Разговараме со Филомена Пљаковска-Аспровска, главен извршен директор на Касис АД Скопје кој е златен спонзор на третата годишна конференција за е-трговија, а воедно е и дел од панелот на конференцијата на тема: „Довербата е приоритет – онлајн безбедност и заштита на потрошувачи”.
АЕТМ: Е-трговијата во време на оваа пандемија доживува досега незабележан раст речиси насекаде во светот, а тоа не ја заобиколува ниту Македонија. Според вас, кои беа пречките што не дозволија овој раст да биде природен односно да се случува и без пандемијата имајќи ги предвид широкиот спектар на придобивки кои ги носи онлајн плаќањето?
Филомена Пљаковска-Аспровска: Електронската трговија во нашата земја доживуваше вистински подем и раст во последните години, што се забележуваше и од зголемувањето на процентот на население кое користи и купува преку интернет, 16% во 2016 година до 29% во 2019 година. Сепак, тој раст не ја следеше динамиката на е-трговијата на глобално ниво.
Населението во Република Северна Македонија купува поретко и троши помалку на интернет во споредба со земјите од ЕУ. Најголемиот број од купувачите преку интернет во Република Северна Македонија (64%), направиле 1 до 2 купувања во 2019 година, додека 27% од населението направиле купување преку интернет од 3 до 5 пати. Најголемиот дел од населението во Република Северна Македонија потрошило помалку од 50 евра за купување стоки и услуги на интернет, додека пак најголем дел од населението во ЕУ потрошило помеѓу 100 и 500 евра.
Негативните ефекти врз светската и домашната економија од здравствената криза со Ковид-19 ќе бидат големи и долготрајни, но кризата има потенцијал да засили некои трендови кои беа присутни и во периодот пред неа. Дигитализацијата придонесува за полесен и побрз пристап до широк асортиман на производи и услуги, што пак, придонесува и за раст на безготовинските плаќања. Со современите начини на плаќање на европско и глобално ниво, инспирирани од промените кои ги наметна процесот на дигитализацијата во светски рамки, се менуваат навиките и културата на плаќањата и во домашната економија.
Овие тенденции на зголемен раст како последица од приликите настанати заради пандемијата се регистрираат и кај нас во КаСис. Анализите индицираат рапиден раст на бројот на виртуелни трговци за 24% во Q2 и 29% за Q3, во однос на 2019та година. Бројот на трансакции го следи трендот и регистрира значителен раст од 54% во Q2 и 61% во Q3 во однос на претходната година, што ја отсликува промената во навиките на купувачите и неопходноста од електронските канали за плаќање.
Овие показатели недвосмислено укажуваат дека дигитализацијата може да помогне во опоравувањето на економијата, а воедно и да го зајакне капацитетот за справување со вакви шокови во иднина.
Ова е моментот кога е потребно да се искористат предностите од дигитализацијата и тоа во сите сфери на општеството: во образованието, здравството, јавните услуги и во приватниот сектор.
АЕТМ: Три банки во земјава, од вкупно пет кои ја нудат оваа услуга соработуваат со Касис како платежен процесор за имплементација на виртуелен ПОС и процесирање на онлајн плаќањата. Ако се соберат трговците кои ги опслужувате индиректно преку овие три банки веројатно ќе се согласиме дека Касис игра значајна улога во развојот на е-трговијата. На кој начин го прилагодивте вашето работење со цел да одговорите на зголемениот обем на работа во изминатиот период откако на сила стапија ограничувањата на движењето па се до денес?
Филомена Пљаковска-Аспровска: Како што напоменавте, КаСис во моментов оваа услуга ја нуди преку три банки и резултатот на одличната професионална соработка овозможи пазарен удел од 74% во поглед на бројот на виртуелни ПОС терминали кои се опслужуваат.
Како општествено одговорна компанија во новонастантите услови на пандемија превземавме низа мерки се со една цел, континуираност на услугите и поддршка на клиентите. Имајќи ја предвид експанзијата на е-трговијата во овој период и зголемениот интерес за интеграција на нови продавници, даваме континуирана и засилена поддршка како процесите за интеграција ефикасно би се завршиле со цел побрзо отпочнување со работа на eлектронските продавници.
Во овој период дојде до израз високата свест и одговорност на сите вработени за што менаџментот на компанијата е особено благодарен. Се применуваат сите препораки од Владата при што се води голема грижа ризиците од трансмисија на вирусот да се сведат на минимум. Тековно, со примена на сите превентивни мерки, се одвиваат online тренинзи за вработените и сите предвидени редовни контроли и ресертификации на КаСис согласно високите стандарди на VISA и MasterCard. Истите успешно се реализираат. Од големо значење за нас е постојаната свесност поврзана со сигурноста и безбедноста на системите имајќи ја во предвид природата на нашето работење.
АЕТМ: На третата годишна конференција за е-трговија која ќе се одржи онлајн, Касис како златен спонзор директно го поддржа панелот за безбедност, а исто така вие сте еден од говорниците. Ако пред неколку години стравот, односно недовербата во безбедноста на трансакциите беше една од главните причини за да не се плаќа онлајн може ли да ни кажете што е тоа што се промени за да се подобри безбедноста во изминатиот период и какви се трендовите кои ќе се применуваат во иднина со цел и понатаму да расте довербата во овој канал за плаќање?
Филомена Пљаковска-Аспровска: Во последните години, употребата на информациско-комуникациските технологии во континуитет се зголемува. Воедно, оваа експанзија е основен двигател на глобализацијата и дава значителен придонес во развојот на економијата, животниот стандард и благосостојбата на целото општество.
Растот на технологијата наметна висока свесност кај сите засегнати страни преку:
- Воспоставување на инфраструктура отпорна на сајбер закани;
- Идентификување и имплементирање на соодветни решенија за заштита;
- Промовирање на култура за информациона безбедност, со цел сеопфатно разбирање, градење и унапредување на потребните капацитети за заштита.
- Зајакнување на капацитети за превенција, истражување и идните ризици;
- Соработка и размена на информации на национално и меѓународно ниво.
Развивањето на соработката меѓу финансиските регулатори и граѓанските организации во сферата на финансиската едукација е од исклучително значење за постигнување уште повидливи резултати со поголема достапност на знаењата до поголем дел од населението. Интересно е на пример да се спомене дека од истражувањата за 2019 година од спроведени анкети, 66% од населението се плаши од кражба на лични податоци и идентитет, а 39% од плаќање преку интернет (е-трговија) на производи и услуги.
Едукацијата и дигиталната писменост се клучните точки, на кои во континуитет треба да се работи со што статистиките ќе бидат во полза на зголемена доверба во купувањето онлајн истовремено задржувајќи го нивото на злоупотреба на ниско ниво. Ние како компанија учествуваме, ја поддржуваме и поздравуваме секоја кампања и иницијатива насочена кон едукација за безбедно купување на интернет.
Системот за е-трговија на КаСис и целата инфраструктура во континуитет е во согласност со стандардите и регулативите на MasterCard, Visa, PCI DSS, ISO, ЗЛП за безбедност на податоците. КаСис оваа година изврши и миграција на новиот стандард за безбедна е-трговија 3DS 2.0. Основната цел на имплементирање на новиот стандард е овозможување највисоко ниво на безбедност при купувањето на интернет и воедно обезбедување софистицирано и подобрено корисничко искуство. Новиот стандард за имателите на платежни картички овозможува зголемено ниво на безбедност преку дополнителна автентикација и дава можност во блиска иднина за воведување на автентикација со биометриски податоци.
АЕТМ: Во сопственост на Касис е cPay payment gateway кој како што спомнавме и претходно се користи од страна на три банки во земјава како решение за е-трговија. Можете ли да споделите какви функционалности се достапни преку cPay и дали сметате дека овие функционалности се доволно искористени од страна на трговците кои нудат онлајн плаќање или има уште голем простор за напредок и зголемување на ефикасноста?
Филомена Пљаковска-Аспровска: Касис во континуитет ги унапредува постојните и работи на развој на нови функционалности на cPay системот за е-трговија. Тековно поддржани функционалности кои може да се споменат се: плаќање во еден чекор, плаќање во два чекори (резервација/комплетирање), рефундирање/делумно рефундирање, плаќања на рати, повторувачки плаќања (Recurring payments), Card-On-File, можност за плаќање во повеќе валути. Употребата на понудените функционалности најмногу зависи од бизнис моделите и услугите кои ги нудат електронските трговци. КаСис заедно со банките неретко советодавно помага при избор на функциите неопходни за реализација на бараниот бизнис модел. Простор има за подобрување и веруваме дека пазарниот потенцијал е голем како за постоечките така и за развој на нови функционалности.
Придобивките за учесниците во електронската трговија се повеќекратни. За банките, значајна дополнителна услуга за збогатување на портфолиото на услуги, поголемо задоволство на клиентите и зголемен имиџ, за трговците флексибилност во тековното работење по принципот 24×7 (без ограничување во работното време), елиминирање на посредниците и директен пристап до крајните корисници, зголемување на приходите од работењето во услови кога online плаќањата одат во нагорна линија. За крајните корисници плаќање на производи и услуги преку интернет од било кое место, без физичко присуство, достапност на услуги и производи 24 часа во денот, 7 дена во неделата.
АЕТМ: Доколку трговец од Македонија сака да продава производи и/или услуги во странство и сака цените да ги изрази во една или повеќе странски валути, дали тоа е достапно за овие клиенти и како се одвива текот на трансакцијата, односно на кој начин се резервираат и реализираат трансакциите. Дали истиот износ кој се резервира ќе биде и наплатен или клиентот ќе се соочи со курсни разлики како резултат на конверзијата на средствата во друга валута и порамнување со картичните организации?
Филомена Пљаковска-Аспровска: Техничка подготвеност постои, и за презентација на цените во странска валута, а и самото плаќање да се реализира во странска валута, пример ЕУР или УСД. За оваа тема неминовна е консултација со банките опслужувачи на виртуелните трговци кои имаат желба да ги продаваат своите производи и услуги надвор од границите на државата, и со тековната важечка регулатива.
Како во физичкиот свет при купувањето со картичка, така и во виртуелниот свет на електронската трговија, конверзијата на валути е неминовен процес. Многу слично кога некој странец при посета на нашата преубава земја во локалните сувенирници купува сувенир за спомен во денари, со картичка. Процесите се исти, при конверзија во моментот на резервација од нашата локална валута денар во валутата на картичката, и потоа во процесите на порамнување.
Со цел да се избегнат и минимизираат недоразбирањата и секое сомневање во процесот на купување, неопходна е континуирана едукација на трговците и јасно презентирани информации на веб страниците преку кои се врши електронска трговија.
АЕТМ: Можете ли да споделите со нас нешто повеќе во врска со идните развојни планови на Касис АД Скопје, од аспект на тоа дали е можна соработка или интегрирање со некој од светски познатите сервиси или сепак развојот ќе го градите исклучиво на позитивните искуства и локалните потреби на компаниите и купувачите?
Филомена Пљаковска-Аспровска: КаСис во деловната 2020 година влезе со слоганот “2020 is digital. Say Hello!”.
Овој слоган произлезе од стратешките определби на Менаџментот на КаСис, да се стави уште поголем акцент на целосната дигитализација на процесите и да се излезе на пазарот со нови и иновативни услуги кои ќе придонесат во напорите за изградба на модерно дигитално општество.
Идеите за новите услуги и соработката со светски познати сервиси секогаш произлегуваат од потребите и барањата на домашниот пазар, со следење на трендовите на глобално ниво, како и од предвидувањата за идните потреби кои ги наметнува денешниот начин на живот.
Во изминатиот период во услови на глобална пандемија во КаСис покрај обезбедување континуитет и непрекинатост во испораката на постојните услуги за нашите клиенти, развиваме нови услуги кои ќе овозможат дополнителни придобивки за нашите клиенти и нивните крајни корисници – иматели на платежни картички и трговци. Понудивме услуги за следење и превенција на сомнителни и ризични трансакции во реално време, дополнителни услуги на АТМ терминали, веб сервиси за ефикасно управување со параметри за картичките и контрола на ризикот од злоупотреби и секако имплементација на најновиот стандард за електронските трговци 3DS 2.x. кој има за цел при зголемено ниво на безбeдност да обезбеди подобрено корисничко искуство.
КаСис заедно со банките и финансиските друштва и понатаму посветено ќе продолжи да овозможува и развива сигурни, современи и достапни решенија. Преку континуирана модернизација и олеснување на процесите и услугите кои ги нудиме на нашите клиенти, се стремиме кон создавање на дополнителна вредност и задоволство за сите учесници во екосистемот во кој делуваме.