[Интервју] Јосиф Дамјанов, FitKit: Сите сме во ист кош и зборот што ги обединува сите бизниси е ‘предизвикувачки’

Првото интервју оваа година го направивме со Јосиф Дамјанов од FitKit со кој зборувавме за раѓањето на идејата за FitKit апликацијата, предизвиците во фитнес индустријата за време на глобалната пандемија и онлајн прилагодувањето и од страна на тренерите, и на вежбачите.

АЕТМ: Дали можете да им кажете на нашите читатели нешто повеќе за FitKit? Од каде дојде идејата за креирање на ваква апликација? Од кога постоите и кои се вашите приоритети во моментов, а што би можеле да очекуваат вашите корисници во иднина? 

Јосиф Дамјанов: Идејата е на Ангелина, мојот партнер. Имено, нејзиниот активен живот порано подразбирал плаќање на две чланарини поради желбата да вежба две различни активности. Во меѓувреме слушнала за мобилна апликација од САД која што би и го решила проблемот и така донела одлука да направи нешто слично во нашата земја. Формално постоиме 3 години и ако ме прашате мене, ФитКит е пред се заедница на луѓе кои што веруваат во храброст, соработка и доверба. Нашата мисија е да го направиме активниот живот достапен за секого, од секаде, во било кое време. Пред неколку денови ја лансиравме и новата платформа FitKit Plus наменета за тренери кои што сакаат да креираат и продаваат видео програми за вежбање и во блиска иднина ќе имаме нови функционалности на мобилната апликација за да одговориме на потребите и еволуцијата на фитнес индустријата што ја донесе пандемијата.

АЕТМ: Дали можете на кратко да ни опишете како еден бизнис поврзан со фитнес функционира во време на глобална пандемија, особено кога мерките на намалување на ширењето на вирусот налагаат затварање на теретаните?

Јосиф Дамјанов: Сите сме во ист кош и зборот што ги обединува сите бизниси е ‘предизвикувачки’ . Еден дел од бизнисите можеа да ги пралогадот своите вежбачи и групи преку онлајн опциите, но еден дел од бизнисите како теретаните и спа центрите беа комплетно затворени. Во моментов функционираат со протоколи, но сепак и без тоа голем дел на луѓе се резервирани и вежбаат дома или надвор.

АЕТМ: Пандемијата беше, и сè уште е огромен предизвик за фитнес индустријата. Она што можеше да се забележи е дека навистина голем број на фитнес студија направија транзиција од своите сали кон држење часови онлајн. Кажете ни нешто повеќе за оваа транзиција, како ја прифатија вежбачите и дали се навикнаа на фитнес преку нивните екрани?

Јосиф Дамјанов: На почетокот беше чудно затоа што ниту вежбачите не беа навикната домот да го користат како вежбална ниту па тренерите беа навикнати да користат технологија и камера за да го одржат часот и вежбите. Сепак, денес е сосема нормално и ќе остане засекогаш присутно кај некои од вежбачите. На многу луѓе вежбањето дома им крати време пред се. Се појавија нови групи на луѓе како мајки, интровертни луѓе и оние кои што им смета експонирање во јавност (вежбални) поради вишокот на килограми или нивото на физичка подготвеност. 

АЕТМ: На вашата Facebook страна може да се забележи дека интензивно објавувате интервјуа како дел од серијата „ФитКит инспирација“ со вежбачи од цела Македонија. Дали оваа иницијатива започна за време на глобалната пандемија? Која е целта што сакате да ја постигнете со истата?

Јосиф Дамјанов: Кампањата не беше планирана за пандемијата и пандемијата не ја планиравме во кампањата . Сепак на крај добивме убави приказни на луѓе кои што немаа изговори и останаа активни за време на пандемијата. Сакавме да раскажеме приказни за нив и нивното секојдневние и на тој начин да поттикнеме и инспирираме луѓе од нивната локална заедница да се активираат физички.

АЕТМ: Да речеме дека јас сум личност која навистина сака да стекне навики за вежбање периодов, но сум воедно и уплашена поради covid-19 и не сакам да одам во простор каде што вежбаат повеќе луѓе. Како би ме советувале вие?

Јосиф Дамјанов: Би те советувале да си ја симнеш апликацијата и да си најдеш онлајн активност во живо од некое од студијата или пак да ја пробаш FitKit plus платформата со On demand видео програми за вежбање.

АЕТМ: За крај, дали мoжете ли да ни откриете што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои сѐ уште (ако има такви) не го искусиле онлајн пазарувањето?

Јосиф Дамјанов: Ако ги тргнам сите претплати и сервиси кои што секој месец земаат пари од картичка, тогаш последното нешто мислам беше храна од Paket.mk, а искуството веќе познато и убаво. Онлајн пазарувањето е многу добар начин за штедење на време. Истото тоа време за одење до локација, барање паркинг, шетање низ маркет/продавница може да се инвестира во други попродуктивни работи или социјализација.