори мислите дека треба да се преземат со цел да се намали нејзиниот опсег; дали можете да посочите некоја своја идеја за решавање на овој проблем?

м-р Марко Ѓоргиевски: Пандемијата со која се соочуваме повеќе од една година сериозно ги забрза процесите на глобална дигитализација во поширока општествена смисла.

Се наметна неминовна потреба, не само за компаниите туку и за институциите за дигитално прилагодување и адаптирање кон новата реалност.

Сивата економија е децениски проблем и вистински предизвик за институциите бидејќи мораме да разбереме дека плаќањето на даноци е основата за буџетско функционирање на државата која може да инвестира во поквалитетна инфраструктура, здравство, социјална заштита, како и подобро образование.  Во оваа насока, како граѓани на државата, наша колективна одговорност е да се погрижиме даноците да бидат платени.

Брзиот раст на е-трговијата е еден револуционерен процес кој изврши трансформација во пазарната позиционираност и донесе нови предизвици. Растот ги донесе и проблемите кои се поставени во прашањето, но сметам дека постепено со политиките кои ги презема Владата на Република Северна Македонија, континуираната кампања за подигнување на свеста и купување од проверени и доверливи продавачи, ознаките за квалитет и засилените контроли од надлежните институции ќе го дадат резултатот за намалување на сивата економија во е – трговијата од што придобикви ќе има и за компаниите и за граѓаните.

АЕТМ: Оваа година се организира првиот хакатон посветен на намалувањето на сива економија во е-трговијата во нашата земја и како учесници и организатори се токму корисниците на програмите на Националната агенција; учесниците кои ќе работат на решенија за намалување и сузбивање на сивата економија се студенти од ФИНКИ и Економски Факултет – Скопје, додека нивните идеи ќе бидат евалуирани од страна на еминентни професори и претставници од приватниот сектор. Од ваша гледна точка, колкава е важноста студентите да бидат едуцирани на темата „сива економија“, а воедно и да се активно вклучени во процесот за нејзино намалување и сузбивање? 

м-р Марко Ѓоргиевски: Сакам да изразам задоволство за можноста да учествуваме на првиот хакатон, да ги споделиме искуствата и заедно да направиме чекор напред во насока на намалување на сивата економија.

Станува збор за процес кој бара посветеност, одговорност, идеа и вклученост на повеќе општествени чинители. Сите велиме дека студентите и младите се иднината на една држава, но често тоа се користи само како една добро позната фраза. Нивното активно вклучување во општествените текови е суштината на работите и развојните процеси. Од големо значење е да се креираат повеќе канали за информирање и едукација, кампањи за поткревање на свеста за информирано и одговорно однесување кај младите со цел да креираме одржлив систем кој континуирано ќе работи кон намалување и сузбивање на сивата екомонија.  Исклучително е важно покрај редовните студиски програми, студентите континуирано да се едуцираат за штетите од сивата економија и активно да ги вклучуваме во развојот на стратегии и спроведување на политиките кои носат намалување на истата.

АЕТМ: Како поддржувачи на овој настан, кои беа клучни аспекти за Националната агенција да се одлучи да го поддржи овој настан? Какви се вашите очекувања кога станува збор за организацијата на виртуелниот хакатон и какви решенија очекувате да произлезат од 48 часовната работа на студентите?

м-р Марко Ѓоргиевски: Сивата економија е вистински предизвик кој бара посветен, одговорен и енергичен, трансформативен пристап. Поддршката на овој хакатон е мотивирана од аспектот на тоа дека студентите се значајна општествена категорија која учествува во решавањето на овој децениски проблем. Нашата цел е да креираме средина во која секое младо лице ќе има можност да го искористи својот максимум потенцијал. Преку споделување и креирање на добри практики, подигнување на свеста дека правилното водење на бизнисот согласно националното законодавство ќе има позитивни импликации и за компаниите и за граѓаните водејќи се од начелото за негување на позитивните европски вредности.

Оваа иницијатива е за поздравување бидејќи може да развие претприемачки дух кај студентите, но и позитивни студентски навики дека активностите треба да се реализираат преку систем, надвор од потенцијална сива зона.

Очекувам да добиеме иновативни идеи со позитивна нота кои може да придонесат во намалување на сивата економија. Важно е да се се поздрави иницијативноста на студентите кои преку вклучување и активна работа во рамки на овој хакатон ќе пратат порака за важноста и потребата за приоретизација на оваа тема како и вклучување на сите граѓани во подобрување на состојбите.

АЕТМ: Целта на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката и младите во нашата земја. Корисници на овие програми се студенти, професори, обучувачи и сите кои се вклучени во образовниот процес. Како НА, што сметате дека е од суштинско значење кога станува збор за едукација на младите, населението и сите засегнати страни за значењето на дигитализацијата и е-трговијата како дел од неа? Дали агенцијата има идни планови да биде дел од иницијативи и да преземе активности кои се стремат кон зголемување на компјутерската писменост, дигиталните вештини и онлајн купувањето?

м-р Марко Ѓоргиевски: Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е институција која работи согласно домашното законодавство, но исклучително водејќи се и од европските правила и унапредување на трајните европски вредности. По преземањето на функцијата се соочив со низа на предизвици кои бараат одговорно, отчетно работење и посветеност.

Изминатиов период работиме на зголемување на видливоста и константна комуникација со јавноста за да креираме позитивна атмосфера за што повеќе училишта, високообразовни институции, здруженија, комори, компании бидат корисници на нашите Еразмус+ програми.

Како НА ги следиме воспоставените европски приоритети и тоа зелена агенда, инклузија, зголемена младинска вработеност и секако еден од клучните столбови е дигитализацијата.

Периодов, како и месеците пред нас интензивно работиме на целосна дигитализација на институцијата, а преку нашите програми, воедно следејќи ги и приоритетите континуирано сме вклучени во промоција и поддршка на дигиталните процеси. Добрите практики, креативните идеи кои носат додадена вредност преточени во квалитетно подготвен проект согласно правилата и процедурите поставени од Брисел континуирано ќе бидат поддржувани од НА. Наша заедничка цел е да го менуваме општеството кон подобро следејќи ги светските дигитални текови.

АЕТМ: Какво е вашето лично искуство со онлајн купување; дали мoжете ли да ни откриете што е последната работа што ја купивте онлајн? Што би им препорачате на оние кои сѐ уште не ги искусиле придобивките кои ги нуди онлајн пазарувањето?

м-р Марко Ѓоргиевски: Генерално и претходно, но и поради пандемијата честопати знам да купам онлајн.  Внимавам тоа да биде од препознатливи продавачи и во голема мера сакам да ги поддржам малите како и новите бизниси кои се пробиваат на пазарот. Нешто што би го сакал да го истакнам во последниот период што сум купил онлајн се сликичките како дел од албумот за европското првентство во фудбал ЕУРО 2020, во насока на поддршка на македонската репрезентација.

Како млад човек би сакал да охрабрам дека сега е наше време да ги менуваме навиките и да го подобриме општеството. Време е да ги искористиме сите можносите што ги нуди дигитализацијата вклучувајќи ги можностите за е-трговија и онлајн пазарање.