[Интервју] Филомена Пљаковска Аспровска, КаСис АД Скопје – златен партнер на Четвртата годишна конференција за е-трговија

КаСис АД Скопје е компанија основана во 2001 година како прв и единствен процесор во Република Северна Македонија, која освен за домашниот пазар прераснува и во сертифициран процесинг центар од регионални размери.

Основната дејност на КАСИС АД Скопје опфаќа процесирање трансакции со платежни картички, управување со АТМ и ПОС мрежа, е-трговија, персонализација на дебитни и кредитни платежни картички и неплатежни картички како и сервиси на дежурен центар.

Во делот на е-трговија КАСИС АД Скопје е доверлив партнер на банките со кого тие ги исполнуваат зацртаните цели и планови, во моментов директно соработувајќи со три домашни банки (Комерцијална банка, Стопанска банка и Уни банка).

Разговараме со Главниот извршен директор и претседателот на Управен одбор на Касис АД Скопје, г-ѓа Филомена Пљаковска-Аспровска, на тема е-трговија, со посебен осврт на глобалните трендови во оваа дејност, новиот предлог-закон за платежни услуги и промената на висината на заменските надоместоци, безбедноста која е еден од клучните аспекти за развој на е-трговијата како и одговорот на компаниите на предизвиците кои ги наметна пандемијата со Ковид-19.

AETM: На 12 ноември се одржува 4-тата годишна конференција за е-трговија, а Касис АД Скопје како единствен процесор на територијата на Македонија е еден од златните спонзори на конференцијата. Како гледате на развојот на е-трговијата во земјава и во глобални рамки, кои се глобалните трендови и во која насока ќе се развиваат, какви новитети може да очекуваме кога се во прашање е-трговијата и платежните иновации?

Г-ѓа Пљаковска Аспровска – Со гордост и задоволство КаСис е повторно, и оваа година, златен спонзор на 4-та конференција на која очекуваме споделувања на искуства, новитети но и идни значајни проекти поврзани со раст и развој на е-трговијата.

Трендовите и навиките кои беа поттикнати од пандемијата, зголемен број на електронски продавници, зголемена понуда, зголемен број трансакции во е-трговија, продолжуваат и во оваа година, согласно очекувањата.

Како и во 2020 година, и оваа година, регионите на Азија-Пацифик и Северна Америка го предводат глобалното рангирање за продажба преку е-трговија. Големото влијание на Кина придонесува Азиско-Пацифичкиот регион да учествува со 60,8% во продажбата преку е-трговија ширум светот во 2021 година, Северна Америка има удел од 20,3%, а Западна Европа 12,6%. По глобалниот пораст од 25,7% во 2020 година, на 4.213 милијарди долари, оваа година очекувано е продажбата ширум светот да се искачи за дополнителни 16,8%, на 4.921 милијарди долари.

Македонскиот пазар го следи глобалниот тренд. Споредбено за месец јуни 2020 година-јуни 2021 година, бројот на трансакции на интернет продажни места е зголемен за 21%, a вредноста на трансакциите пораснала за 61%, односно од 274 милиони денари на 443 милиони денари. Секако ова е резултат и на растот на бројот на виртуелните места на продажба, кој е зголемен за 36%, од 1.223 на 1.661 виртуелно продажно место.

Според официјалните статистики бројот на трансакциски сметки на физички лица во деловните банки е 3,82 милиони, што е 95% од вкупниот број отворени трансакциски сметки и е одличен предуслов за раст на бројот на издадени картички и останати електронски инструменти како еден од важните фактори за електронска трговија.

Постојаниот тренд на раст на платежни картички е значајно и од аспект на развој на нови модели на плаќање како глобално многу актуелната “buy now-pay later” функција која е насочена кон овозможување комодитет и оптимално управување на сопствените финансии на купувачите за пониски трошоци. Она на што се става голем акцент е подобреното корисничко искуство, намалување на акциите во кој е вклучен купувачот а сепак задржување на високо ниво на безбедност и автентикација со високо софистицирани методи. Особено актуелни се и дигитализација на картички и издавање виртуелни картички, трансфери на пари.

АЕТМ: Во Македонија согласно новиот закон за платежни услуги конечно се отвора можност за нови играчи на пазарот на плаќања, односно влез на финтек-компании коишто ќе понудат нови начини на плаќање. Како гледате на оваа можност, дали ќе ја зголеми конкуренцијата во платежната индустрија и какви нови начини на плаќање очекувате да се појават откако ќе стапи на сила овој Закон?

Г-ѓа Пљаковска Аспровска – Усогласувањето на националното со европското законодавство во областа на платежните услуги и платните системи од е неизбежно и потребно. Народната Банка на Република Северна Македонија заедно со

Министерството за финансии во текот на 2020-та и 2021-ва година одржуваа и организираа многу твининг конференции на темата. Целите се јасни и ние како компанија сме поддржувачи на оваа правна рамка која што ќе овозможи влез на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, што би довело до зголемување на конкурентноста и ефикасноста во платежната сфера и би го поттикнало процесот на дигитална трансформација на плаќањата.

КаСис во август 2021-ва година стана дел од елитното друштво на Берлин груп и има можност да го понуди своето знаење и човечки потенцијал во развој на дигиталните канали за плаќање.

Изминатиов период активно учествувавме и максимално бевме транспарентни преку финансиска инклузија и едукација да бидеме секогаш достапни и да овозможиме навремена информираност како на корисниците на платежни картички така и на електронските трговци.

АЕТМ: Заменските надоместоци (interchange fee) кај плаќањата со парични картички постепено ќе се намалуваат со крајна цел да се намалат трошоците коишто се наплатуваат од граѓаните и компаниите. Може ли да ни објасните што точно претставуваат заменските надоместоци и каква е директната поврзаност на овие трошоци со трошокот кои се наплаќа од крајните корисници?

Г-ѓа Пљаковска Аспровска – Заменските надоместоци ги поставуваат операторите на платежните картични шеми, како што се Visa/MasterCard. Секогаш кога потрошувачот користи кредитна или дебитна картичка во трговија, физички или онлајн, банката опслужувач (acquiring bank) плаќа т.н „заменски надоместок“ на банката издавач на картичката (issuing bank). Овој надомест е дел од вкупните трошоци на работењето на трговците, а е директно поврзан кога плаќањето се извршува со платежна картичка.

Она што новиот Закон ќе го донесе, е зголемена транспарентност за висината на поединечните трошоци кои се вклучени во цената која ја плаќа купувачот. Ќе овозможи споредливост на надоместоците за платежните услуги и можност за избор на најповолен давател на платежни услуги. Особеност е што Законот воведува и ограничување на заменските надоместоци со платежни картички, а за одредени категории потрошувачи ќе се овозможи отворање сметки со основни функции преку кои ќе може да се извршуваат одреден број бесплатни платежни трансакции.

АЕТМ: Каков е вашиот став по однос на ова прашање, дали со намалувањето на заменските надоместоци реално ќе се намали цената на услугите (провизијата за трансакциите) наменети за граѓаните и компаниите или истите ќе се компензираат со воведување на други давачки? Какви се искуствата од регионот по однос на ова прашање?

Г-ѓа Пљаковска Аспровска – Регулативата несомнено ќе донесе значителни придобивки за потрошувачите и трговците, намалување на одредени трошоци и зголемена транспарентност. Не треба да се заборави и фактот дека процесорите, банките издавачи/опслужувачи на меѓународни картички имаат направено големи инвестиции и континуирани вложуваат во подобрување на услугите. Убедена сум дека со заеднички сили сите ентитети во финансискиот сектор ќе изнајдат правилни решенија.

Новите играчи чие појавување ќе биде овозможено со новиот Закон истотака ќе наметнат трошоци за корисниците на нивните услуги поради инвестициите кои ќе бидат направени за овозможување на истите. Зголемувањето на конкурентноста и новите иновативни услуги се крајна придобивка за купувачите и за позитивен развој на платежните услуги во целост.

AETM: Безбедноста е еден од клучните сегменти кои придонесуваат кон понатамошен развој на е-трговијата. Асоцијацијата за е-трговија на тема безбедност со помош на петте банки кои нудат е-трговија изработи Регистар на е-трговци, а дополнително го издава и сертификатот “Верифициран е-трговец” кој се добива доколку одредена е-продавница ги исполнува основните законски прописи, со што се утврдува веродостојноста и безбедноста на е-трговецот. Од друга страна, вие како процесот исто така имате значајна улога во поглед на безбедноста (преку 3-D автентикацијата и сертификацијата од страна на Mastercard, Visa како и PCI DSS стандардизацијата). Колку се овие сегменти значајни и придонесуваат кон подобра клима за развој на е-трговијата?

Г-ѓа Пљаковска Аспровска – Дозволете да упатам честитки на проектот – Регистар на е-трговци и издавање на сертификатот – “Верифициран е-трговец”. КаСис е подржувач, промотор, иницијатор за безбедноста како значаен сегмент во развојот на е-плаќањата. Мораме да се нагласи дека Република Северна Македонија има сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, поддржано од квалитетно изградени капацитети, високо квалификувани експерти, изградено ниво на доверба, и национална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста. cPay системот на КаСис и целосната инфраструктура е континуирано усогласена со последните барања на меѓународните стандарди. Усогласени сме со последните барања за 3D безбедносниот модел на MasterCard и Visa мрежите. Како што напоменав се работи на имплементација и обезбедување на високо ниво на безбедност и автентикација со минимум активност од страна на купувачот.

Она што е неизбежно и на што работиме во континуитет е едукацијата на населението. Активни сме со објава на едукативни текстови, учество на форуми и настани на кои се обработуваат теми од доменот на е-трговија, блог текстови и сл. За да имаме успешна и безбедна е-трговија која постојано ќе расте, освен придобивките на купувачите треба да сме постојано од помош за позитивно онлајн искуство.

АЕТМ: Е-трговијата во земјава и во глобални рамки е во пораст, особено со појавата на пандемијата со Ковид-19. Но, сведоци сме дека иако работите полека се враќаат во нормала растот на е-трговијата не забавува. Вие како платежен процесор кој директно соработува со три банки кои нудат е-трговија во своето портфолио сте сведоци на овој раст и се поголемиот број на нови барања за е-продавници. Кажете ни од кои дејности се најчестите барања, дали станува збор за бизниси кои беа најмногу погодени откако започна пандемијата со Ковид-19 или веќе сите бизниси се свесни за придобивките кои ги нуди е-трговијата и се стремат да ја имплементираат како составен дел од своето работење.

Г-ѓа Пљаковска Аспровска – Не би можела да издвојам дејност или бизнис кој најактивно работеше на развојот на е-трговијата. Но, она што особено ме радува е фактот дека се развија многу бизниси кои функционираат само онлајн, без физички продавници. Супермаркети и продавници за здрава храна, ресторани и достава на подготвена храна, козметика, облека и спортска опрема, апарати за домаќинство, и се останато. Факт е дека компаниите постојано вложуваат во своите онлајн продавници, прават подобрувања, од што заклучуваме дека придобивките и предностите за сите учесници се големи.

За обезбедувачите на услуги но и за трговците кои имаат и физички продавници, ова е значаен дополнителен канал за наплата, пласман на производите и услугите, побрза и полесна комуникација со клиентите и вистинска конкуренција на физичката продавница.

Евидентно е дека пандемијата поттикна трендови и создаде навики на зголемена потреба од електронски услуги и онлајн купување. Тимот на КаСис напорно работи за обезбедување на сите предуслови овие трендови да се задржат и е-трговијата континуирано да се движи во нагорна линија. На развој на е-трговијата работиме од 2007 година, при што се втурнавме и започнавме едно патување заедно со банките, изнаоѓајќи решенија поврзани со електронските канали за плаќање. Дадовме максимална поддршка во полето на електронската трговија за што сум особено горда на менаџментот на КаСис и на целиот наш тим.

Оваа година славиме 20 години и верувам дека нашите клиенти и купувачите, во нас гледаат доверлив и безбеден партнер за развој на бизнисот и дигитална трансформација, врвна сигурност во нашите решенија за плаќања со картички, извор на совети, искуство и знаење. Продолжуваме заедно кон уште поголеми предизвици и успеси.