Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Кристијан и Александар од Fashion Group, Сребрен партнер на 7-ма конференција за е-трговија

Fashion Group, сребрен партнер на 7-та Регионална конференција за е-трговија, оваа година одбележува дваесет години како водечка модна групација во Македонија. Со триесетина продавници, три е-продавници и мобилна апликација, тие се истакнуваат како пионери во е-трговијата. Во ова интервју со Александар Дичевски и Кристијан Кирјас, ќе разговараме за клучните моменти во развојот на компанијата, предизвиците од дигиталната трансформација и идните планови за „отплеткување“ на нивниот потенцијал.

АЕТМ: Оваа година одбележувате 20 години постоење на Fashion Group како групација. Кои се некои од клучните моменти и достигнувања во овие две децении што особено се издвојуваат за вас?

Кристијан Кирјас: Почетоците на Фешн Груп, односно првите продавници, датираат уште од 1994 година, додека како групација функционира од 2004 год. Во текот на годините компанијата бележи континуиран раст и портфолиото константно се збогатува со нови брендови. Денес Фешн Груп е водечка модна групација во Македонија со триесетина продавници, три веб-сајтови и повеќе од 300 вработени. Успехот пред сè се должи на лојалноста на нашите купувачи кои знаат дека кај нас секогаш, без исклучок, ќе добијат квалитетен производ и високо професионален однос.

АЕТМ: Со управувањето на три различни веб-сајтови и една мобилна апликација, кои се најголемите технолошки и логистички предизвици со кои се соочувате во текот на секојдневното работење?

Александар Дичевски: Работењето во една групација која има повеќе од 30 брендови и продавници секако со себе носи многу предизвици. Покрај тековното управување на три различни веб-сајтови и мобилната апликација секојдневно се грижиме за точна и real-time синхронизација на податоците за производите, како и залихата помеѓу продавниците и нашите веб сајтови.

Од неодамна имплементиравме и втор ЕРП систем, што секако само по себе беше еден огромен предизвик кој благодарение на професионалноста и посветеноста на нашиот тим и секако со поддршка од колегите од останатите сектори кои беа вклучени во овој процес успешно го реализиравме. Секако, кога се работи во атмосфера во која секој член од тимот си ги знае своите обврски нема предизвик кои не може да го совладаме.

АЕТМ: Во денешно време, user experience е од огромна важност за успешноста на еден бизнис. Можете ли да ни објасните како ја унапредивте корисничката патека, од избор на производи до процесот на завршување на нарачка?

Кристијан Кирјас: Позитивниот user experience е еден од клучните темели на нашиот успех. Унапредувањето на корисничката патека го направивме преку поедноставување на процесите за пребарување и нарачување, како и со помош на тимот за корисничка поддршка кој успешно се справува со сите ситуации кои настануваат во текот на целиот процес. Најважно за нас е, на крај, секогаш клиентот да биде квалитетно услужен и задоволен со својот избор. Не постои друг начин за постигнување на позитивен user experience.

АЕТМ: Вашата програма за лојалност за онлајн корисниците е значајна новина за Fashion Group. Како функционира оваа програма и што е тоа што ја прави привлечна за вашите клиенти?

Александар Дичевски: Имплементацијата на програмата за лојалност во нашите физички продавници е достапна од 2017 година. Пресликувањето на истата функционалност и на нашиот сајт www.fashiongroup.com.mk беше комплексен процес кој покрај од нас, бараше целосен фокус и посветеност и од нашите надворешни соработници.

Среќни сме што оваа година во целост ја имплементиравме оваа поволност за нашите купувачи со надеж дека со ова го подобруваме целосното кориснички искуство на нашиот сајт. Накратко, оваа програма функционира по принцип на собирање на поени со секоја направена сметка во продавница, односно креирана нарачка на сајтот. Во зависност од тоа колкав промет оствариле самите корисници во текот на една година истите се поделени во три прагови, односно собираат поени во износ од 5%, 10% или 15% од износот.

По имплементацијата на програмата за лојалност и на Fashion Group сајтот, сега корисниците имаат можност да го комбинираат собирањето и трошењето на поени односно средства како во продавница така и на нашиот сајт. Односно, од сега поените со кои се стекнале во продавница можат да ги користат и при креирање на онлајн нарачка и обратно.

АЕТМ: Kiko Milano, еден од вашите брендови, сега е достапен и онлајн. Како овој потег ќе влијае на искуството на клиентите и што можат да очекуваат тие од оваа нова можност?

Александар Дичевски: Од месец октомври италијанскиот бренд за шминка и козметика Kiko Milano е повторно достапен онлајн. Со тоа постепено ја зголемуваме понудата на производи, со дополнителни категории од она што веќе сме препознатливи – облека, обувки и додатоци.

Во изминатиот период работевме на технички подобрувања на приказот на овие производи на сајтот, како и унапредување на податоците за карактеристики во позадинскиот дел.

Добивме одлични реакции од корисничките кои што во изминатиот период очекуваа повторна активација на овој бренд на сајтот, но исто така забележуваме дека производите на Kiko Milano секогаш се добар избор за подарок од страна на мажите.

АЕТМ: Темата на овогодинешната конференција е Untangling Potential. Како би го опишале процесот на „отплеткување“ на потенцијалот на Fashion Group од вашите почетоци до денес, и кои се вашите планови за иднината во овој контекст?

Кристијан Кирјас: Со помош на брзиот развојот на технологијата, расте и потенцијалот на секој бизнис. Клучно е да се оди во чекор со новитетите и на тој начин, како што велите, да се “отплеткува” потенцијалот. Нашиот прв сајт www.fashiongroup.com.mk датира од 2017год. кога онлајн продажбата во Македонија сè уште беше неоткриен терен. Тоа беше веројатно најголем чекор во процесот на “отплеткување”. Нашиот тим се фокусира на тоа да ги имплементира сите технички новитети, вклучувајки ја имплементацијата на AI во одредени сегменти на нашето работење, што всушност и беше тема на минатогодишната e-commerce конференција.

АЕТМ: Како партнер на 7-та конференција за е-трговија во Македонија, што ве мотивираше да го поддржите овој настан? Колку е важна соработката во индустријата и споделувањето на знаењето за растот на е-трговијата во регионот?

Александар Дичевски: Среќни сме што и оваа година сме еден од поддржувачите на овој настан, со надеж дека несебично придонесуваме во развивање и растење на е-трговијата во Македонија. Нескромно ќе кажеме за себе си дека сме едни од лидерите за е-трговијата во нашата област со нашата работа, имплементацијата на нови алатки за купувачите се надеваме дека ќе ја мотивираме и нашата конкуренција во иднина да ги следи нашите примери. Бидејќи во секој случај, здрава конкуренција може само дополнително да не инспирира и да секако не направи подобри.

Кристијан Кирјас: Како што велат, нема потреба ништо да измислуваме, се е веќе измислено. Само треба да се препознаат добрите идеи. Сметаме дека конференцијата за е-трговија е одлична можност за размена за идеи, место каде што сите учесници учиме по нешто ново.